Доза вести

Дигиталната изложба „Фауна“ во Битола: Урбана уметност со збогатена реалност и еколошка порака

Битола ќе стане дом на нова дигитална уметничка авантура, изложбата „Фауна“, која ќе биде поставена на Широк сокак од утре, 14 октомври 2025 година. Оваа иновативна изложба ги повикува граѓаните и посетителите да гледаат подлабоко во урбаниот пејзаж, да ги откријат животните кои се скриени во него, поттикнувајќи ја креативноста и еколошката свест кај локалната заедница.

– Со помош на апликацијата за зголемена реалност, посетителите можат да ги „оживеат“ постерите и да откријат животински фигури кои се кријат во длабочината на пејзажот. Оваа изложба нè учи да гледаме поинаку и повнимателно на она што нè опкружува и да ја откриеме магијата на градот – изјавуваат од Францускиот центар од Скопјее, НВО Центар за деконтаминација и Француската алијанса во Битола.

Изложбата е дел од проектот „Дигитални уметности, иновации и млади“ и претставува серија постери во голем формат, поставени на јавен простор, кои создаваат интерактивна и едукативна игра за посетителите. Во рамките на настанот, францускиот уметник и актер Матје Пуле ќе одржи и серија активности: семинар за наставници по француски јазик, креативни работилници за две групи ученици, како и посети на изложбата на 18 октомври, со поаѓање од Универзитетската библиотека „Свети Климент Охридски“ во Битола. На овие посети ќе присуствува Пуле.

Настанот е организиран во соработка со НВО Центар за деконтаминација и Француската алијанса во Битола. Изложбата ќе остане отворена еден месец.

Напишете коментар