Чекор напред во поглед на родовата еднаквост и превенцијата од родово базирано насилство
Отворање градинки и дневни центри, функционирање на центри за препознавање на сексуално и родово базирано насилство, зголемување на еманципацијата на жените, искористување на планот за активација, промена на Законот за аборуст, се само дел од работите кои се преземаат со цел унапредување на позицијата на жената во однос на родовата еднаквост во нашата земја.
На денешната конференција „Обмислени лидерски разговори за Меѓународна конференција за население и развој – Што се промени во последните 25 години?”, што се одржа по повод одбележување на Светскиот ден на населението, говорниците се осврнаа на родовата еднаквост, родово-базираното насилство, репродуктивното здравје, како и правата на младите.
Генералниот заклучок од дискусијата е дека во последните две години, Владата има направено големи чекори во однос на темите за кои се дискутираше, но оти треба да се направи многу повеќе со цел постигнување на посакуваните резултати.
Министерот за здравство Венко Филипче, посочи дека во земјата се отворени три центри за препознавање на сексулано и родово базирано насилство.
– Ги спроведуваме превентивните програми во рамки на Министерството за здравство. Донесен е новиот Закон за абортус, со значајни подобрувања во однос на ослободување на рестриктивните мерки што ги имаше стариот закон. Морам да ги потенцирам и превентивните ХИВ-програми што ги спроведуваме заедно со граѓанските организации, како и Центарот во амбулантата на Водно за лесно достапни услуги, но и информации од областа на сексуалното и репродуктивното здравје, пред се кај адолесцентите, наведе Филипче.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска истакна дека е ретификувана Истанбулската конвенција, посочувајќи дека е операционализирана и дека за пет години треба да бидат постигнати целите од неа.
– Во сите региони развиваме услуги што се потребни со цел превенција и заштита од родово базирано насилство на жените и девојките. Исто така, усвоен е и законот за недискриминација. Со развојот на детската заштита, со унапредување на пристапот до детски градинки за децата и до дневни центри за лицата со попреченост, даваме можност жените да ги испратата децата и да се активираат на пазарот на труд, нагласи Царовска.
Таа потенцираше дека, минатата година оперативниот план за активација бил искористен во 54 проценти од страна на жените, со што, како што рече, се покажува дека навистина се вложува во активација на жените на пазарот на трудот.