Доза вести, Лице в лице тема

Булингот вселен во училиштата, очите на одговорните – широко затворени

Врсничкото насилство е секоја форма на непосакувано и агресивно однесување во училиштата, кое не застанува таму, туку продолжува да ги следи децата во домот и преку интернет. Иако е креиран инструмент со кој може наставникот да добие сознанија дали некој ученик е малтретиран, како и инструмент за пријавување насилство, наменет за учениците, ретко кој чул за нив, а уште поретко некој и ги применува

Повеќе од 22 отсто од средношколците во Македонија биле задевани или исмејувани, 36,4 отсто биле жртви на ширење невистини за нив, 10,6 отсто биле жртви на сексистички коментари или гестикулации,  а 11,6 отсто добиле навредлива или исмејувачка порака или навредувачки коментар на социјални мрежи и веб-портали, покажува истражувањето на Младинскиот образовен форум „Насилство кај средношколците“. Се претпоставува дека е слична ситуацијата и во основните училишта, но не постојат достапни истражувања во однос на оваа група. 

За феноменот недоволно се зборува јавно. Пред сѐ, поради стравот од дополнителни компликации кај тие што веќе го препознале меѓуврсничкото насилство и незнаењето како да постапат за да ги заштитат своите деца. Тоа што уште повеќе загрижува е непрепознавањето или замижувањето пред насилството од страна на наставниците и на родителите и отсуството на механизми за соочување со оваа појава.Меѓуврсничкото насилство е проблем со сериозни последици и токму затоа се неопходни решенија, но и програми за превенција.

Навреди, потсмев, пцости, омаловажувања, разни погрдни прекари, но и удари, лесни и тешки физички повреди се само дел од формите на врсничкото насилство.  И ова непосакувано и агресивно однесување во училиштата не застанува таму, туку продолжува да ги следи децата во домот преку интернет.

Зголемена агресија и насилство кај младите

Неодамна, земјава ја вознемири веста за тепачката меѓу две девојчиња од Неготино, додека нивните соученици ги снимаат со мобилен телефон. Иако сите се згрозија од настанот, ретко кој реши да го прескокне видеото што задолжително и во духот на новите генерации „на големо“ се споделуваше по социјалните мрежи.
Физичката пресметка што се случи во дворот на основното училиште „Гоце Делчев”  во Неготино е настан за кој целата нација имаше формирано мислење – кој е виновен, зошто воопшто се дозволило да дојде до ова и кон кого треба да се покаже со прст. Психологот на ова училиште, Елена Кабранова нагласи дека самиот чин на физичко насилство е за секоја осуда, но еднакво се виновни и тие што „навивале“ околу нив и ги турнале девојките една во друга со намера да предизвикаат тепачка. 

– Тоа што беше особено загрижувачки и забележливо на прв поглед од снимката е дека никој од соучениците и од присутните врсници не почувствувал потреба да ѝ понуди помош на жртвата или да извести некој од надлежните во училиштето – вели Кабранова.
Таа објаснува дека по немилата случка,  училиштето ги презело сите мерки според Процедурата за дејствување во случај на насилство меѓу ученици, но и дека ова искуство им било и лекција.
– Се надеваме оваа случка ќе придонесе за посериозен пристап кон проблемот и на национално ниво и ќе се најде соодветна стратегија за соочување со меѓуврсничкото насилство  преку програми за негова превенција и програми и процедури за реагирање во случај на насилство – нагласи Кабранова.
Професорката по социјална политика Марија Доневска наведува дека има многу причини за зголемена агресија и насилство кај младите. Доминира, вели, фрустрацијата, тоа чувство  на непријатност поврзано со неможноста да се реализира одредена потреба.
– Агресијата понекогаш претставува копија на однесување на другите. Агресивни ставови научени од родители, соседи, врсници… Домашното воспитание има огромно значење во формирање на агресивна личност. Во последно време се нагласува негативната улога и на телевизијата, интернетот, компјутерските игри, како фактор што го моделира агресивно однесување – појаснува Доневска. 

Низа проекти што на кој било начин го опфаќаат меѓуврсничкото насилство, било да се работи за кампањи за јавна свест, било за креирање програми за превенција, утврдуваат дека е потребно системски да се работи на препознавање на оваа појава, да се запознаваат учениците повеќе со функцијата психолог и педагог во училиштата, како и да се остваруваат вонучилишни соработки со стручни лица, организации, образовни институции и, секако, со родителите.

