Магазин

Како да се избегне апоклипсата за 12 години ?

Време на читање: 7 минути
НАШИТЕ ЛИДЕРИ ВО ПОЛИТИКАТА, РЕЛИГИЈАТА И ВО ЗАЕДНИЦИТЕ ТРЕБА ДА ПРЕЗЕМАТ ХРАБРИ, КОМПЕТЕНТНИ И ИТНИ АКТИВНОСТИ ЗА ДА СЕ УНАПРЕДУВААТ ВРЕДНОСТИТЕ НА ОДРЖЛИВОСТА И НА ЕТИКАТА И ДА СЕ ФОКУСИРААТ НА ОПШТОТО ДОБРО
- банер -

Седумнаесетте цели за одржлив развој (Агенда за одржлив развој 2030 година, усвоена од сите земји-членки на Обединетите нации, вклучувајќи ја и Македонија, во 2015 година) се повик за итно дејствување за големи промени за да се стави крај на сиромаштијата, да се намали нееднаквоста, да се подобрат здравјето, образованието и социјалното добро на глобален план, да се соочиме со климатските промени и да ги зачуваме океаните, шумите и живите суштества.  

Дванаесеттата развојна цел се однесува на обезбедување начини за одржлива потрошувачка и производство – промени во тоа како и што произведуваат претпријатијата и индустријата и што купуваме и употребуваме.  Тука се вбројуваат националната и локалната власт, бизнис-лидерите, работниците и синдикатите, фармерите, научната и технолошката заедница, сиромашните, маргинализираните, младите и сите ние како потрошувачи. 

Потребата од одржлива практика – неминовна!

Поставените цели се далекосежни и носат предизвици. За нив е неопходна глобална рамка на програми за одржливо производство и потрошувачка, национални акциски планови што се интегрирани во националната политика, алатки за мерење и за мониторинг на напредокот и транспарентни извештаи.  
Резултатите што се очекуваат во овие дванаесет години се итно неопходни. Тука спаѓа постигнување одржливо управување и ефикасно користење на природните ресурси, отстранување на неефикасните и штетни субвенции за фосилни горива и нивна намалена употреба, контрола на јавната потрошувачка на материјали, драстично мерливо намалување на загубата на храна во текот на производството и фрлањето храна во малопродажбата и од потрошувачите, значително намалување на отпадот што го создаваме преку превенција, рециклирање и повторна употреба и еколошки издржана контрола на хемикалиите и на отпадните материи во текот на нивниот животен циклус и нивно намалено испуштање во воздухот, водата и во почвата.

Од клучна важност е да се очекува од целиот бизнис-сектор и од индустријата да усвојуваат одржлива практика и да вклучуваат информации за одржливоста во циклусот на поднесување извештаи. Од претпријатијата и од националните агенции се очекува да ги користат науката и технологијата за наоѓање решенија за поодржливо производство и дистрибуција. Од националната власт се очекува да обезбеди регулатива за тоа.

Луѓето мора да бидат информирани, едуцирани, охрабрени или обврзани да го променат животниот стил и начин на купување за да бидат во поголема хармонија со природата. Веќе подолг временски период постојано нѐ информираат дека не можеме да имаме сѐ повеќе и повеќе. Меѓутоа, иако многу луѓе во Македонија се борат да го обезбедат својот опстанок и мора да се потпрат, на пример, на користење евтина храна, која е направена од неодржливи материјали, повеќето од нив се неодржливи потрошувачи (да споменеме само неколку примери: прекумерно користење автомобили, електрична струја или електрични апарати, пластика, вода; прекумерно купување модерна облека, уреди со краток век на траење, со прекумерна амбалажа; прекумерно јадење месни производи, палмино масло, газирани пијалаци во пластични шишиња). Нашите предци биле материјално многу посиромашни. Тие имале помал избор. Се гоштавале еднаш или двапати во годината. Сега, се гоштаваме секој ден, и ако не можеме, сакаме да го направиме тоа колку што можеме поскоро. 

