Доза вести

Македонски зелен стартап награден на регионалниот натпревар за зелени идеи

Време на читање: 2 минути
СЕ НАДЕВАМЕ ДЕКА НАШИОТ МИРИС ОД ПОРТОКАЛ НАСКОРО ЌЕ ГИ ЗАМЕНИ СИТЕ ШТЕТНИ ОСВЕЖУВАЧИ ВО ДОМОВИТЕ, КАНЦЕЛАРИИТЕ, ХОТЕЛИТЕ, АВТОМОБИЛИТЕ –ИЗЈАВИ МАРИЈА БУРГИЕВА, МАКЕДОНСКАТА ПОБЕДНИЧКА.
- банер -

Македонски зелен стартап на млади луѓе кој преку принципот на циркуларна економија ќе произведува есенцијални масла и ароматизери добиени од отпадни кори од портокали доби награда на регионалниот напревар за зелени бизниси „Balkan Green Ideas“ кој се одржа вчера во Белград.

Здружението за социјални иновации „АРНО“ информира дека биле доделени пет награди, а во категоријата „ембрионски идеи“ најдобро била рангирана идејата на младиот тим „О-Круг“ од нашата земја.
– Победата на регионалниот натпревар за зелени идеи за нас значи дека ќе ја обезбедиме потребната опрема за започнување производство. Следните чекори на „О-Круг“ се фокусираат на засновање партнерства со луѓето и бизнисите, промоција на зеленото социјално претпримеништво и обезбедување на работа за маргинилизираните млади. Се надеваме дека нашиот мирис од портокал наскоро ќе ги замени сите штетни освежувачи во домовите, канцелариите, хотелите, автомобилите –изјави Марија Бургиева, македонската победничка.

Другите две награди беа доделени на „NewPen“ од Србија и „Вкусните богатства на Пермети“ од Албанија. Во категоријата на зелени бизниси награди беа доделени на „Палеовраха“ од Грција и „Ботанички проект“ од Косово. Добитниците од првата категорија освоија 5000 долари, додека зелените бизниси добија по 10 000 долари кои ќе им помогнат во имплементацијата на зелените идеи.

Нашата земја се натпреваруваше и со идеја за производство на облека и модни додатоци за миленичиња од отпаден текстил („Мини Ирина Тошева“) и со идеја за отворање прва библиотека за играчки (Горјана Боневска – со идејата „Џагор“) кои беа победнички  на националниот натпревар кој традиционално го организира „АРНО“.

- банер -

Натпреварот се одржа во два дена и вкупно учествуваа 21 иновативни идеи од 6-те земји од Западен Балкан и Грција. Поради пандемијата, овогодинешниот натпревар беше организиран во хибриден формат.

Веќе една цела деценија натпреварот „Balkan Green Ideas“ го поддржува основањето и развојот на успешни зелени идеи во регионот на Западен Балкан и Грција. Во текот на изминатата декада континуирано се истражува улогата на филантропијата во вклучувањето на локалните заедници за генерирање зелени бизнис идеи кои ги користат локалните ресурси и ги ревитализираат исчезнатите традиционални синџири на производство и пазари засновани на заедницата.

Напишете коментар