Седма година по ред, списанието за одржлив развој „Лице в Лице“, на Новата година ѝ дава една дополнителна димензија, покрај онаа основната, празничната.
Со новогодишните мотиви, освен што потсетува на магијата, „Лице в лице“ повикува поискрено и попосветено да се осврнеме кон себе, кон најблиските, кон вредностите со кои сме растени, но, и заеднички растеме со младите генерации.
Честитките се направени од рециклирана хартија, со цел да ги практикуваме одржливите решенија, и се одлична можност да ги прескокнеме брзите и шаблонски електронски пораки, да испратиме искрени и топли желби до сите кои ни се драги и сакани.
Покрај тоа, со купување на честиките #ЛицевЛице стануваме активен чинител во развојот на социјалната економија кај нас, и сите заедно се вклучуваме во движење за одговорна иднина.
Со нивно купување се поддржуваат инклузивните програми наменети за ранливите сограѓани, продавачи на „Лице в лице“. Всушност, приходот од новогодишните честитки е наша субвенција за креирање општество со еднакви можности за сите граѓани.
Во продолжение ви доближуваме дел од личните приказни врзани за новогодишната магија, но, и за емпатијата, споделени од нашите овогодишни автори/дизајнери на „Лице в лице“ честитките.
Повеќе информации околу начинот на нарачка ќе најдете на линкот: https://lvl.vebstrana.com/novogodisni-cestitki
Ване Костуранов
Се сеќавам, секогаш се радувавме на редењето на елката со лампионите што останаа непроменети целото мое детство. Познавајќи ја мајка ми како ги чува и негува работите, верувам дека се во иста состојба како и пред 40 години. Во зима, кога сѐ е сиво и мрачно, снегот е најголема радост и инспирација. Уживам во тишината кога паѓа снег, како и во крцкањето на снегот под стапалата во магичните прошетки. Се разбира, еден од најсреќните моменти беше и разменувањето честитки со другарчињата.
Целата оваа приказна ја пренесувам преку честитките на „Лице в лице“, кое е една од ретките позитивни граѓански иницијативи кај нас, во кои се вклучуваат сѐ повеќе луѓе и токму тие прават значајна промена во општеството.
Варвара Николова
Од мала се радувам на честитки. Со другарките ни беше традиција секоја година да си разменуваме честитки, кои ги остававме пред врата, ѕвоневме и се криевме за да не нѐ види некој. Затоа и секој пат кога ќе заѕвонеше некој на врата, трчавме и очекувавме дека надвор нѐ чека честитка.
Голем дел од инспирацијата е мојата желба, на некој начин, да ја пренесам таа радост од моето детство. Сакам едноставен и минималистички дизајн, па
дизајнот на честитките има дел од мојата визија за празничен амбиент.
Оригиналноста и приказната што стојат зад организацијата, е главната причина што ме натера да контактирам со тимот на „Лице в лице“ и да го понудам мојот дизајн за честитки. Многу сум благодарна за нашата соработка.
Иван Петрушевски – Флим
Најубав спомен од новогодишните празници од детството ми се посетите на скопскиот новогодишен панаѓур, кој, можеби, од денешна гледна точка, не беше совршен, но своевремено беше настан на кој сите деца се радуваа.
Чувството на единство и на емпатија, кое се јавува посебно во овој дел од годината, беше тоа што сакав да го доловам со мојата честитка. Сметам дека новогодишните теми ми се посебно драги за цртање, а уште повеќе кога се ставаат во функција за поддршка на новогодишната програма. Затоа се радувам на секоја соработка со „Лице в лице“ и се надевам дека ќе има уште многу.
КОКИДО (Руки и Сандра)
Руки Чуки:
Во детството имавме некоја чудна традиција со мајка ми да не одам во училиште еден ден и да се посветиме на китење елка и на правење некои супервкусни слатки. Ова си го практикувам и со моето дете, искрено.
Подароците, фамилијарните собиранки, светилките, кифличките се само дел од празничната магија од детството до денес.
Јас сум голем обожавател на новогодишните празници и тоа е присутно на честитката што ја изработивме. Нашето Скопје… Тезгите на плоштад беа атракција за секое дете, би било супер да се зачуваат и да се прераскажуваат тие моменти.
Сандра:
Руска, кифлички, светилки, замаглени прозорци, шушкава хартија од подароците под елка, смеа и честитки – оние звучни, придружени со силни гушкања и бакнежи, како и хартиени – снежнобели, од кои sирка „Среќна нова година“ испишана со сино мастило. Едноставно, безгрижни студени денови поминати во топла семејна атмосфера на дарување, пред сѐ квалитетно заедничко време.
Честитката е Скопје од нашето детство, кое знаеше со недели да биде под бела снежна покривка, и звук од детски џагор и стапалки во снегот. Нова година како ритуал и како дух што извира од секое негово ќоше. Од тезгите на плоштад, црвените обравчиња на маалските другарчиња, до џиновските мразулци од покривите на зградите и на куќите во градот.
*Руки и Сандра
Како поддржувачи на списанието, а и на новогодишната програма речиси секоја година, драго ни е дека придонесуваме овој пат тимски, а кокошките од Кокидо се среќни што имаат другар како „Лице в лице“.
Георги Равански
Моето сеќавање од детството, кога живеев во еден мал стан, топол стан, е прекрасното чувство кога ќе се соберевме сите членови на семејството и соседите од мојата зграда (тогаш и соседите ги сметав за членови на семејство), околу скромна трпеза, па ќе слушавме интересни приказни што ни ги раскажуваа повозрасните. Денес, несомнено, инспирацијата ја црпам од мојата ќерка. Улогата на родител ме промени мене како човек, па оттука и мене како уметник. Сега, често се наоѓам како цртам ликови за кои ми зборува ќерка ми, кои знам дека неа ќе ја поттикнат да истражува, да прашува, да креира свои приказни и да црта и самата. „Лице в лице“ ги продлабочува моите вредности, ме информира, ме поттикнува да бидам подобар човек, но и подобра единка во целото општествено живеење. Јас најдобро знам да цртам, па зошто тоа што го знам најдобро да не го споделам со тие што ги шират добрите вредности во нашето општество.
Зоран Инадески
Новогодишните празници за мене, и како дете, а и сега, значат топлина, радост, спокој. Со еден збор семејство. Украсената елка со препознатливите лампиони го собираше целото семејство, нѐ правеше поблиски за празниците, и некако посебно расположени.
Верував, а и денес верувам во Дедо Мраз. Се сеќавам, секоја година го чекав на прозор да можам да го запознаам и да го гушнам. Еднаш бев убеден дека му го видов и чевелот.
Инспирацијата за новогодишните честитки ми е токму од ова.
#Лицевлице е единствен медиум кој нѐ буди, да ги отвориме очите, да се освестиме. Тој е силен будилник на кој сум горд. Оосбено што и јас сум дел од ова единствено освестено списание кое храбро чекори – вели нашиот дизајнер Зоран Инадески.