„Детството е повеќе од амаркорд“ – за скопје од едно друго време
За Скопје од едно друго време, од педесеттите и шеесеттите на еден изминат век. Скопје со своите препознатливи места од пред земјотресот, музиката, предметите, филмовите… Скопје кое веќе го нема. Затоа оваа книга ја доживувам како неопходна, како едно зачајно сведоштво кое во себе ја носи културната меморија на еден град, како трајно (низ книжевно сведочење) зачувана фаза од животот на Скопје.
Ова е само дел од впечатокот на нашиот познат писател, Гоце Смилевски, за книгата на авторот Владимир Петковски, насловена „Детството е повеќе од Амаркорд“, издание на „Матица“.
Во делото е исцртана една интимна топографија, карта на градот, во која, Петковски го впишува сопственото детство, раснењето и личните доживувања во еден конкретен временски период. Тоа е истовремено и роман за магијата на детството на авторот кое е силно поврзана со маалото Млин Балкан, во центарот на Скопје, на просторот меѓу Клубот на пратеници, печатницата на весникот Нова Македонија, Мала станица и плоштад Слобода, во кое авторот израснал (сѐ до земјотресот, кога се сели во Пржино). Тука се и доживувањата од неговото основно училиште Гоце Делчев, Музичкото училиште, кината (кино Култура, кино Балкан, кино Напредок, кино Вардар, кино Младина, кино Карпош), Народниот театар, Градскиот пак, Градската плажа на Вардар, главната Железничка станица и гимназијата Јосип Броз.
Романот се отвора и кон други места од Македонија и поранешна Југославија, но, и кон трите континенти (Северна Америка, Африка, Азија), каде авторот ја градел својата дипломатска и интернационална професорска кариера.
Во книгата се вклучени и емотивни сцени од драматичното искачување на Аконкагва, на Андите, (во февруари 1994 година), што се совпаѓа со последните месеци од подготовките на авторот за преземање на должноста прв македонски амбасадор во НР Кина.
Петковски е автор на 13 книги и над 120 трудови од областа на научната и технолошката политика, знаењето и новите технологии и конкурентноста, и општествената одговорност на претпријатијата, во домашни и странски списанија и публикации.