Интерактивни приказни, Лице в лице

Честитки! Добивте еден милион денари. Само оставете банкарски податоци

Време на читање: 11 минути

Ова е уште една од низата неодоливи предизвици на интернет. Од лажни пораки за добивки, лажни продавници, лажни награди, кражба на лични податоци, финансиски измами, пирамидални шеми за брза заработка, вируси што ги крадат лозинките, па сè до говор на омраза и различни форми на насилство онлајн и кибернетски напади – граѓаните се изложени на безброј ризици во просторот на интернет.

Aвторка на текст и дизајни: Бјанка Станковиќ
Фотографии: Ирина Крстевска

„Со маж ми бевме во викендичка кога ми пристигна порака од еден профил на ‘Фејсбук’ со понуда за кремови за болки во коските. Знаев дека такво нешто му треба на син ми затоа што  има маки со коските, па решив да нарачам.“

Вака почнува измамата направена врз жена од Кичевско, која нарачува маст за болки од профил на „Фејсбук“.

Поради тоа што не била во можност веднаш да ја купи, решила да ги извести снабдувачите ако може да ѝ ја достават по неколку дена. Испораката е брза, а со тоа и очекуваниот резултат што го посакуваат измамниците. Маста ја платила во готово на доставувачот и за возврат добива потенцијално решение за болките што ги има нејзиниот син.

Штом му ги дадов пакетчињата на син ми, тој ми објасни дека, според состојките, маста воопшто не е за болки во коски, туку нешто сосема друго. Ми побара број и профил од продавачите со цел да поднесеме рекламација, меѓутоа профилот веќе не постоеше, а бројот беше недостапен. Никако не можевме да дојдеме до нив – објаснува жената.


Оваа измама кичевката ја чини околу 300 евра, но и изгубено време и лажна надеж за потенцијален лек. Случајот не го пријавила никаде знаејќи дека ваквите шеми се многу тешки за откривање. 


„ЧЕСТИТКИ! Добитник сте на 1.000.000 денари по случаен избор! За да ви ги доставиме парите, оставете ни Ваши лични и банкарски податоци и парите ќе ги добиете на Вашата сметка!“

И ова звучи привлечно и убаво, нели? Ова е уште една од низата неодоливи предизвици на интернет.

Граѓаните се изложени на безброј ризици во просторот на интернет. Од лажни пораки за добивки, лажни продавници, лажни награди, кражба на лични податоци, финансиски измами, пирамидални шеми за брза заработка, вируси што ги крадат лозинките, па сè до говор на омраза и различни форми на насилство на интернет и кибернетски напади. 

Поради зголемен број вакви случаи – на социјалната мрежа „Фејсбук“ постојат групи за поддршка и споделување искуства каде што граѓаните се информираат за вакви и слични видови измами. Но, тоа не ги спречува измамниците и натаму да наоѓаат нови начини за злоупотреба. 

Поради зголемен број вакви случаи – на социјалната мрежа „Фејсбук“ постојат групи за поддршка и споделување искуства каде што граѓаните се информираат за вакви и слични видови измами. Но, тоа не ги спречува измамниците и натаму да наоѓаат нови начини за злоупотреба. 

Мартина Дранговска Мартинова, правничка во Македонското здружение на млади правници, нагласува дека кога правата на граѓаните се повредени или приватноста е загрозена, важно е да се реагира брзо и да се користат сите механизми што постојат за заштита. 

Првиот чекор е да ја пријавите злоупотребата до Агенцијата за заштита на лични податоци. Таа има овластување да спроведува истраги, да изрекува санкции и да наредува отстранување на незаконски обработени податоци. Ако за повредата постои одговорност од државна институција, можете да се обратите и до Народниот правобранител, кој има задача да ги испитува повредите на човековите права и да бара одговорност од надлежните органи. Во случаи на кибернетско вознемирување, демнење, неовластено споделување лични фотографии или закани, треба веднаш да се обратите во полиција или до Јавното обвинителство – истакнува таа.

Растечки ризици, измами и злоупотреби на социјалните мрежи 

Според податоците до кои дојде „Лице в лице“, од 2022 година до 2024 година во Агенцијата за заштита на лични податоци се евидентирани 715 најразлични претставки што се однесуваат на социјалните мрежи.

