Актуелно, Доза вести

„Де бе за 100 денари, еднаш облечи го и фрли го!“ – Дали ја губиме битката со отпадот од текстил?

Купувањето во second hand продавница, само по себе, не е доволно за намалување на отпадот од текстил, туку, напротив, цената на производите ја надмина првичната цел – и сега се генерира отпад и повеќе од претходно.

Употреба на ресурси на одговорен начин. Понекогаш блиско, понекогаш далечно.
За да ја постигнеме оваа состојба, неопходно ни е зголемување на свеста и на знаењата за придобивките од концептот на одржливо живеење. Живееме во време кога економскиот раст често се поврзува со зголемување на потрошувачката, но, антиконсумеризмот нагласува дека материјалните добра не можат да ги задоволат сите човечки потреби и дека тие, всушност, можат да имаат негативно влијание врз општеството и животната средина.
Еден од главните аспекти на антиконсумеризмот е борбата со отпадот од текстил.
За намалување на прекумерната потрошувачка и критикување на културата на постојано купување и трошење пишува и нашата граѓанска активистка, Билјана Дуковска, во својот блог текст „Сиромашни или свесни – Second hand облека“.

Дуковска нагласува, дека, иако, свеста за реупотреба се менува и развива, сепак, вели, битката со отпадот од текстил ја губиме. Ваквиот став го илустрира преку second hand продавничките, кои, вели, „требаше да донесат налет на етичност во купувањето, свесност за постапките, грижа за околината, а наместо тоа – понудија дополнителна опција да се засили консумеризмот, да се зграби повеќе, и да се загади дополнително“.

– Она што се превиде е нашата куповна моќ, процентот на лица кои се во ризик од сиромаштија и културната матрица. Едноставно кажано, ако купувањето е водено само од финансиски можности, и до пред некое време со 1000 денари сте можеле да си дозволите купување на најмногу 2 парчиња облека, сега со тие пари може да купите до 20 парчиња, што е повеќекратно зголемување на количината на отпад од текстил. Според културната матрица во која сме заглавени, повеќе парчиња облека не’ прават вредни за почит, ни ја демонстрираат финансиската моќ и не’ распоредуваат во класната припадност, што повторно поттикнува на консумеризам, вели Дуковска.

Во продолжение, таа прави категории на активни купувачи и ги скицира нивните шеми на однесување, со цел да покаже дека купувањето во second hand продавница, само по себе, не е доволно во контекст на намалување на отпадот од текстил, туку, напротив, цената на производите ја надмина првичната цел – и сега се генерира отпад и повеќе од претходно.

Модната индустрија е позната по својата брза мода, која води до огромно количество текстилен отпад. Ова е резултат на брзото производство и продажба на евтина облека, која често е со нисок квалитет и краток век на употреба. Многу облека завршува на депонии, каде што може да се разградува со децении и да испушта штетни хемикалии во околината.

– Ако сакаме да зборуваме за свесно и одговорно купување и намалување на отпадот од текстил, потребно е многу повеќе само од промоција на second hand алишта. Некаде имав прочитано дека лесно е да се промовира купување на носена облека од луѓе кои имаат доволно пари да си купат нова. Тие не го носат на себе чувството дека тоа е се што може да си дозволат, туку им е избор. Тие не се соочуваат со својот срам дека се принудени да купуваат на старо, туку го прават свесно и за повисока цел. И сосема се согласувам со тоа. Затоа нашата цел треба да биде да ги донесеме луѓето со доволно пари, „трендсетерите“ и „инфлуенсерите“ во second hand продавничките. Таму ни се потребни се повеќе луѓе со лична одговорност, свесност и грижа наместо притиснати од личните финансиски состојби, објаснува Дуковска.

Потребно е, вели таа, кај луѓето кои имаат можности за избор да се влијае на навиките за купување и намалување на конзумеризмот. Но, и:

– да се менува наративот од „за сиромашни“ кон „за свесни“, а дискусијата да оди од насоката „што сакаме“ кон „што вистински ни е потребно“

– да се засили едукацијата за тоа како влијаеме со нашите избори врз животната средина, но, и како тоа рефлектира врз нашето здравје

– да се влијае врз намалување на правење отпад од текстил, вклучително да се менуваат навиките за купување (да се купува помалку и да се купува одговорно), да не се фрла туку да се реупотребува, да се иновира и дава нова примена

– да се поддржуваат донирања, размени и реупотреба на облека со цел да се поттикне вмрежување и заедничко делување на темата

– да ги поддржиме и да им се заблагодариме на грижливите граѓани.

Свесното и одговорно купување е клучно за намалување на нашето влијание врз животната средина. Спроведувањето на овие принципи на одржливост во секојдневниот живот не е само личен став, туку и важен чекор кон создавање на подобра иднина за сите.

Фото: Ирена Крстевска

Напишете коментар