Jадењето месо е втора по големина опасност за животната средина

Ние, луѓето, сме како рој скакулци, кои ненаситно јадат сѐ по патот уништувајќи го природниот свет, уништувајќи се едни со други и доведувајќи го човештвото и човечкиот род сѐ поблизу и поблизу до работ на уништување. Глобалниот економски свет е насочен само на пораст, уништување на природната средина, неизбежно масовно исчезнување на животинскиот свет, катастрофална загуба на плодната почва и дрвја, злоупотреба на корпоративната моќ, труење на океаните, неизвесен пристап до чиста вода, загуба на вредни минерални ресурси, рапиден пораст на човечката популација, нееднаквост и сиромаштија – дали сум загрижен за тоа?  Кој? Зар јас?

- банер -

Знаеме дека луѓето се крајно безначајни.  Револуционерната нова процена од 2018 година за животот на земјата, „Дистрибуција на биомаса на земјата“ од професорите Јинон M. Бар-Oн, Роб Филипс и Рон Мило потврдува дека населението од 7,6 милијарди луѓе во светот претставува само 0,01 процент од сите живи суштества. Меѓутоа, нашето влијание и капацитет да се нанесе штета се огромни.
Да се фокусираме на производството на храна. Преку нашите активности е предизвикано исчезнување на 83 проценти од дивите цицачи, 80 проценти од подводниот живот, 50 проценти растенија, 15 проценти риби. Од сите цицачи на земјата, 96 проценти се сега жива стока за наша исхрана,  а само четири проценти се диви цицачи. Унијата на загрижени научници наведува дека јадењето месо е втора по големина опасност по животната средина со која е соочена земјата. Нашите поединечни навики за исхрана, производство и методи на преработка имаат огромно негативно влијание. Го деградиравме земјиштето, ја намаливме плодноста, прекумерно ги користиме и злоупотребуваме.  Се троши и фрла преголема количина храна. Две милијарди луѓе во светот имаат прекумерна тежина, додека, според процените, еден на десет луѓе е гладен или недоволно нахранет. Само секторот за храна учествува со 22 проценти во вкупната емисија на гасови што предизвикуваат ефект на стаклена градина. Постојат слични, застрашувачки податоци на глобално ниво за енергијата, употребата на фосилни горива, снабдувањето со вода, комерцијално и во домовите.  Накусо, ние луѓето сме екстремно ефикасни во експлоатацијата на природните ресурси во светот, но, сме безнадежни во однос на грижата за нив.

Луѓето се закана и за себе и за планетата

Зошто сме прекумерни потрошувачи? Ние, пред сѐ, сме свесни суштества, со морал, големи способности и споделена одговорност. Дарек Гондор, во својата книга „Зошто сме прекумерни потрошувачи” со право го изедначува „високиот“ човечки развој со неодржливата потрошувачка. Тој укажува на истражувањето што го поврзува тоа со човековиот развој и со природната селекција. Тие што биле најефикасни во собирање ресурси – преживеале, најуспешните ловци си нашле сопатник во животот, шареното прикажување влијаело на сексуалната селекција и на повисокиот статус и повеќе добра ја дефинирале социјалната положба, доделената моќ, партнери и среќа. Од сето тоа произлезе многу помалку  да работиме на опстанокот и да бидеме експлоатирани од професионалците по маркетинг.
Џон Ф. Жумакер објаснува зошто не почнуваме да дејствуваме („Криза на личноста“, Тhe Personality crisis, New Internationalist Magazine, ноември- декември 2018 година). Тој тврди дека постојната култура на потрошувачка ја пренасочи нашата личност од емпатија, грижа, грижа за општеството кон тривијалност, нарцизам, себичност и неангажираност.  Станавме морално незрели, неспособни да дејствуваме, прифаќаме однесување што претходно било неприфатливо, речиси и желно за деструкција. Однесувајќи се како деца, ние им ја одземаме моќта на нашите млади луѓе. Со жалење се заклучува дека „Тоа што сме сега никогаш не било понесвојствено на тоа што треба да бидеме. Тоа што станавме е најголема закана за нас самите и за планетата.  Совршено нѐ подготвија, и психолошки и духовно, за катастрофа. Станавме тешки. Ние сме луѓето на апокалипсата”.
И што треба да се направи? Дали сме способни да ги контролираме производството и потрошувачката за да си ја заштитиме иднината? Светот се наоѓа на крстопат.  Македонија фаќа чекор и мора да биде свесна дека со развојот и со инвестициите оди во погрешна насока! Ова се времиња на големи предизвици, но и на големи можности. 

