Доза вести

Ретроспективна изложба на Дороти Пачкова во Куманово

ОД РОМАНТИЧАРСКА ПЕРСПЕКТИВА СТАНУВА ЗБОР ЗА СЛОБОДА ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ НА СОПСТВЕНАТА СУДБИНА, СЛОБОДА ВО ОДНОС НА НАМЕТНАТИТЕ УЛОГИ И ИДЕНТИТЕТИ, СЛОБОДА ОД ОГРАНИЧУВАЊАТА ШТО НИ ГИ ПЛАСИРА УГНЕТУВАЧКОТО ОПШТЕСТВО И СЛОБОДАТА ДА СЕ ИЗРАЗУВААТ МИСЛИТЕ И ДА СЕ ПРЕТВОРАТ ВО АКЦИЈА, ВО ЖИВОТ, ДА СЕ ОЖИВОТВОРАТ, МАТЕРИЈАЛИЗИРААТ – ВЕЛИ ПАЧКОВА ВО ПОКАНАТА ЗА ИЗЛОЖБАТА.

„Постоење низ акција“. Вака, ликовната уметница Дороти Пачкова, накусо ја опишува својата прва ретроспективна изложба, насловена „Ретроспектив-ретроактив”, која ќе се отвори во петок, 29-ти октомври од 14 часот, во НУЦК „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Пачкова, која е и позната активистка за родова еднаквост, споделува дека, ретроактивноста значи дека нешто, како закон, стапува на сила во период во минатото и започнува да делува. 
– Ова е спротивно на ретроспективата, што се однесува на анализирање или гледање на нешто во/од минатото. Комбинирањето на ретроактивноста преку ретроспективно изложување, е концепт кој неслучајно упатува на феминистички конструктивизам кој алудира на темелот на мојата егзистенција -преобмислување. Од романтичарска перспектива станува збор за слобода за одлучување на сопствената судбина, слобода во однос на наметнатите улоги и идентитети, слобода од ограничувањата што ни ги пласира угнетувачкото општество и слободата да се изразуваат мислите и да се претворат во акција, во живот, да се оживотворат, материјализираат – вели Пачкова во поканата за изложбата.
Поставката обединува дела (акрилици, комбинирани техники и фотопринтови во различни формати)од над 30 самостојни изложби кои авторката ги поставила во земјата и странство, како и поединечни дела со кои била дел од групни изложби.
Изложбата ќе биде поставена до 9-ти ноември во Центарот за култура во Куманово.

Линк
 до настанот.

Напишете коментар