Доза вести

Безбедноста на новинар(к)ите на Медиумскиот фестивал Скопје: како да се одбранат од дигитални напади и ВИ злоупотреби

Media Festival Skopje AI bezbednost novinarki

Прашањето за дигиталната безбедност на новинарките и новинарите станува сè поактуелно во услови на забрзан развој на вештачката интелигенција, а токму на овие предизвици ќе им биде посветена работилницата „Безбедност на новинарките во дигиталниот простор: ризици и одбрана од AI злоупотреби“, која ќе се одржи на 24 декември 2025 година во 17.30 часот, во рамки на Медиумскиот фестивал Скопје во кафулето „Котур“.

Работилницата, која ќе ја води Марта Стевковска,  е осмислена како интерактивна тренинг-сесија насочена кон препознавање, мапирање и практично справување со дигиталните закани што директно го загрозуваат безбедното и слободно новинарско работење. Пријавата за учество е на следниов линк.

Ризици и закани во онлајн просторот

Во фокусот се родово базираното онлајн насилство, говорот на омраза, вознемирувањето на социјалните мрежи, организираните кампањи за дискредитација, како и манипулациите и дезинформациите кои сè почесто се потпомогнати од злоупотреби на вештачката интелигенција.

Посебно внимание ќе биде посветено на deepfake технологиите и креирањето лажни дигитални идентитети, кои претставуваат нова и сериозна закана за интегритетот и безбедноста на новинар(к)ите.

Практични стратегии за заштита од дигитални напади

Преку анализа на реални случаи од земјава и регионот, учесниците ќе имаат можност подобро да го разберат локалниот контекст во кој се одвиваат дигиталните напади, но и заеднички да ги идентификуваат клучните предизвици со кои секојдневно се соочуваат медиумските работници.

Работилницата има за цел да ја подигне свеста за ризиците во дигиталниот простор и да придонесе кон јакнење на капацитетите за лична и редакциска одбрана од онлајн напади и ВИ злоупотреби, создавајќи безбеден простор за размена на искуства и практични решенија.

Активности во рамки на Медиумскиот фестивал Скопје

Настанот е дел од Медиумскиот фестивал Скопје, во чии рамки се организираат серија работилници кои се фокусираат на етичките предизвици во современото новинарство, етичката употреба на вештачката интелигенција и дигиталната безбедност на новинарките и новинарите. Работилниците се наменети за млади новинарки и новинари, студенти по новинарство, комуникации и медиуми, како и за медиумски професионалци кои сакаат да ги унапредат своите знаења и практични вештини во контекст на брзите технолошки промени.

Медиумскиот фестивал Скопје, овие два дена, 23 и 24 декември продолжува со дискусии, обуки и филмски проекции посветени на овие теми. Денешниот фестивалски ден е посветен на подготвеноста на локалните редакции за работа со вештачка интелигенција, на етичкото известување во дигиталната ера и на практичната примена на AI алатки во редакциски услови. Утрешниот ден пак, го става фокусот на безбедноста, регулативата и медиумската писменост во време на алгоритми и автоматизирани системи.

МФС се одржува во организација на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА Скопје. Сите заинтересирани можат да се ги видат деталите за програмата на овој линк.

Напишете коментар