Доза вести, Инклузивно општество

Инклузивност со пет ѕвезди!

Општествената свест во Македонија за препознавање и поддржување на инклузивниот туризам е недоволно развиена, за разлика од многу земји во светот каде овој вид на туризам станува сѐ попопуларен. Сѐ повеќе компании во светот денес се одлучуваат на соработка со здруженија како што е нашето, со што, освен промоција на ваквиот вид туризам, тие, пред сѐ, на вработените во ваквите хотелски капацитети им овозожуваат да продолжат да ја обезбедуваат својата егзистенција, вели директорката на хотел ,,Далјан“, Славица Стефаноска.

Матеа Стоев
Фото: Кристина Затуровска

Сместен на самиот брег на Охридското езеро, хотелот ,,Далјан”  плени, не само со својата убавина, туку и со  својата уникатност како своевиден мост помеѓу светот на звуците и светот на тишината.

Желбата за соработка и успех – посилна од бариерите

При нашата посета, таму ја сретнавме Гордана Илевска, глуво лице кое работи како куварка. Не ја криеше радоста  од нашата средба и заинтересираноста за нејзините вештини. Со задоволство ни објасни што значи да се биде кувар во хотел „Далјан“ и ни ги презентираше своите кулирански специјалитети.
На оваа позиција работи веќе 13 години, и вели дека ѝ претставува вистинско задоволство.

– Најчесто, луѓе како мене, кои имаат ваква попреченост, избираат да работат како шнајдери, молери или пак во печатница. Односно избираат работа во која не потребна комуникација. Почетокот беше потежок, како и секој почеток секаде. Имавме моменти кога не можевме да се разбереме или требаше да си ги објаснуваме работите по неколку пати. Но, желбата да соработуваме и да успееме беше посилна од бариерите. Сега, кога сите колеги го зборуваме знаковниот јазик, соработката ни е многу полесна, споделува Илиевска.
Вели дека сите вработени се како едно семејство, во кое сите членови си помагаат меѓусебно. Се надополнуваат, вклопуваат, и понекогаш „не е потребен ниту збор за да се разберат“.
– Горда сум што сум кувар овде. Ја сакам својата работа, а посебно среќна ме прават комплиметите од гостите за она што сум го зготвила за нив, додава Гордана.

Инклузивниот туризам во светот станува сѐ популарен, не и кај нас

Хотелот  започнува да работи  во далечната 1975 година како одморалиште за членовите на Сојузот на глуви и наглуви лица  на Македонија, а од 2008  се насочува кон промена на концептот на работа и почнува да го имплеметира инклузивниот туризам.

Низ разговор, Славица Стефаноска, директорка на хотелот, појаснува дека пласирањето на една ваква поразлична туристичка понуда претставува долг и макотрпен процес на, пред сѐ, просторно адаптирање на хотелот, кој, во исто време, треба да биде хотел за гости без никаква попреченост, но, и хотел приспособен на потребите на гостите кои се глуви или наглуви, слепи.

-Ние функционираме како самоодржливо социјално претпријатие веќе 15 години. Искуството ни покажува дека, кога станува збор за соработка со други деловни субјекти, со цел – одржување на каков било вид конгреси, семинари или друг тип на организирани настани, за жал, желбата за поддржување на концептот на инклузивност е на доста ниско ниво. Често се преферира да се избере хотел со 4 или 5 ѕвезди кои чинат доста поскапо,  иако нашата понуда во квалитет воопшто не заостанува зад другите. Општествената свест во Македонија за препознавање и поддржување на инклузивниот туризам е недоволно развиена, за разлика од многу земји во светот каде овој вид на туризам станува сѐ попопуларен. Сѐ повеќе компании во светот денес се одлучуваат на соработка со здруженија како што е нашето, со што, освен промоција на ваквиот вид туризам, тие, пред сѐ, на вработените во ваквите хотелски капацитети им овозожуваат да продолжат да ја обезбедуваат својата егзистенција, вели директорката на хотел ,,Далјан“, Славица Стефаноска.

Хотелот работи веќе 12 месеци, и си има сезонски концепт на работа.

– За време на летниот период, секој си ја работи својата примарна професија, додека, пак, преку година, сите тимски се посветуваме на одржување на комплексот, средување на градината, варосување, реновирање, итн. Ние немаме средства да си дозволиме некој друг да ни ги заврши овие работи, сами се грижиме за она што е наше, додава Стефаноска.