Во текот на 2022 – 2024 година, Агенцијата спроведе вкупно 125 вонредни супервизии фокусирани најмногу на неовластен видеонадзор, злоупотреба на лични податоци во финансиски услуги и во директниот маркетинг.
Претставките поврзани со социјални мрежи постојано растеа (од 232 во 2022 година на 249 во 2024 година), а доминираат за лажни профили (115-116 годишно) и пробиени сметки (со скок од 8 на 95 случаи во 2024 година). Прекршувањата поврзани со заштитата на личните податоци на деца останаа тенденција (9-12 претставки годишно). Во 2024 година се истакнаа и прекршоци како задржување документи во хотели и неовластен пристап до здравствени податоци, со 14 решенија за повреди.

Од анализата на податоците јасно е дека најчести проблеми остануваат злоупотребите поврзани со злоупотреба на лични податоци на социјалните мрежи. Најчести проблеми се лажните и пробиени профили, а загрижувачки е и зголемувањето на случаите што се однесуваат на малолетни лица. Исто така, супервизиите покажуваат чести повреди на Законот за заштита на личните податоци, особено кај видеонадзорот и користењето лични податоци без согласност.

Агенцијата за заштита на личните податоци постапува така што по поднесено барање за утврдување повреда, почнува вонредна супервизија со собирање документација, одење на терен, составување записник и донесување решение. Ако се утврди повреда, супервизорот може да поднесе барање за прекршочна постапка.

Во случаи на лажни профили на социјални мрежи, Агенцијата контактира со техничкиот тим на мрежата за нивно отстранување и обезбедува насоки за самостојно пријавување. Ако има основи за кривично дело, пријавите се препраќаат до МВР и јавното обвинителство. Преку редовни и вонредни контроли и контролни супервизии Агенцијата проверува дали контролорите ги обработуваат личните податоци според закон.

– Кога станува збор за санкции, во 2022 година Агенцијата нема изречено прекршочни санкции. Во 2023 година од страна на прекршочната комисија на Агенцијата се донесени шест решенија со кои се изречени прекршочни санкции: глоба за правното и одговорното лице во правното лице во вкупен износ од 1.554.811 денари. Во 2024 година се донесени четири решенија со кои се изречени прекршочни санкции: една опомена и три решенија за глоба во износ од 378.000 денари – изјавија од Агенцијата за заштита на лични податоци за „Лице в лице“. 

Интернетот овозможи вистински бум на криминални напади

На втората работилница на тема „Дигитални права и слободи“, која ја организираше Платформата за одржлив развој „Лице в лице“, а се одржа на Правниот факултет во Кичево, граѓанин сподели искуство во кое за влакно избегнал измама. 

На социјалните мрежи видов порака во која ме избраа за добитник на сума пари. Откако стапив во контакт со лицата од профилот ми рекоа да ги споделам своите лични податоци, но и да се фотографирам со ѕид во заднина и како држам бел лист хартија на кој не пишува ништо. Ми стана сомнително, не го направив тоа. Се откажав откако сфатив дека е некаков вид измама, но не пријавив никаде – сподели граѓанинот. 

Стручњакот за кибернетска безбедност, Божидар Спировски потврдува дека интернетот овозможи вистински бум на криминални напади и злоупотреба на податоци од разни фирми. Македонија како дел од глобалното село на интернет е изложена на истите ризици.

Граѓаните во Македонија не се доволно свесни за ризиците што ги носи денешниот интернет. Тоа што го гледаме како интернет е само множество на разни сервиси водени од огромни глобални фирми, кои нудат свои услуги или ги препродаваат на други фирми. Индивидуата е корисник на некакви услуги.
Во денешната трка да се заработи колку што е можно повеќе од корисникот (на легален или нелегален начин) сите корисници се изложени на речиси бескрајна палета опции за употреба или злоупотреба – почнувајќи од претплати од кои е тешко да се излезе, преку следење и профилирање за маркетиншки цели, кражба и препродавање лични податоци до еклатантен криминал, уцени, вируси и кражби на пари преку секакви измами – истакнува тој. 


На ова се надоврзува и Дранговска Мартинова, која вели дека човечките капацитети, инфраструктурата и заштитните механизми мора да се унапредат ако сакаме систем што, навистина, функционира.

Нападите од хакери врз Фондот за здравствено осигурување и Управата за матични книги во 2023 година се конкретни примери, кои истакнаа колку се ранливи нашите државни системи. Овие инциденти покажаа дека заштитата на личните податоци не е само правно, туку е и сериозно техничко и институционално прашање – истакнува таа.

