Магазин

Менталното здравје ни е на почек

Време на читање: 5 минути
ПОПУСТО Е ГРИЖА ЗА ОКОЛИНАТА, ЖИВОТНИТЕ, ПЛАНЕТАТА И ЗА СЀ ДРУГО, АКО НЕДОСТИГА ЗДРАВЈЕТО, МЕНТАЛНО, НА ТОЈ ШТО ТРЕБА ДА ЈА ЗАЧУВА ОВАА ВЕЌЕ ПОЛУПРОПАДНАТА ПЛАНЕТА ВО ОПШТЕСТВЕНО-КУЛТУРОЛОШКО-ИСТОРИСКА СМИСЛА
- банер -

Одамна помина времето кога здравјето и болеста се подразбираа како два посебни вида реалност, т.е. здравјето како отсуство на болест и болеста како отсуство на здравје. Дуализмот изумре уште кога Декарт изусти дека имаме две битија, душа и тело, две стварности посебни една од друга, но кои си влијаат меѓусебно. Уште оттогаш занеме гласот на поделеноста на тело и на дух, на мисла и на движење, на болест на срцето и на болест на умот. Научната мисла одамна ја проѕре намерата на дуализам да ја разнебити меѓузависноста на сѐ што постои во нас, без разлика дали е орган што се гледа, допира, чувствува или, пак, е емоција, која е апстрактна, а, сепак, толку насушно и секојдневно присутна.

Сѐ што се случува во телото се одразува и на душевноста, и обратно

Холизмот го зазема првото место во разбирањето на здравјето како релативност на болното и на функционалното во нас, без разлика дали е на ментално или на телесно ниво. Психосоматиката (психа-душа, сома-тело) беше првата крстосница по која немаше враќање и човекот низ научните дострели на медицината и на психологијата разбра дека сѐ што се случува во телото се одразува и на душевноста, и обратно. Денес е познато дека секој орган, ткиво, телесен супстрат е под влијание на душевноста. Секоја емоција, мисла, состојба на душата е директна или индиректна последица на некои / некакви телесни процеси, состојби, функции.

Обележаност за менталното здравје

Кога зборуваме за менталното здравје, мора да се истакне дека отсекогаш постоела обележaност и негова погрешна перцепција.
Многу векови и децении наназад, колективната медицинска култура и естаблишмент, како и пошироката околина, душевно болните луѓе ги доживуваа, третираа и разбираа како демонски битија, кои, едноставно, се – луди! Психијатарот Крепелин, пак, кој се бореше за хуманизација на третманот на душевно болните луѓе, рекол дека тие се исти како секој од нас и се само болни, не се опседнати од духови. Болката на овие страдалници и наши соседи, сограѓани и луѓе што не се авети, ами живи битија, стануваше сѐ поголема, а стереотипот и погрешната генерализација земаа огромен размер.
За жал, и денес, на едно општествено ниво, состојбата не е ништо подобра. Сѐ уште, дури и во големите градови, постојат поединци што за овие луѓе се изјаснуваат со поимите – луд, будала, ненормален, поместен итн. Сите тие невкусни терминологии се само показател на нашиот срам, условно речено, срамот на токму тие „нормални“ поединци, кои, едноставно, не ја разбираат суштината на проблемот.

Луѓето со тешкотии во менталното здравје имаат понеетички услови за лекување од сите други, кои страдаат од телесни нарушувања

Сведоци сме и во нашата средина дека луѓето што страдаат од тешки душевни тешкотии и / или нарушувања, без разлика дали се од невротичен или психотичен карактер, или, пак, се само последици на стресни влијанија и / или животни кризи, дури и денес имаат многу понеетички услови за лекување и за третман од сите други луѓе што страдаат од телесни нарушувања. На пример, ако ги споредите, пред сѐ, државните клиники и / или диспанзерите, амбулантите за луѓето со душевни тешкотии и / или ментални нарушувања, и тие што страдаат од телесни проблеми, веднаш ви станува јасно дека првите живеат, битисуваат и се лекуваат во многу полоши хигиенски услови, но и понесоодветна грижа од аспект на персонал, опрема, број на стручни лица што се грижат итн. Со чесни исклучоци и без намера некого да издвоиме по лошо или по добро, сепак, генералната слика е дека луѓето што имаат тешкотии во менталното здравје се третирани многу понечовечки и понехумано и се жртви на многу поизразена обележаност, која условува многу потежок процес на социјална и општествено-културна вклученост.
Везден слушаме дека некој се грижи за менталното здравје на заедницата, но, сепак, општата слика е дека болниците, и условите и третманот на телесно настраданите се многу подобри од условите и од околностите на луѓето со проблеми во менталното здравје, без разлика на нивниот обем, вид и квалитет. Се појавува и некоја спорадична кампања за подигање на свеста, но, главно, одат само медиумски, а не институционално. Кампањите помагаат, но не го решаваат проблемот, не постои некој организиран и системски начин на дејствување.

