Доколку општеството не ги ограничува, младите со попреченост немаат ограничени можности
Лице в лице интервју со Наташа Станојковска Трајковска, Професорка на инстутутот специјална едукација и рехабилитација
Иницијативата #Петок #ДенЗаВештини е креирана за да се прикажат успесите кои „Паблик“ како асоцијација ги има постигнато со вклучувањето на продавачи на списанието „Лице в лице“ на пазарот на труд и креирањето на вештини на секое лице засебно. Интервјуто со Професорката на Институтот специјална едукација и рехабилитација, Наташа Станојковска Трајковска ја покажува посветеноста на системот, но и предизвиците при вклучувањето на пазарот на труд.
Нас како асоцијација ни е кристално јасно колкав е потенцијалот на лицата со попреченост и колку многу можат да придонесат во општеството, а вас?
Натали Китаноска
Како продеканка на Филозофскиот факултет, како пристапувате кон студентите за да им ја објасните инклузијата како прилично непознат процес во државата?
Филозофскиот факултет, поради различноста во однос на студиските програми и личните карактеристики на студентите, е инклузивна средина. Токму нашата шареноликост придонесува да развиеме емпатија, разбирање и прифаќање кај студентите и наставниот кадар. Присуството на студенти со попреченост, најмногу по број на еден факултет во државата, дополнително придонесува нашите студенти да ја прифаќаат различноста. Бројните проекти кои ги реализираат наставниците од Факултетот, а на кои вклучуваат и студенти, во најголем дел во фокусот ја имаат токму инклузијата и децата, односно лицата со попреченост воопшто. На листата изборни предмети на Факултетот има предмети кои ги подготвуваат студентите од сите студиски програми за прифаќање и работа со лица со попреченост. Не ретко овие предмети се избор на студентите. Дополнително, дел од студиските програми имаат задолжителен предмет како основа за работа со лица со попреченост. Сакаме сите студенти да се чувствуваат дека се прифатени и вклучени во сите активности на Факултетот. Имам впечаток дека студентите со попреченост се среќни и можат да го почувствуваат студентскиот живот подеднакво со сите.
Кај нас, поради природата на студиските програми се негуваат вредностите, недискриминацијата, принципот на еднаквост. Токму тоа придонесува полесно да може студентите од сите студиски програми да ја разберат инклузивноста во културен и општествен контекст. Со поврзување на сите универзални вредности, полесно може младите луѓе да ја разберат инклузијата како концепт.
И покрај тоа што сите декларативно подржуваме инклузивни процеси мора да признаеме дека во пракса прифаќањето на различноста не е едноставен процес. Во обид да имаме влијание и на ова поле, организираме активности со кои сакаме да ја зајакнеме општествената одговорност и да ги поврземе студентите и наставниот кадар со заедницата и институциите во системот.
Активностите кои ги имавме во последниве години се доволен доказ за тоа. Секоја заедничка активност која ја вклучува компонентата на попреченост придонесува по некој нов студент, иден професионалец од општествени или хуманистички науки кој претходно немал искуство на работа, образование и живот со лица со попреченост, да биде свесен дека од свој аспект има важност во креирање поинклузивно општество. Со ваквите активности студентите индиректно вложуваат во својот личен и професионален развој.
Какви иницијативи спроведовте за поддршка на студентите со попреченост на Филозофскиот факултет? Кои се пак, неопходни да ни се случат што поскоро?
Последниве години Филозофскиот факултет низ низа проектни активности направи многу за студентите со попреченост да имаат подобри услови за учење и студентски живот. Набавени се повеќе технички помагала и асистивни уреди, обезбеден е пристап до и низ факултетот, направен е адаптиран тоалет. Дополнително се работеше на развивање алатки за учење. Креиравме „Мудл“ платформа за е-учење прилагодена за студентите со попреченост. Решението е достапно во форма на веб апликација и на мобилната апликација за „Андроид“. „Мудл“ веќе се применува со студентите со попреченост. Комисијата за информатички и комуникациски технологии при Филозофскиот факултет, во соработка со Здружението за дислексија „Ајнштајн“ и компанијата „Emit Knowledge“ го создаде првиот кирилски фонт прилагоден на лицата со дислексија, „Dyslexic FZF“. Може да се користи онлајн, со помош на додавката „Бато“ која е достапна бесплатно.
Основната цел на кириличниот фонт „DyslexicFZF“ е да го олесни читањето кај лицата со дислексија, а со неговата употреба самиот процес на читање станува потечен и се намалува бројот на грешки. „Внатрешен патник“, е единствено студентско списание во државата, се печати на Брајово писмо, на фонтот „DyslexicFZF“, како и во аудио формат. За поддршка на самите студенти со попреченост, но и на наставниот и административниот кадар од големо значење е отворањето на центар за поддршка.
Техничките предуслови веќе ги поседуваме, се надевам дека ќе најдеме решение со кое студентите и наставниот кадар ќе обезбедат стратегии за усвојување на знаењата и вештините, во согласност со спецификите на секој студент и секоја студиска програма поединечно. Така ќе создадеме подобра инклузивна клима на Универзитетот, но и ќе работиме на подготовка на кадар, кој и покрај попреченоста, може да се носи со сите предизвици на современото општество. Дополнително, треба да работиме на мотивирање на средношколците за полагање државна матура и храбра борба со сите предизвици што ги носи високото образование, кое пак отвара можности за промоција на лицата со попреченост како млади луѓе кои немаат ограничени можности доколку општеството не ги ограничува.