Според мислењето на Спировски, Македонија не е ништо поинаква од другиот дел од светот бидејќи криминалните банди оперираат глобално. Како и другиот дел од светот, и нас нè погодува фишинг, „Рансомвер“, финансиски измами и пирамидални шеми за брза заработка, шеми на пумпање цена на безвредни криптовалути, вируси што ги крадат нашите лозинки и цела лепеза измами и напади што се обидуваат да ни ги украдат парите од платежните картички. 

Кликнете на сликата и прочитајте го целото интервју со Мартиновска

Вештачката интелигенција закана или моќна алатка за заштита на дигиталните права

Во ерата на вештачката интелигенција, заштитата на личните податоци станува сѐ посложено прашање. Различни стручњаци и организации во Македонија алармираат за новите ризици што ги носат новите технологии. 

Биометриското следење и автоматското профилирање отвораат нови прашања на кои законот сè уште не е доволно подготвен да одговори. Без јасна и сеопфатна регулатива, постои ризик овие технологии да се користат на начин што може да ги загрози нашите основни човекови права, што е нешто на кое треба да се обрне внимание веднаш – истакнува Дранговска Мартинова од МЗМП.

Спировски, пак, истакнува дека во последно време се кршат авторски права и биометрија за да се тренираат модели за вештачка интелигенција. 

– Денес секоја содржина и фотографија што граѓаните ја ставиле на интернет е собрана и употребена за да се тренира нечиј модел за вештачка интелигенција, а резултатите потоа се користат за тоа претпријатие  да профитира без да плати ништо на авторите – појаснува тој. 

Мила Јосифовска Даниловска, која е одговорна за програмата за општествена отчетност и одговорна дигитална трансформација од Фондацијата „Метаморфозис“, пак, вели дека вештачката интелигенција, која е откритие на човекот, може да се гледа како „меч со две острила“. Може да биде и огромна закана и голема можност, а сѐ зависи од тоа како ќе се користи. 

Од една страна, постојат сериозни ризици. Вештачката интелигенција може да се злоупотреби за масовно следење и целење на граѓаните со што ја загрозува приватноста и слободата на изразување. Исто така, постои ризик од алгоритамска дискриминација, односно пристрасност во алгоритмите што може да доведе до неправеден резултат.  Но, од друга страна, вештачката интелигенција може да биде и моќна алатка за заштита на дигиталните права. Може да се користи за откривање и спречување кибернетски напади, за идентификување и борба против дезинформации, па дури и за верификација на информации и заштита од лажни профили – изјави Јосифовска Даниловска. 

Законите, нивната примена и пропусти во Македонија наспроти брзата технологија 

Во Македонија заштитата на личните податоци е регулирана со закони, но нивната примена е недоследна, особено во контекст на брзиот технолошки развој. Стручњакот Спировски истакнува дека дигиталните права се ограничени на принципот на „мрежна неутралност“, додека глобалните злоупотреби на податоци се сè почести, а регулативите на ЕУ имаат ограничен удел бидејќи многу платформи работат надвор од нивна јурисдикција. Јосифовска Даниловска нагласува четири клучни предизвици: слаба транспарентност и координација, недостиг од стручен кадар, неефикасни механизми за пријавување кибернетски инциденти и бавни законски реформи. Дополнителен проблем е критичниот недостиг од кадар во Агенцијата за заштита на лични податоци, каде што само тројца супервизори и 32 % пополнетост на работни места ја надгледуваат целата држава, што ја ограничува ефикасноста на спроведувањето на законите.

Колку што повеќе луѓе пријавуваат, толку помалку простор за злоупотреби!

Кибернетското вознемирување е, исто така, неизоставен дел од просторот на интернет, особено насочено кон девојки и жени, и станува сè поагресивно и понапредно.

Постојаниот притисок да бидеме присутни на интернет и да не пропуштиме нешто доведува до прекумерно споделување лични податоци. На овој начин стануваме ранливи, а хакерите, малициозните компании, па дури и луѓето од нашето опкружување го искористуваат тоа. Од друга страна, алгоритмите и вештачката интелигенција учат од нашите дигитални траги, додека технологиите како дипфејк отвораат нови форми на злоупотреби, кои не толку одамна ги гледавме само во филмовите – вели Деанговска Мартинова. 

Според стручните лица и правниците, законодавството мора да се надогради и да се создадат побрзи и пофлексибилни механизми за заштита, како и институции што ќе можат да одговорат веднаш на новите дигитални закани. 

Најважно е да не молчите кога вашите права се повредени – колку што повеќе луѓе пријавуваат, толку ќе има помалку простор за злоупотреби. Законите и механизмите за заштита се тука, но нивната ефикасност зависи и од тоа колку активно ги користиме и дали бараме одговорност кога е потребно – истакнува правничката Дранговска Мартинова.

