Архаизми – минато или можна иднина?
Дамар, ѕвездочатец, грамотен, ѓул, дијанија, драмџија…
Знаете што значат овие зборови?
Чет, ме мјутна, ме блокна… Ние младите, со секојдневната комуникација многу често користиме вакви зборови.
Но, архаизмите ни се далечни, па не знаеме оти дамари се вени, дека можеме наместо астролог, да кажеме и ѕвездочатец, ѓул наместо роза, освен академски – можеме да го употребиме и зборот грамотен, или, ако некој е скржавец, можеме за тој човек да кажеме и дека е драмџија.
Наредниот пат кога ќе сакаме да „македонизираме“ некој странски збор бидејќи не можеме да најдеме соодветен превод, можеме да застанеме и да отвориме речник на архаизми.
Македонскиот јазик е исклучителен збир на изворни поими и по некој збор останат од минатото. Со развојот на науката и културата, интернационализмите и англицизмите сѐ подлабого навлегуваат во стандардниот јазик. Тоа, секако, е во ред. Медицината и технологијата носат свои сопствени терминологии па, едноставно е практично да се употребуваат тие, за полесна комуникација на интернационално ниво.
Постојат околу 100 000 поими во просечната македонска лексика, а околу 300 000 – земјаќи предвид севкупниот вокабулар вклучувајќи ги и сите зборови од нестандардниот јазик. За споредба, англискиот јазик има околу 150 000 зборови.
Архаизмите, се зборови кои можат да бидат употребувани денес. Но, најчесто не ги користиме, бидејќи дел од нив сме замениле со нови. Не е едноставно да се вратат во употреба овие историски зборови, освен можеби во некоја лирска песна.
Но, ајде, барем малку, да се заинтригираме себе си и да ја разгледаме идејата за замена на некои странски зборови, со архаизми.
Koи архаизми ги знаете и ги употребувате?
Авторка на текст и илустрација: Елена Дурловска, средношколка и волонтерка во „Лице в лице“.
02.02.2023