Норвешкиот документарец „Затемнување“ на Наташа Урбан – најдобар филм на 13. „МакеДокс“
Доделувањето на наградите на 13. Фестивал на креативен документарен филм „МакеДокс“ се одржа на 24 август, во Куршумли-ан, во рамките на претпоследната фестивалска вечер.
На „МакеДокс“ се доделуваат пет награди – „Кромид“ за најдобар филм во главната програма, „Млад кромид“ за најдобар филм на нов автор, „Сечкан кромид“ за најдобар краток филм, „Кокарче“ за најдобар студентски филм и Награда за филм со најдобри етички идеи, а во комисиите за наградите членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот свет.
Наградата „Кромид“ за најдобар филм во главната програма ја доби документарниот филм „Затемнување“ (Норвешка, 2022, 110 мин.) на Наташа Урбан. Комисијата во состав Џон Апел, Кармен Греј и Јана Цисар го даде следното образложение: „Повеќеслојно, софистицирано дело на рекултивација на меморијата, што го поврзува минатото со сегашноста и личното со политичкото, со изразено чувство за поетски детали и посветеност на интегритетот на историското сведоштво, ’Затемнување‘ претставува значаен придонес за пресметката на балканскиот регион со војната, раселувањето и идентитетот.“
Специјално признание „Кромид“ доби филмот „Вознемирена земја“ (Шпанија, Босна и Херцеговина, 2021, 71 мин.) на Кумјана Новакова и Гиљермо Карерас – Канди со образложение: „Филмот претставува поетски есеј за еден ’пејзаж на вината‘. Овој филм создава едно кинематографско искуство на тишина и време, на трауматично минато кое едвај се крие во сегашноста.“
Наградата „Млад кромид“, за која одлучуваше комисија во состав Даниел Вадоцки, Наталија Јефимкина и Жоан Гонзалес, ја доби филмот „Братство“ (Чешка, Италија, 2021, 97 мин.) на Франческо Монтанер со образложение: „Авторот прецизно и чувствително ја долови комплексноста, како и сложеноста на односите во едно целосно машко семејство. Како гледачи, имаме можност да се нурнеме во младешки свет полн со строги правила и обврски, без оглед на присуството на родител-авторитет. ’Братство‘ отвора поголем контекст на двојноста на современиот свет и традицијата. Блискоста и природноста на ликовите во силните филмски слики го прават брилијантно дело, полно со суптилност и убавина.“
Специјално признание „Млад кромид“ доби „Невидливи демони“ (Финска, Германија, Индија, 2021, 70 мин.) на Рахул Џаин.
Наградата „Сечкан кромид“ за најдобар краток филм ја доби „Бабајања“ (Хрватска, 2022, 14 мин.) на Анте Златко Столица. Комисијата во состав Марион Чарни, Ангелики Вергу и Сузан Нодал истакна: „Филмот нè воодушеви со своите неверојатни визуелни прикази и оригинален начин на мешање на духовите од детството со тешките реалности. Преку воспоставување на фиктивни елементи во документарен наратив, детската перспектива полека се менува во една истрага на возрасен човек, кој се обидува да ја најде жената што го прогонувала во соништата и што била претворена во чудовиште од нејзините соселани поради својата другост“.
Специјално признание „Сецкан кромид“ добија филмовите „Се обидувам да се сетам“ (Чешка, Иран, 2021, 15 мин.) на Пегах Ахангарани и „По течението на зборот“ (Холандија, 2021, 22 мин.) на Илејн Естер Ботс.
За наградата „Кокарче“ одлучуваше комисијата во состав Алба Чакали, Златко Ѓелески и Невена Милашиновиќ, и ја доби студентскиот филм „Чичко ми Тудор“ (Белгија, Унгарија, Португалија, 2021, 20 мин.) на Олга Луковникова со образложение: „Овој филм е моќен исказ на еден храбар, млад режисер кој се враќа назад и се соочува со чудовиштето во куќата. Филмот остава дамка во умот на гледачите што не може да се избрише, правејќи ги заложници на злосторствата сторени од блиски роднини, а сепак остава доволно простор да се замислат суровите дела кои не треба да се повторат, никогаш, никому, никаде.“
Специјално признание „Кокарче“ доби филмот „Стадо“ (Израел, 2021, 37 мин.) на Омер Даида.
Во конкуренција за Награда за филм со најдобри етички идеи влегуваат сите филмови од натпреварувачките селекции, а одлучуваше комисија во состав Артан Садику, Борче Стаменов и Сашка Цветковска. Наградата ја доби филмот „Куќа од раски“ (Данска, Финска, Шведска, 2020, 86 мин.) на режисерот Сајмон Леренг Вилмонт.
Образложение: „Куќа од раски“ е одличен пример за моќта на филмот да ги открие сложените човечки чувства и реакции во многу интимна и деликатна ситуација на несреќните деца на украинскиот пропаднат општествен систем. Филмот ни покажува како етиката на понижување на едно општество влијае на неговите најранливи членови. Иако ова е тажна и трогателна приказна за деца со неизвесна иднина, таа се разголува во своето највистинско присуство, без форсирање на елементите и наративот. Да се снима документарен филм со деца кои ги доживуваат своите најдлабоки трауматски моменти во животот, бара постојан етички фокус, чувствителен пристап и грижа да не се навлегува во нивниот веќе нарушен живот. Сето тоа со цел да се доближи нивната несреќна приказна пред очите на светот, очите кои се поштедени од неволјите низ кои минала филмската екипа.
На последниот фестивалски ден на 13. „МакеДокс“ на 25 август, програмата содржи шест документарни филмови, чии проекции ќе се одржат во Куршумли-ан и на платото пред Музеј на РСМ.
Тринаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Македонија, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон, Институтот „Јунус Емре“ – Скопје, Чешката Амбасада во Скопје, Чешкиот културен цeнтар во Софија, Сивус Скопје – Групација „Арикома“, Грчкиот културен центар, МЕДИА деск МК, Музеј на РСМ, Археолошки музеј, Музеј на современата уметност, такси „Глобал“.
Медиумски покровители на 13. „МакеДокс“ се: Слободен печат, Нова Македонија, МТВ – Прв програмски сервис, МКД.мк, УМНО, СДК.мк (Сакам да кажам.мк), Плус Инфо, Окно, Офф.нет, Е-магазин, Лице в лице, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Радио Канал 103, Радио Антена5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Его, Поп-ап, Види Вака, Гледај.мк, Кајгана Медиа и Еспресо.мк.