Препознајте ги знаците на булинг кај вашето дете

Булингот може да предизвика долгорочни последици кај личноста што е изложена на ваков тип однесување, особено во поглед на неговиот натамошен психо-социјален развој. Тој влијае на жртвата во сите сфери на нејзиното живеење и дејствување. Стравот, намалената самодоверба,  срамот и несигурноста се меѓу првите последици – објаснува психологот Ана Попризова од организацијата „Меѓаши“.
– Можат да се појават проблеми и нарушувања во спиењето и во јадењето, како несоница, потреба да се спие со вклучена светилка или со родителот, повраќање или проливи пред поаѓање на училиште, општа напнатост, фрустрација и напади на лутина. Ученикот што е жртва на насилство од врсниците може да има проблеми и во учењето, како проблеми со концентрација и со помнење, што доведува до намалени постигнувања и до намален училишен успех. Секако се намалуваат и неговите социјални контакти, повлечен е и изолиран, во училиште го избегнуваат и не е прифатен во паралелката. Доколку личноста е подолготрајно изложена на насилство, можно е да се појават и депресивни состојби, кои можат да доведат и до обид за самоубиство или самоубиство – објаснува Попризова.
Но, кои се првите знаци што треба да ги забележиме кај детето што е изложено на врсничко насилство? Како да ги препознаеме?
Како што објаснува Попризова, многу често детето што е жртва на насилство станува несигурно, напнато, плачливо, а еден од знаците дека можеби нешто се случува во училиштето е кога детето почнува да изјавува дека не сака да оди на училиште, ги избегнува и вонучилишните активности, не сака да оди на екскурзија.
– Ова треба да биде знак дека нешто се случува и родителот во разговор со детето треба да го провери тоа. Понекогаш децата не споделуваат и не зборуваат за ова со родителите бидејќи се чувствуваат како нешто да не е во ред со нив и затоа е многу важно ова да се провери со наставниците и соучениците.
Попризова објаснува дека, во вакви случаи, најголема помош од родителот за детето би била поддршката што може да му ја даде. Таа треба да се изрази преку разговор за тоа што се случува, за чувствата на детето, без негирање на проблемот („Ништо не ти е“), туку со негово присуство во процесот на соочување со малтретирањето.
– Многу е важно на детето да му се покаже дека не е само во овој процес. Родителот треба да реагира и во училиштето и да побара и стручна помош – вели таа.

Документи постојат, проблематична е примената

Јасниот став дека не смее да се толерира каков било вид насилство треба да е дел од носечките документи на училиштата, но особено е важно тоа да не изостане од спроведување.
Александра Пешевска – Митановска е член на Тимот за спречување на насилството во училиштето во рамки на Програмата за борба против насилството во училиштето, како дел од Проектот за основно образование – ПЕП на УСАИД, што подоцна станува задолжителна програма за сите основни училишта на ниво на Република Македонија. Таа објаснува дека меѓуврсничкото малтретирање (булингот) е дел од овој документ, и дека, ваквата политика е законска обврска за секое основно училиште.
– Секое училиште е должно да има свои процедури за спроведување. Но, тоа што е проблематично е примената. Некои училишта се повешти, некои не, истото важи  и за наставниците, па и за учениците. Некои можат да реагираат, некои не можат ниту да препознаат. Имаме уште многу работа на оваа тема – вели таа.
Пешевска – Митановска објаснува дека во рамки на програмата биле создадени  инструменти – еден со кој наставникот може да добие сознанија дали некој ученик е малтретиран, а, исто така, и инструмент за пријавување насилство, наменет за учениците или за секој што сака да пријави насилство.
– Препознавањето на насилството и на булингот, секако, многу зависи од различните средини, од културата, навиките. Тоа што во други земји се смета за малтретирање, кај нас може воопшто да не е препознаено, токму поради различното наследство и култура – објаснува таа.
Државниот просветен инспекторат на секои три години прави интегрална евалуација на квалитетот на работата на училиштата, кога, меѓу другото, го оценува и подрачјето за спречување на насилството – објаснува Пешевска – Митановска.
Прашани за системски решенијa во поглед на превенција и на соочувањето со меѓуврсничкото насилство, Министерството за образование и наука (МОН) објаснува дека, во соработка со Министерството за внатрешни работи, единиците на локалните самоуправи, училиштата, странските партнери и со граѓанските организации, во континуитет се работи на подигнување на свеста кај младата популација за потребата од толерантно однесување и надминување на конфликти без насилство.
Горан Галевски од Одделението за односи со јавност при МОН нагласува дека со новиот Закон за основното образование, кој е веќе објавен за консултации со јавноста, предвидени се низа мерки во насока на промоција на промовирање еднаквост меѓу сите ученици и активно спротивставување на сите облици на дискриминација и на насилство, што е обврска на вработените во училиштата.
– Се воведуваат и програми за заштита од насилство, злоупотреба и запуштање, програми за спречување дискриминација и програми за превенција на други облици девијантно однесување. Предвидени се и програми за соработка со родителите – вели тој.