Кои се предизвиците и можностите што ги гледате во сегашниот образовен систем за ученици со попреченост?
Процесот на образование е динамичен. Општествените промени и промените во технолошкиот развој бараат прилагодување на процесот на образование на новите генерации. Вклучувањето на учениците со попреченост во инклузивниот образоовен систем придонесува на креирање инклузивна клима и позитивни инклузивни практики. За повеќето ученици ваквиот пристап е постимулативна средина која влијае и на воспитната компонента. Напредокот во технологијата обезбедува алатки за подобрување на учењето за учениците со попреченост, правејќи го образованието подостапно и прилагодено на секој ученик поединечно. Последниве години дел од училиштата станаа подостапни за учениците со развојни тешкотии и посебни образовни потреби, се развиваат различни алатки кои овозможуваат остварување на предвидените цели од наставната програма. Дополнително се развиваат ресурси за поддршка на учениците, нивните семејства и наставниците. Сето ова води кон промена на ставовите на наставниот кадар и родителите на децата врсници.
Во пракса условите не се еднакви во секоја локална средина и секое училиште. Дел од образовните институции немаат потребни ресурси, како што се физичка пристапност, помошни технологии, специјализиран кадар и достапни материјали за целосна поддршка на учениците со попреченост. Наставниците и стручниот тим често добиваат ограничена обука за тоа како ефективно да се приспособат и да ги вклучат учениците со попреченост, што доведува до празнини во поддршката и разбирањето. Постојано укажуваме на фактот дека раната инклузија, односно раната интервенција и вклучување на децата со попреченост во детските градинки, е важен предуслов за подготовка за вклучување во образовниот процес на децата со посебни потреби, но и надминување на стигмата кај децата врсници и нивните родители.
4Која е вашата порака до работодавачите – Како до општествено одговорни компании кои сè повеќе ќе ги вклучуваат лицата со попреченост на пазарот на труд?
Колку што лицата со попреченост се поприсутни во заедницата и општеството, толку ќе ги прифаќаат полесно и работодавачите и останатите вработени. Има позитивни примери ва вредни и исполнителни работници. Тие треба да се промовираат за да бидат свесни работодавачите дека инклузивноста не е само општествена одговорност, туку и паметна деловна стратегија. Со добра едукација и професионална ориентација образовниот систем треба да испорача подготвени, посветени и високо мотивирани поединци кои можат да донесат уникатни перспективи и вештини во компаниите.
За да биде општествено одговорна компанија, не треба само да поддржува активности во заедницата, туку и да поттикне инклузивна култура во својот состав, каде што сите вработени се чувствуваат ценети и поддржани. Компаниите кои вклучуваат лица со попреченост треба да ги промовираат своите производи, а со тоа да ја развиваат свеста на потрошувачите дека нивните производи или услуги треба да ги користат поради квалитетот, а не за сожалување или поддршка на лицата со попреченост. Сведоци сме на примери каде лицата со попреченост ја креваат нормата или влијаат на работната клима, па затоа посакувам што поголем број компании или институции да имаат можност да учат за инклузијата и да ја практикуваат во своето работење.
Што треба да се направи за да се креираат можности за поголемо вклучување на лицата со попреченост на пазарот на трудот?
Несомнено мора да бидат поврзани сите сегменти – од раната процена, интервенција, преку мотивирачко и квалитетно образование насочено кон вештините за самостојно живеење, самозастапување и вклучување на пазарот на труд. Државата нуди афирмативни мерки, постојано има активни мерки кои треба да ги стимулираат работодавачите. Во пракса, имам впечаток дека информациите до свете страни, лица со попреченост и нивните семејства и работодавачите, не секогаш стигнуваат на вистински начин. Сè уште треба да се работи на информирањето на работодавачите и широката популација за вештините и можностите на лицата со попреченост.
Создавањето пристапни работни средини е од клучно значење. Ова значи не само да се направат достапни физички просторите, туку и да се осигура дека алатките, технологиите и процесите за комуникација се инклузивни. Почитувањето на стандардите и универзиалниот дизајн гарантира дека секоја средина е достапна за сите, па и за оние кои времено имаат некакво ограничување или трајно се лица со попреченост. Мора да работиме на уривање на стереотипите и да се создаде попријатна култура на работното место.
Градењето партнерства со организации кои се специјализирани за услуги за попреченост нуди развивање иновативни можности за вработување на лица со комплексни проблеми и потешко вработливи лица со попреченост. Ова може да им помогне на компаниите да пристапат до поголеми фондови и да ги искористат вештините, како и да ја обезбедат потребната поддршка и за работодавачите и за вработените. Инвестирањето во програми за развој на вештини приспособени на потребите на лицата со попреченост е од суштинско значење. Ова вклучува обезбедување стручна обука, менторство и кариерно советување за да им се помогне да ги изградат вештините потребни за самозастапување и промоција за успех на пазарот на трудот. Доколку институциите во системот одговорно се посветат на ова, можеме да создадеме поинклузивен пазар на труд кој не само што им користи на луѓето со попреченост, туку и ќе ја збогатува работната сила и општеството како целина.