Неопходни се транспарентни извештаи за одржливоста

Нашите лидери во политиката, религијата и во заедниците треба да преземат храбри, компетентни и итни активности за да се унапредуваат вредностите на одржливоста и на етиката и да се фокусираат на општото добро.  Гласачите треба да ги поддржуваат политичките партии што промовираат одржлив развој. Треба да престанеме да гледаме само за себе и за сопствениот џеб. Тие треба да ги усогласат стратегиите и приоритетите за политика со меѓународните цели и потребите на национално ниво (луѓето и животната средина). Неколку сугестии:  процената за влијанието врз животната средина да стане дел од секој закон и набавка / проект и да се известува за постигнатиот напредок; да се бараат извештаи и од мали и големи претпријатија и организации. Финансирањето и поддршката да се насочат кон сиромашните и очајните за и тие да ги задоволат основните потреби за живот. Финансиски да се поддржуваат претпријатијата со докажани процеси за одржливо производство, пакување и дистрибуција и активно да се контролираат загадувачите. Да се направи диверзификација на изворите на енергија во земјата, да се намали зависноста од фосилни горива, да се формира национална служба за управување отпад,  да се регулира градењето, да се подобрува јавниот и одржлив превоз и да се намали користењето автомобили. Да се соочиме со загадениот воздух. Да го внесеме одржливиот развој во наставните планови и да создадеме училишта што ќе служат како модел. Со закон ефективно да се спречуваат граѓаните да користат пластика за еднократна употреба, или неефикасно да ги користат автомобилите и да се наградуваат за енергетска ефикасност или користење јавен превоз. Сето тоа, исто така, ќе го поддржи и внатрешното инвестирање и позитивната деловна практика во земјата и ќе служи како модел за другите.

Бизнисот и граѓанските организации треба да направат фундаментален преглед на користењето ресурси, производствени материјали и процеси и на нивната дистрибуција. Исто така, на потрошувачите треба да им обезбедат јасни информации и транспарентни извештаи за одржливоста. Тие треба активно да разгледуваат начини на кои технологијата и иновациите можат да одат в прилог на оваа цел. Маркетингот треба да се користи за промовирање на одржливоста на нивните производи, а не за да се поттикнува прекумерна потрошувачка. Тоа нуди големи можности за бизнисот.

Да се разбудиме и да менуваме!

Вие и јас мораме да ја разбудиме нашата совест и чувство за општествена одговорност. Мораме да дејствуваме против претпријатијата што загадуваат, да бидеме активни во локалната заедница и да бараме одговорност од политичарите. Мораме да го промениме нашиот животен стил и различно да трошиме.  Проверете го „Водичот на мрзливиот човек за заштита на светот“ (Lazy Person’s Guide to Saving the World) (https://www.un.org/sustainable… ). Решете се да пешачите или да користите јавен превоз, намалете ја потрошувачката на енергија и вода дома, зголемете ја ефикасноста и префрлете се кај производителите на зелена енергија, носете ја облеката најмалку 30 пати, намалете ја потрошувачката на месо, станете вегетаријанци или вегани, остатоците од храна направете ги компост и рециклирајте сѐ што можете;  одбивајте бесплатна пластична амбалажа, носете торба на пазар, барајте производи што не се произведени со суровост и производи со кои се тргува праведно. На работното место настојувајте на ефикасност во канцеларискиот простор, e-системи, рециклирање и отстранување пластични чаши…

Грета Тунберг е 16-годишна активистка за климатски промени, која го организираше првиот училиштен штрајк за климата пред зградата на шведскиот парламент. Во 2018 година таа се обрати на Конференцијата за климатски промени на Обединетите нации.  Во јануари 2019 година зборуваше со светски лидери, меѓу кои беше и премиерот Зоран Заев на Светскиот економски форум во Давос. Нејзината порака беше наменета за секој возрасен човек. „Не ја сакаме вашата надеж за подобра иднина. Не ни требаат уште студии. Сакаме и вие да почувствувате страв како и ние. Ги имаме сите факти и решенија. Сѐ што треба да направиме е да се разбудиме и да менуваме”. 

Време е сите ние да се разбудиме и да  застанеме зад тие што се Грета Тунберг во овој свет, пред да биде предоцна за тоа.

(Авторката е менаџерка за едукација и советничка за квалитет)
Текстот е објавен во 35. издание на „Лице в лице“
Илустрација: Зоран Инадески

Напишете коментар