Вредностите на душата – во последен ред

Сведоци сме на борба на различни здруженија, организации, поединци, за луѓето што страдаат од различни специфични состојби. Многу ретко гледаме некакви иницијативи за грижа за луѓето што имаат ментални нарушувања, а не, пак, за нивна превенција и унапредувањето на менталното здравје. Дури и кога ги има, сѐ се сведува на огромната доблест, грижа, активност и самопрегор на професионалците од областа на кои може (со оглед на условите во кои работат и платите што ги примаат) само да им подадеме рака и да им честитаме. Тоа се психијатри, психолози, психотерапевти, советници, лекари и друг стручен персонал, а ние треба да станеме свесни за нивните жртви и лични залагања. Ако ја споредиме борбата на организациите, министерствата, поединците, за другите области на вкупното здравје, ќе забележиме дека во поглед на процентот на луѓе со ментални нарушувања и / или проблеми, сите тие се борат за многу помала група индивидуи во споредба со огромната популација луѓе што имаат ментални тешкотии. И сè некако тие луѓе се ставани на почек, за утре, за задутре, за некогаш… Со должна почит и поддршка за сите борци за некој што страда, мора, и крајно време е и државата и поединците и организациите, и сето општество, малку повеќе, поискрено и со повеќе ресурси да се погрижат за луѓето што во денешново стресно време се борат да го одржат, зачуваат, а не, пак, да го унапредат менталното здравје. Како да дојде време во кое и така вредностите на душата се ставени во последниот ред, да се отфрли сѐ што има врска со личноста на човекот, а да не заборавиме, човекот е единственото свесно битие. Попусто е грижа за околината, животните, планетата и сѐ друго, ако недостига здравјето, ментално, на тој што треба да ја зачува оваа веќе полупропадната планета во општествено-културолошко-историска смисла.

Неопходна е едукација на населението

Како човек што директно се занимава со менталното здравје и самиот се среќавам со еден жежок проблем, а тоа е достапноста на услугите за ментално здравје на секого во нашето општество на кого тоа му е неопходно. Иако постојат многу професионалци што се занимаваат со оваа проблематика, сепак, факт е дека не е секој способен сам да си ги плати нивните услуги. Повеќето луѓе не можат да си дозволат приватни услуги, сеанси и стручна помош, без разлика дали медицинска или психолошка, за да работат на себе и да го унапредат менталното здравје. Тоа што го сметам за неопходно е прво да се направат едно или повеќе обемни истражувања на ниво на државата, во кои би се опфатиле повеќе области за да се види каква е општата состојба од аспект на менталното здравје.
Неопходна е посистематска, подетална и сериозна едукација на населението за свесноста за менталното здравје, грижата за децата уште од најмали, за емоционалната зрелост, важноста на грижата за менталното здравје, превенција и третман и друго. Сѐ потекнува од семејството, па оди погоре кон општествените кулоари, кои би го третирале сето ова како најсериозна работа. Потребно е вклучување на сите општествени фактори. Претендираме да бидеме членка на големото светско и европско современо општество, кое се грижи за менталното здравје исто како и за телесното, па, оттаму, лупата на поразвиените ќе се насочи и на тие точки од развојот на нашето општество.
Потребно е да мислиме сега и овде и да дејствуваме сите како што можеме за општо добро зашто општество без свесни, ментално разумни и квалитетни поединци не е општество со светла, а не, пак, со среќна иднина.

(Авторот е психолог)

Текстот е објавен во 37. издание на „Лице в лице“
Илустрација: Зоран Инадески

Напишете коментар