Цепенков „проговори“ на занковен јазик
БИТОЛСКА ТЕАТАРСКА ЕКИПА ЈА КРЕИРАШЕ ПРВАТА ПРОФЕСИОНАЛНА ПРЕТСТАВА НА ЗНАКОВЕН ЈАЗИК ВО НАШАТА ЗЕМЈА НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК.
Да беше жив Марко Цепенков, кој знае какви приказни ќе исплетеше за најгорливите предизвици на денешнината. Битолска театарска екипа, се стави „во негова кожа“ и ја креираше „Три“ – првата
професионална претстава на знаковен јазик во нашата земја на македонски јазик. Работена е според приказната на Цепенков за овчарот и трите самовили, а ги адресира еколошките предизвици. Премиерата на „Три“ е закажана за овој петок, 29-ти октомври, во 18 часот, во Центарот за култура во Битола.
Организаторите, продукцијата „АТО“, велат дека претставата е наменета за широката детска публика, за децата кои се глувонеми и наглуви, но и за сите кои се чувствуваат како деца, а ги нарекуваме возрасни.
Лила, Розе, Синка и Sвонко Бонбонко ги глумат актерите Маја Андоновска Илијевски, Анастазија Христовска, Сандра Грибовска и Никола Пројчевски. На сцена тие зборуваат говорно и на знаковен јазик. Режисер е Јован Ристовски. Костимите се на Марта Дојчиновска, а шминката е на Симона Ристевска.
Следните изведби се на 6-ти, 7-ми и 13-ти ноември од 12 часот. Билетите се во продажба од денес, 27 октомври на касата на НУ Центар за култура Битола (од 15 до 21 часот) по цена од 100 денари.