Доза вести

Кога медицината подава рака на хуманоста: Со меѓународна поддршка започнува 8-мата сезона на „Ги запознаваме ретките болести“

Retki Bolesti Cover-za-kampanja-2026

Постојат болести што се ретки, но надежта, солидарноста и поддршката не смее да бидат ретки. Со моќна визуелна порака од медицински експерти од целиот свет, на 1 февруари, официјално ќе биде отворена осмата сезона на националната кампања „Ги запознаваме ретките болести 2026“.

Организаторите известуваат дека оваа година, кампањата носи силен меѓународен поттик:
– Во официјалното видео, доктори од различни земји го покажуваат својот солидарен гест – дланки обоени во боите на ретките болести, симбол на тоа дека науката и човечноста немаат граници. Овие дланки се ветување дека пациентите со ретки дијагнози не се сами во својата тиха борба – велат организаторите, здружението „Ретко е да си редок“, во соработка со „Живот со предизвици“.

Светлина за невидливите

Кампањата, предводена од граѓанската активистка Гордана Лолеска и здружението „Ретко е да си редок“, во соработка со „Живот со предизвици“, годинава буквално го осветлува патот на пациентите. На први февруари, знаменитостите низ државата ќе се обојат во боите на ретките и ќе светат целиот месец, потсетувајќи ја јавноста и институциите на потребите на овие граѓани.

Осмата сезона е доказ дека истрајноста е посилна од секој предизвик. Обоените дланки на докторите се симбол на прифаќање и разбирање. Целта е знаењето да го победи стравот, а едукацијата да отвори пат кон подобра терапија и достоинствен живот за секој поединец со ретка дијагноза – истакнува Гордана Лолеска, претседателка на „Ретко е да си редок“.

Професионален пристап и едукативна мисија

Како и претходните години, кампањата продолжува со својата професионална и едукативна мисија: Месец на свесност: Целиот февруари ќе биде исполнет со содржини кои ги прават „невидливите“ дијагнози видливи за јавноста и институциите. Стручна експертиза: Нови текстови и видеа за ретки болести, подготвени заедно со врвни специјалисти од Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“ и регионалните болници. Двојазична достапност: Сите материјали се достапни на македонски и на албански јазик, за да стигнат до секое семејство.

Напишете коментар