Блог, Генерација Z, Доза вести

Дебатиравме дека нема ноќен живот во Скопје… па танцувавме како да сме го имале цел живот

фотографија од Лабораториум, со сите присутни на дебатата за скопскиот ноќен живот

Скопје можеби моментално „спие“, но судејќи по енергијата на подиумот – алармот веќе ѕвони. Прашање е само, кој ќе стане прв.

Дали ноќниот живот во главниот град навистина исчезнува или само чека нова форма?
Панел-дискусијата „Дебатираме, па танцуваме“, што се одржа вчеравечер во „Лабораториум“ во Скопје, отвори директна дебата за состојбата со ноќната сцена.
Накусо – одговорот беше загрижувачки, но, со искра надеж.

На покана на организаторот, Даниел Јовчевски – Libris, кој е активен диџеј, присуствуваме на овој настан и ова се нашите заклучоци. Бевме љубопитни да ги видиме ставовите на оние кои го познаваат градскиот ноќен живот „од времето“, но, на некои на кои ноќните забави им се работа, како и на оние кои сега треба да го креираат живеењето доцна во ноќта.

Еден личен поглед на ноќниот живот

Ноќниот живот на еден град не е потребен само поради забавата за луѓето. За мене и за многумина, претставува важен дел за менталното здравје на луѓето, социјализацијата и културниот живот, не само на младите. Многумина ги критикуваат младите дека секојдневието им се се сведува на екрани и изолираност, ноќниот живот нуди простор за вистинска комуникација, нови познанства и чувство на припадност.

Клубовите, настаните и алтернативните сцени се места каде што се создава култура, се разменуваат идеи и се гради заедница. Без жив ноќен живот, градовите ја губат својата енергија, а младите и оние кои се чувствуваат дека се млади – својот простор за изразување, поврзување и баланс.

Институционални и општествени причини за непостоечкиот ноќен живот

Дебатираа новинарот од „Слободен печат“ Бојан Шашевски, колумнистката во „Култура Бета“, Калина Качоровска, програмската уредничка во Младинскиот културен центар, Маргарита Арсова и менаџерката на диџејот Andrew Meller, Ведрана Ѓорѓевиќ.


На почетокот, тие се согласија дека ноќниот живот во Скопје згаснува и дека причините се комплексни, од институционални до општествени.

Арсова директно ја отвори политичката димензија на проблемот:

– Ноќниот живот во Скопје стана и политичко и партиско прашање – рече таа, упатувајќи критика кон актуелните културни политики и функционирањето на нејзината матична куќа, МКЦ.

Најмладата учесничка на дебатата, Качоровска понуди поинаква перспектива – дека потенцијал постои, но недостига акција.

– Со „Култура Бета“ мапиравме 180 јавни простори во Скопје кои може да се пренаменат за културни и младински активности. Простор има, но самите се кочиме затоа што не сме доволно проактивни- рече таа.

Качоровска додаде дека, и покрај сите предизвици, нејзината генерација во последните пет години неуморно создава нови иницијативи и содржини што го прават градот повозбудлив.

Новинарот Шашевски предложи конкретно решение:

– Потребно е независно тело кое ќе ги трансформира потребите на младите во конкретни барања до градот – рече тој, и додаде дека решенија може да се понудат и во јавно-приватно партнерство.

Тој додаде дека Скопје има сцена, уметници и публика, но недостасуваат безбедни и функционални простори за тие да заживеат.

Ѓорѓевиќ, пак, која е позната на македонската јавност и како ТВ водителка, а која сега е менаџерка на српскиот диџеј Ендру Мелер, ја нагласи улогата на младите во процесот:

– Младите треба да бидат погласни во своите барања и активно да учествуваат во креирањето политики – порача таа, додавајќи дека сепак, постои надеж доколку се делува заеднички.

Од дебата до подиум

По разговорот, вечерта продолжи во она што им недостига на младите – музика и енергија што потсети како треба да изгледа една петочна вечер. Настапија NastasyaKish b2b Dimish, Libris b2b Prengra и Kronom b2b Modern Priest.

Контрастот беше очигледен: додека на сцената се говореше за непостоечки ноќен живот, подиумот покажа дека желбата за него сè уште е жива.

Прашањето останува

Дебатата отвори повеќе прашања отколку што даде одговори, јасно е: Скопје има потенцијал, има луѓе и има енергија. Она што недостига е систем, поддршка и погласен глас од младите.

Скопје можеби моментално „спие“, но судејќи по енергијата на подиумот – алармот веќе ѕвони. Прашање е само, кој ќе стане прв.

Напишете коментар