Стручњакот Спировски, пак, советува граѓаните да бидат себични со своите податоци, особено при нивно споделување на интернет. 

– Не ставајте на интернет НИШТО што не сакате да го гледате за себе на вести (фотографии, текстови, локации на кои сте биле, ништо). На сите ваши пребарувачи инсталирајте алатки за блокирање следбеници (Ublock Origin, Privacy Badger и слични) и не верувајте на мобилни апликации – најголем број од нив се обидуваат да ве следат или да ги соберат податоците од вашите телефони – порачува тој. 

Јосифовска Даниловска од „Метаморфозис“ апелира на внимателност и порачува никогаш да не се споделуваат чувствителни информации на небезбедни веб-страници или со непознати страни.

Безбедноста на сметките на интернет е, исто така, многу важна. Треба да користиме силни лозинки и да ја вклучиме двофакторската автентикација кога е можно. И, секако, ако забележиме злоупотреба, треба да ја пријавиме до надлежните институции и платформи – вели таа.

 
Лажни страници, емоционални последици…

Злоупотребите на интернет најчесто се случуваат преку лажни страници, кои подоцна исчезнуваат и како корисник потоа не можеш да ги пронајдеш, споделуваат испитаници од анкета на „Лице в лице“

Иако се соочиле со злоупотреба, не ги пријавиле настаните в полиција, организација, платформа или институција, ниту, пак, добиле некаква поддршка или помош по инцидентот. Најчесто, последиците се емоционални.

„Нарачав производ што многу често се рекламираше, мислев дека е во ред. Откако платив, ми пристигна сосема поинаков производ, и по квалитет и по функционалност. Кога се обидов да го вратам, страницата веќе не постоеше, а телефонот на кој комунициравме беше исклучен. Се обидов да се јавам и на каргото, од таму ми кажаа дека тие само ја

пренесуваат пратката, немаат одговорност за другиот дел. Не пријавив в полиција. Прво пријавував во некоја установа за заштита на потрошувачите, така ми кажаа децата, но таму, исто така, не можеа да направат ништо бидејќи немав фискална, ниту друг доказ, освен испратницата од каргото. На испратницата немаше вистински податоци од испраќачот“, сподели граѓанин на анкетата преку интернет.

Случајот не го пријавил, ниту, пак, добил некаква поддршка или помош. 

„Загубив пари, имав многу нервози. Оттогаш сум многу повнимателен, но гледам дека повозрасни луѓе имаат најмногу проблеми со ова. Треба многу да се зборува за ова. Да постојат организации што ќе нè штитат нас како граѓани. Не сум јас виновен што се дозволува секој да нуди сешто на „Фејсбук“, легална фирма да ги разнесува тие пратки, а никој од нив да не е виновен, туку само јас да сум виновен. Да, имам вина што не сум бил доволно информиран, но пак не е во ред“, споделува испитаникот.


Злоупотребите се од најразличен вид.

„Еднаш на мобилната апликација „Воцап“ ми пристигна порака од човек, (не беше бот порака), дали сум заинтересирана за хонорарна соработка, која ќе ми донесе енормна плата. Пораката беше уверлива и разговорот го продолжив од љубопитност знаејќи дека се работи за пирамидална шема за брза заработка бидејќи веќе имав прочитано за вакви злоупотреби. Од мене побараа лични и банкарски податоци, како и да уплатам некоја за нив „симболична“ сума за да ме регистрираат и да почне соработката“, сподели една испитаничка од анкетата на „Лице в лице“.


Граѓаните апелираат на поголем мониторинг, регулација, јавна кампања како да се пријавува, бесплатна психолошка поддршка за жртвите на измами што оставаат последици, како и санкции за сите луѓе вклучени во шемите што ги организираат злоупотребите.

„Казни за таканаречените продавници на интернет, кои преку ‘Фејсбук’ ни нудат сè и сешто, а потоа не одговараат и ги снемува. Полицијата да е побудна, ова се многу чести случаи. Не секој граѓанин знае како се пријавува и што треба да направи“, дециден е испитаник од анкетата преку интернет на „Лице в лице“. 


Содржината е креирана во рамки на проектот „Reporting Digital Rights and Freedoms“ кој се спроведува со финансиска поддршка на Европската унија. Изнесената содржина е одговорност на „Паблик“ и на „Лице в лице“ и не мора да ги одразува ставовите на ЕУ.

Illustration: Freepik

Напишете коментар