Како старите работи стануваат повторно корисни – запознајте го центарот „Ништо ново“

Сте се запрашале ли што да им правите на старите работи дома? Или пак, имате омилен предмет на кој му е потребно уште малку живот?
Здружението „АРНО“ има одговор. Ова што тие ќе го направат, нема да биде ништо ново, но ќе биде ваше и ќе биде целосно функционално. Зборуваме за новиот центар за поправка насловен „Ништо ново“, кој се наоѓа во Кисела Вода. Разговарме со Антонио Даниловски, проектен координатор на „АРНО“ кој накусо ни објаснува како функционира овој центар.
Како можеме да ве најдеме? Што можеме да направиме ако сакаме да ве посетиме?
Можете да нè најдете на социјалните мрежи и таму да се пријавите. Принципот е едноставен – прв дојден, прв услужен. Ќе добиете повратен мејл со информација дали сте избрани за поправката во таа недела. Сместени сме во Кисела Вода, веднаш до основното училиште „Невена Георгиева – Дуња“, на улицата „Георги Сугаре“ бр. 14.
Кои се хероите зад оваа иницијатива?
Херои сме сите што учествуваме!
Иницијативата започна благодарение на моите колешки Ирина Јаневска и Маријан Ицоски. Пред осум години, додека беа во Ријека, Хрватска, го посетија првиот таков Центар за поправка – „Риперај“, и од таму ја донесоа идејата тука.
Дали мислите дека вакви центри треба да има во секоја општина?
Апсолутно! Сметам дека ваков центар треба да има во секоја општина – не само во Скопје, туку низ цела Македонија. Актуелните градоначалници покажуваат интерес и подготвеност за поддршка, и ние сме отворени да ги споделиме нашите искуства и да помогнеме во развивањето на такви иницијативи.