Доза вести

Најсиромашните се меѓу најпогодените од климатската криза

МЕЃУНАРОДНАТА МРЕЖА НА УЛИЧЕН ПЕЧАТ, ЧИЕ СЕДИШТЕ Е ВО ГЛАЗГОВ, КАДЕ ДЕНОВИВЕ СЕ ОДРЖУВА КОНФЕРЕНЦИЈАТА ЗА КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ (COP26), АПЕЛИРА ЗА КЛИМАТСКА ПРАВДА
Превод од англиски: Јорго Ташков

Очите на светот се вперени во Глазгов, каде од денеска до 12-ти ноември се одржува Конференцијата за климатски промени на Обединетите Нации (COP26). Токму во Глазгов, е и седиштето на Меѓународната мрежа на уличен печат (ИНСП), чија членка е и „Лице в лице“. 
ИНСП ги повикува лидерите
 да преземат итни, координирани и неопходни климатски мерки за заштита на најранливите заедници во светот: „Сѐ додека не се постигне правдата и не се преземе веродостојна акција, уличниот печат ќе продолжи да обезбедува патишта за поддршка на излез од сиромаштијата за секој на кого му е ова потребно“ нагласуваат од ИНСП и додаваат:
„Ќе продложиме да ги засилуваме искуствата на луѓето на секоја криза. Ќе продолжиме да ги раскажуваме приказните за луѓето и организациите кои се пионери во промените што ни се потребни за да изградиме поправеден и одржлив свет.“
Мари Алдам, извршна директорка на Меѓународната мрежа на уличен печат, изјави дека моделот на уличните весници и списанија е пример за локално, иновативно решение на глобалното прашање на сиромаштија:
– Во овој критичен момент, ги повикуваме глобалните лидери да работат заедно, да споделуваат решенија и да размислуваат иновативно за борбата против климатската криза, не само за да се спречи понатамошното подлабочување на нееднаквостите и дополнителна штета на ранливите заедници ширум светот.

Природата ни враќа за сè тоа што ние ѝ правиме

Продавачот на „Лице в лице“, Валентин Ракип е и извидник. Поради освестеноста за заштита на планетата, но, и поради тоа што неговиот работен ангажман подразбира продажба на улица, го прашавме како на него влијаат последиците од климатските промени. 
– Се чувствувам лошо и небезбедно од помислата дека, некоја обична прошетка во планина, може да стане закана по живот за мене како љубител на природата. Не сум бил во близок контакт со пожар ама ме плаши помислата, не само за мене туку за целиот жив свет, за семејствата животинки кои можат да настрадаат. Со оган и со вода не треба да си играме, не треба да си играме со природата – вели тој.
Споделува дека за него е вознемирувачко кога од медиумите дознава за поплави, пожари.
– Природата ни враќа за сè тоа што ние ѝ правиме. Ми пречи и температурниот шок кој го имаме – пеколни лета и поларни зими. Кога е претопло и кога е преладно нема толку голема фрекфенција на купувачи, нема луѓе низ улиците.

Најсиромашните се меѓу најпогодените од климатската криза 

ИНСП пишува и дека низ светот, климатската криза ја чувствуваат луѓето кои живеат во сиромаштија и се бездомници, а заканата е дека ќе турне повеќе луѓе во несигурни ситуации доколку не се преземат итни мерки. Во делови од Европа, поројните поплави ова лето уништија домови, оставија многу луѓе во сиромаштија од без тешко стекнатата егзистенција. 
„Big Issue“, едно од најголемите улични списанија во Обединетото Кралство, се наоѓа токму во Глазгов на само неколку километри од местото каде што ќе се соберат делегатите на самитот на Обединетите Нации.  Така, „Big Issue“ ја раскажува приказната за продавачката Моника во Лондон, која била буквално заглавена во нејзиниот поплавен дом. Во САД ова лето, екстремните температури го направија животот на улица уште понеподнослив. Уличното списание „Street Roots“ од Портланд, Орегон во тоа време извести дека, кога живеете на улица, немате никаква заштита од климатските промени: „Немате каде да избегате, немате врати кои ќе ве заштитат од горештините надвор, ниту пак централно греење/ладење, ниту пак од екстремно студените температури“.
Во делови од Јужна Америка, климатските промени донесоа екстремни временски услови на кои бездомниците имаат поголем ризик да бидат повеќе изложени и погодени од нив. Уличното списание „Hecho en BS. As“ од Буенос Аирес, Аргентина, ги истакна растечките проблеми околу пристапот до чиста вода за пиење во Јужна Америка. Во меѓувреме, во Бразил, неодамна беше објавено дека недостатокот на вода има доведено до зголемување на цените на енергијата, ставајќи повеќе домаќинства во ризик од сиромаштија и од бездомништво.
– Правилото за климатската криза е дека, ако имате многу малку знаење за неа, ќе го доживеете нејзиното максимално влијание – резимираше авторот, активист и академик Раџ Пател во неодамнешната статија со уличниот весник „Real Change“ во Сиетл.

Илустрација: Зоран Инадески
Целосната содржина од ИНСП е на овој линк.

Прочитајте повеќе за климатска правда, во текстот Борбата за климатска правда е битка за социјална и за економска еднаквост.

Напишете коментар