#Challengerдома – мобилна апликација која ги мотивира граѓаните да останат дома
#ChallengerДома e алатка која ги мотивира сите граѓани да останат дома и со тоа да го победат корона вирусот, велат од тимот на Challenger кои деновиве ја лансираа нивната мобилна апликација која што можете да ја инсталирате преку продавницата за апликации на мобилните телфони, iOS или Android.
„Пандемијата не поттикна да креираме мобилна апликација за граѓаните што ја нарековме #ChallengerДома за да не мотивира сите во државава да остaнеме дома. Апликацијата користи гео-локација на мобилниот телефон, за да верифицира на секои 30 минути дали навистина сте останале дома. Исто така за секој час што ќе го поминете дома ќе добиете таканаречени Дома поени што можете да ги размените за купони за попуст во локални македонски бизниси“ вели Олга Рајчиќ од Challenger.
Тимот додека ја креирал апликацијата сакал да има двојна добивка, како за граѓаните, така и за компаниите, кои претставуваат алка на синџирот во општеството, благодарение на Фонд за Иновации и Технолошки Развој.
„Горди сме што 50 македонски мали и големи компании се приклучија во #ChallengerДома и ја препознаа нашата искрена мисија. Таа е да им помогнеме особено на локалните бизниси, заедно да ја пребродиме финансиската загуба предизвикана од пандемијата. Токму затоа ги повикуваме, како малите така и големите компании да ни се приклучат, бидејќи сите заедно можеме повеќе“ додава Олга Рајчиќ .
Интересен факт е дека моменталната состојба со Ковид-19 го предизвика тимот да ја приспособи нивната претходна мобилна апликација Challenger која ги мотивира и наградува луѓето кои пешачат или возат велосипед, со цел да се намалат CO2 емисиите во воздухот во државава.
Апликацијата #ChallengerДома ќе биде во функција се додека трае пандемијата.