Циркуларен понеделник 2025 против Black Friday – Ајде да ја смениме прекумерната потрошувачка!
фотографија: Photo © Rupert Pessl Circular Monday
Додека брендовите ширум светот се подготвуваат за уште еден бран на „црно-петочна“ купувачка еуфорија, едно растечко глобално движење испраќа поинаква порака: повеќе не значи подобро! Овој 24 ноември се одбележува „Циркуларниот понеделник„ („Circular Monday“), ден кој ја преобликува идејата за купување и нè потсетува дека одржливоста не е тренд, туку нова култура.
Што е Циркуларен понеделник – и зошто сè повеќе луѓе му се приклучуваат?
Создаден во Шведска во 2017 година како одговор на агресивната потрошувачка за време на „Black Friday“, Циркуларниот понеделник денес е глобално движење кое поттикнува поправка, повторна употреба, размена и свесна потрошувачка. Од мала идеја – до светска платформа што поврзува купувачи со циркуларни производи и услуги, инспирира инфлуенсери и мобилизира заедници.
2025: Годината кога Западниот Балкан влегува на циркуларната мапа
Бизниси, организации, инфлуенсери и други чинители од Западен Балкан за прв пат годинава се приклучуваат кон движењето и светската кампања, а предводник на придружувањето на нашиот регион е Хабот за циркуларна економија на Западен Балкан (Western Balkans Circular Economy Hub), охрабрувајќи ги лидерите во циркуларната економија да учествуваат и да го засилат своето влијание. „Njuppa“, „Sugar on top“, „Magbago“, како и „Yes for Less“ (читај го нашето последно интервју со нив овде) и „АРНО од Македонија“, се само дел од бизнисите и организациите од нашиот регион кои се приклучија на светското движење.

Традициите можат да се менуваат – и навиките за купување исто така
Додека глобалната потрошувачка продолжува да расте, сè поголем број потрошувачи и бизниси почнуваат да се прашуваат дали бескрајното купување навистина носи среќа, или само исцрпеност. Податоците се јасни: купуваме повеќе од кога било досега, но се чувствуваме помалку задоволни, повеќе задолжени и сè пооддалечени од она што навистина е важно. Циркуларниот понеделник како движење верува дека е време да преиспитаме што навистина значи „повеќе“. Можеме ли да изградиме нова традиција што ќе слави поправка, повторна употреба и одговорност наместо попусти и ексцес?
Црниот петок не започна како глобален ритуал; таков стана преку повторување и масовно учество. Циркуларниот понеделник го користи истиот механизам за да ја изгради својата контра-традиција – една заснована на свесност наместо на потрошувачка. Тоа е движење на луѓе кои сакаат да припаѓаат, а не само да купуваат; да најдат смисла во сопственост која трае, наместо во потрошувачка која избледува. Иницијативата нè повикува повторно да ја изградиме нашата врска со работите кои веќе ги поседуваме, враќајќи ја благодарноста, креативноста и грижата во центарот на современиот живот.
– Ни ни требаат повеќе работи, туку нов однос со работите што веќе ги имаме. Секое нешто што го купуваме веќе чинело ресурси, енергија и време, па затоа користењето на она што веќе го имаме подолго е една од наједноставните, но најмоќни форми на климатска акција. Не станува збор за отфрлање на модерниот живот, туку за повторно давање смисла – вели Лота Лилја, основачка на „Circutus“, циркуларен бизнис од Финска.
Секоја година, во понеделникот пред Black Friday, бизниси, невладини организации и граѓани се обединуваат за да покажат како изгледа свесната потрошувачка во пракса. Простори каде се прават поправки на различни производи, како „Ништо ново“ од Скопје (читај повеќе на овој линк), ги отвораат своите врати, продавниците за половна стока нудат специјални понуди, а локалните заедници организираат разменски настани и работилници. Целта не е да се осуди потрошувачката, туку да им се понудат на луѓето подобри избори – конкретни, радосни и заеднички алтернативи на прекумерното купување.
Само во 2024, во светската кампања се вклучија повеќе од 1400 чинители од 40+ земји, а хаштагот на кампањата допре до 40 милиони луѓе од целиот свет.
Моќта на позитивните алтернативи

Она што го издвојува Циркуларниот понеделник е неговиот тон. Наместо да ја објаснува одржливоста преку вина, се фокусира на креативност, поврзување и моќ. Секоја акција, без разлика колку е мала, придонесува кон колективна приказна за промена: поправка на телефон наместо купување нов, позајмување наместо купување, избор на винтиџ наместо ново. Овие одлуки се прелеваат понатаму, ја менуваат побарувачката, инспирираат иновации и докажуваат дека одржливиот живот може да биде достапен и привлечен.
– Верувам дека креативноста е посилен двигател на промени од вината. Што ако ги дизајнираме бизнисите за долговечност наместо за еднократна употреба? Циркуларниот понеделник нè поканува да го направиме токму тоа, истакнувајќи чинители кои го претвораат циркуларното размислување во паметна, храбра и комерцијално одржлива акција – вели Јохана Хеурлин, ко-основачка на „ClimateHero“.
Со славење на еден ден свесна потрошувачка, движењето се надева да инспирира промени и во текот на целата година. Кога илјадници луѓе ширум светот одлучуваат да поправат, повторно употребат или преиспитаат купување на ист ден, тоа испраќа силен сигнал: иднината на потрошувачката не мора да значи повеќе – може да значи подобро.