Клучот е во превенцијата

Особено е позитивно што самите ученици организираат и се дел од активности во рамките на граѓански организации за препознавање на булингот. За деца што се во развоен период, не е лесно да го препознаат овој вид насилство, особено поради тоа што тоа е вербално, односно психичко, а сѐ почесто е и малтретирањето врсници преку интернет. 

Познавачите велат дека превенцијата е најефикасниот начин во борбата против меѓуврсничкото насилство. 

– Таа бара посветени родители и наставници, одговорни државни институции, медиуми, граѓански организации на кои приоритет во работата ќе им биде почитувањето на правата на децата и нивниот најдобар интерес – велат од правната служба на Првата детска амбасада во светот, „Меѓаши“. Оттаму објаснуваат дека остварувањето приоритетен интерес и заштитата на децата од криминал, насилство и од кој било облик на загрозување на нивните слободи и права и нивниот правилен развој е меѓу целите на Законот за правда на деца.
– Предвидена е помош и грижа за децата и заштита во постапката пред судот и пред другите органи на нивните слободи и права загарантирани со Уставот на Република Македонија, со Конвенцијата за правата на детето и со другите меѓународни договори за положбата на децата – појаснуваат оттаму.
Од „Меѓаши“ упатуваат и на Законот за основно образование на Република Македонија, каде што јасно стои дека е забрането телесно и психичко малтретирање на ученикот.

Србија се бори да донесе „Алексин закон“

Јавноста во соседна Србија го поттикна  т.н. „Алексин закон“, кој предвидува можност насилникот да биде суспендиран од училиште до 30 дена, а во меѓувреме да му се даде стручна помош, како и одземање лиценца и отказ за наставниците и за стручните лица што не го препознале насилството во училиштето.
Станува збор за збир од предлози за измена на веќе постојни закони, како Законот за основно образование и воспитување, како и нов, кој иницира формирање посебна институција – детски омбудсман.
„Алексин закон“ дојде како реакција на трагичниот настан во 2011 година, кога 14-годишниот Алекса Јанковиќ се самоуби поради врсничко насилство во училиште. Барајќи донесување на овој закон, родителите на момчето со години се борат ниту едно дете веќе да не ја доживее истата судбина. 

Ова не е единствен случај во регионот, 14-годишниот Махир Раковац од Сараево се самоуби во 2015 година, исто така, поради врсничко малтретирање.
Во Србија е поттикнат и проектот „Другарот не е цел“, со идеја, како што велат, да ја прекине колективната амнезија за овој проблем и да се дејствува континуирано и превентивно. Наставниците држат настава во маички со мотото на иницијативата, повеќе од сто училишта се вклучени во проектот, отворена е СОС-линија за пријава на врсничко насилство, илјадници ученици пренесуваат пораки на пријателство и на љубов, поделени се повеќе од 10.000 прирачници, а добиена е поддршка и од повеќе од 100 јавни личности,

Постојат три типа меѓуврсничко насилство:
Вербално: навреди, закани и злобни и непристојни коментари.
Социјално: повредување на нечија репутација и однос со другите врсници, со ширење лаги и со убедување на друштвото да отфрлат некого.
Физичко: се користи физичко насилство.

Истражувањето „Насилство кај средношколци“ на Младински образовен форум, упатува дека насилството е значајно застапено меѓу средношколците во Македонија. 


Искуство со манифестирано насилно однесување

– 19,6 отсто од испитаните ученици имале физичка пресметка со некого во изминатите 30 дена 
– 25 отсто некого турнале или му удриле шлаканица
– 7,7 отсто влечеле некого за коса, алишта или терале да прави нешто што другиот не сакал да направи.

Жртви на насилство
– 13,3 отсто од испитаниците  биле удрени со тупаница, клоца, давени и / или претепани,
– 7,2 отсто биле нападнати со палка, шише, нож, боксирач или друг вид неогнено оружје,
– 7,1 отсто биле заплашени со пиштол и принудени да направат нешто што не сакаат.

Автори: Анета Ристеска, Љубица Симоноска, Маја Раванска
Илустрација: Зоран Инадески
(Текстот е објавен во 31 издание на „Лице в лице“, (јуни, 2018), посветено на борбата против меѓуврсничкото насилство)


Напишете коментар