Добрата идеја е како ендемичен вид растение. Ѝ треба време да заживее
РАЗГОВОР СО ОСНОВАЧИТЕ НА ЦЕНТАРОТ ЗА ОДРЖЛИВИ ПРАКТИКИ, „ПРИРОДНА ПЕРСПЕКТИВА“, БОРЧЕ И СИМОНА ДИМИТРОВСКИ
Секојдневието на овој млад брачен пар е постојана потрага по иновации за облагородување на традиционалниот континуитет на нивните семејни стебла, според нивна лична преференца и сензибилитет. Во „Природна Перспектива” многу често се опкружени со волонтери, пријатели, соработници кои од различни мередијани гравитираат кон овој центар на нивниот свет наречен дом.
Кирчо Анастасов
Многумина во денешно време се прашуваат како е да се започне со живот на село.
Голем број луѓе заминуваат во странство, а некои се враќаат на татковите огништа, поблиску до природата и до традицијата.
Една таква приказна е и оваа на Борче и Симона Димитровски, кои се вратиле да живеат во делчевското село Стар Истевник. Загаденоста, бучавата, гужвата, жештината на градскиот асфалт, биле причини за да направат промена во начинот на живот и да се препуштат на раскошот на зеленилото во природата – во автентичен рурален амбиент.
Магично место за одржливи практики
Борче и Симона се млад брачен пар, кој заедно со нивната тригодишна ќерка, создаваат услови за семеен живот во селото Стар Истевник. За нив, животот на село, е исполнување на мечтите и животната магија од најрана возраст.
Од пред шест-седум години се посветени на уредување на старата семејна куќа која Борче ја има наследено од својот татко, како и уредување на имотот според современи принципи на живот, во содејство со природата и традицијата.
Нивното секојдневие е постојана потрага по иновации за облагородување на традиционалниот континуитет на нивните семејни стебла според нивна лична преференца и сензибилитет.
Двајцата се носечките столбови на Центарот за одржливи практики (ЦОП) „Природна перспектива” од село Стар Истевник, на чија што фејсбук страница стои опис дека тоа е „место за практикување на пермакултура, развој на одржливи идеи и поврзување со природата”.
Во својата работа, многу често се опкружени со волонтери, пријатели, соработници кои од различни меридијани гравитираат кон овој центар на нивниот свет наречен дом.
Идејата за концептот и за почетоците на „Природна перспектива” почнува од 2009 и 2010 година, по идеја на нивна познаничка.
– Како еден од сонувачите и визионерите, почетоците датираат уште од самиот живот на село кој што го имав од раното детство. Во 2009 и 2010 година, една наша познаничка се врати од Индија со идеите за еко село, живот на село, волонтери, луѓе од цел свет… Тоа е една од основите за да се започне со тој концепт. По некое време мечтаење со Симона и со многу пријатели, решивме во 2016- 2017 година да се впуштиме во истражување на македонските села, со идеи како да ги заживееме. И еве, до денес сѐ уште истражуваме и пробуваме да ги заживееме – вели Борче, еден од основачите.
Тој моментално работи како диспечер за американска компанија за камиони. Симона, пак, е преведувачка од руски на македонски јазик и обратно, но, периодов не се занимава со преведување, туку е инструкторка по јога.
– Првпат кога дојдов на ова место, ми се виде многу магично. Многу интересно. Куќата беше уште тогаш зачувана во стар стил. И архитектурата ми се виде многу интересна, и сакав нешто да правиме тука – вели Симона за нејзиниот прв контакт со местото кое што ќе стане нејзина животна преокупација подоцна.
Спој на мудроста од минатото и предностите на сегашноста
Инспирацијата за градење нов заеднички живот, кој ќе ги обедини заедничките страсти, не била отсутна ни за миг.
– Сето тоа дојде од некоја младинска желба за блискост кон природата и авантуристички начин на живот. Без да знаеме со кои сѐ предизвици ќе се соочиме, без да имаме некое подлабоко истражување. Не ни требаше многу за да ја донесеме конечната одлука. Природата, и слободата како чин на одговорност кон околината и самиот себе, беа потттикот кој што наспроти сите недостатоци и предизвици на терен победи во определбата да започнеме со живот на село. Токму тие предизвици, како недостиг на водоснабдување, недостаток од лекарска служба, училиште, инфраструктура, беа мотив повеќе за преземање иницијативи да се менува околината на подобро – раскажува Борче.
Како што велат, тоа била и основната идеја.
– Да направиме комбинација помеѓу добрите карактеристики од природата и од традицијата – во спој со тие некои добри карактеристики кои ги носи модерниот начин на живот – додаваат двајцата.
За Симона, eдна од причините за да дојдат во село Стар Истевник е тоа што претставува отворено поле за да може да практикуваат пермакултура.
– Пермакултурата ја истражувавме и претходно. Ни се гледаше како интересен начин за поставување на цел еден имот, на куќата, на градините. Да се направи еден затворен систем во кој сите сегменти се поврзани и си помагаат еден со друг. На таков начин има многу помалку работа за одржување – вели Симона, за која предизвикот бил мудроста од минатото и предностите на сегашноста, со сите олеснителни околности, да ги спојат на едно место – во нивниот живот на село.
Не било едноставно на почетокот, но, секое соочување со препреките и нивното надминување – вредело.
– Многу пати, самата идеја што ја имаме, јас ја гледам како ендемичен вид на растение кое што треба да го засадиме во некоја животна средина. Значи му треба неколку години да проболедува, да се прилагоди за да може да расте во таа животна средина – сликовито ни објаснува Борче.
Рурален туризам – основа за подобра иднина
„Природна перспектива”, покрај тоа што е дом на Борче и Симона, е и збирно место на голем број волонтери и посетители од цела Европа.
– Имаме подобра соработка со организации надвор од државата отколку тука – вели Симона, која истакнува дека убава соработка имаат со волонтери од Бугарија меѓу другото и преку Еразмус+ програмата.
– Многу пати ни ја имаат враќано мотивацијата кога ние ќе се соочиме со некој поголем проблем, некој зафат, не знаеме или немаме помош како да го изведеме, и тие се тука. Имаме соработка со здруженија од Косово, од Хрватска, од цела Европа – додава Димитровска.
И двајцата нагласуваат дека во нивното секојдневие постои недостиг на други млади луѓе со кои би соработувале или би одржувале соодветен општествено – социјален живот во селото.
– Пред сѐ, ни недостасуваат други млади брачни истомисленици со кои што би можеле да кокреираме и да развиваме идеи од областите на пермакултура, соживот во една еколошка заедница или еко-село што е веќе помодерно во цел свет- вели Борче.
За Симона, пак, една од работите што ја гледа како недостаток е многу малата населеност. Во селото реално живеат само 12 лица и сите се многу возрасни.
Иднината на нивниот живот на село и двајцата ја гледаат во развој на активности поврзани со руралниот туризам.
– „Природна перспектива“ во следниот период, пет до 10 години, треба да прерасне во Центар кој ќе може да ги зголеми капацитетите да примаме групи од по 20-30 луѓе. Да може да се организираат работилници во сферата на пермакултурата. Да можеме тука, во сите четири сезони да живееме, да го немаме чувството дека секоја година почнуваме пак од почеток – изразува надеж Димитровски.
И Симона има своја порака до сите оние кои што размислуваат да започнат живот на село.
– Концептот живот и работа на село – значи и работа на самиот себе. Ако сакате да работите на самите себе, на себеизградување и на раст, секако, не треба да се откажете при првата пречка. Работите ќе се подредат како што треба – порачува Димитровска.
Фотографии: Ирина Крстевска