Свет на тишината – свет со поинаква перцепција и посветеност

За разлика од останатите типови хотели, во хотел каде половина од перосоналот се глуви лица, потребна е многу поголема ангажираност и посветеност. За да се работи со ваков персонал, човек мора да го познава и светот на тишината.

– Тоа е навистина друг свет, со поинаква перцепција и законитости. Ако ние се познаваме меѓусебно преку збор, глувите луѓе првичната перцепција ја остваруваат преку поглед.

И работните активности кај нас се одвиват на сосема поинаков начин. На пример, иако целиот наш персонал го говори знаковниот јазик, ние не можеме да довикнеме по куварката за да се подготви некоја нарачка. Затоа имаме воспоставено други начини за комуникација. На пример, откако келнерот ќе ја прими нарачката од гостинот, тој компјутерски, преку посебен софтвер, ја печати нарачката и притиска копче кое испраќа светлосни сигнали до кујната кои ќе бидат забележливи за куварката. Така, куварката знае дека има нарачка која трeба да се подготви, ни објаснува Стефаноска, која е лиценциран преведувач на знаковен јазик и неуморен борец за правата на лицата со попреченост и нивната работна интеграција во Македонија.

Тимскиот дух ги надминува сите предизвици

Дел од тимот и своевиден медијатор помеѓу кујната и дирекната услуга на гостите е Јован Стефаноски, шеф на кујна и лице без попреченост.
Во хотел „Далјан“ работи веќе седум години. Вели дека најголемиот предизвик за него, да се работи во една сосема поразлична средина од вообичаената, е да се воспостави начин на заедничка комуникација.

-Без соодветна комуникација не би можеле професионално да функционираме. Мојата задача е да контолирам дека од кујната до услужувањето на гостинот сѐ ќе се одвива тековно и без грешки. Комуницирајќи на јазикот на гестот, тука сум на колегите да им обрнам внимание доколку нешто испуштиле или да асистирам во подготовките доколку е потребно. Сите меѓусебно внимаваме еден на друг секој професионално да си ја изврши задачата. Што се однесува конкретно за кујната, генерално храната се подготвува по однапред осмислени менија, осмислени за групи гости кои престојуваат во хотелот повеќе дена, но, секако, имаме и  опција и за А-ла карт, вели Стефаноски.

Во хотелот поразговаравме и со Крсте Савевски, лице без попреченост, на работната позиција келнер. Запрашан дали некогаш комуникацијата меѓу вработените е доведена во прашање, вели дека предизвици секогаш има, но, тимскиот дух несомнено ги надминува.

– Јас сум дел од „Далјан“ веќе 15 години. На самиот почеток беше голем предизвик да се завршат сите нарачки на време, а немавме време да се повторуваме одново и одново. Се случувало и готвачката да не го забележи светлосниот сигнал, па да треба сам да ја подигнам нарачката, што, лично, никогаш не ми претставувало проблем. Но, она што нѐ води е тимскиот дух, па така многу брзо почнавме да се учиме карактерно, да си ја учиме рутината, а познавањето на знаковниот јазик само дополнитено ни го олесна работењето, ни сподели Савевски.

Целта ни е секој гостин да се чувствува пријатно

Најчести гости на хотел „Далјан“, скоро 80 отсто, се глуви лица. Тие, велат од тимот, во ова место се чувствуваат како дома.

-Нашиот персонал е обучен, уште на прв поглед, да ја препознае специфичноста кај секој гостин, без разлика дали тоа е глуво, наглуво или слепо лице. Во зависност од нивната попреченост, гостите добиваат соодветно поставена соба пред нивното пристигнување, според нивите потреби. Пред секоја врата, место ѕвонче, има поставено копче кое праќа светлосни сигнали во собата на гостинот. Taка, истиот ќе биде известен доколку има потреба собарка или некој друг да влезе во собата. Доколку, како гости, имаме слепи лица, просторот се ратсеретува од непотребни предмети кои можат да им го попречат патот, ходникот е секогаш празен, а креветот и столицата се наоѓаат секогаш на исто место. И послужувањето на храната се одвива на специфичен начин. Се служи во длабоки чинии, а келнерот секогаш со допир ќе му даде на знаење на гостинот каде се наоѓа чашата, ни го објаснува Стефановска третманот на гостите во хотелот „Далјан“.

Вели дека својата работа ја доживува како мост меѓу два света.

– Целта ни е секој гостин што ќе дојде во „Далјан“ да се чувствува пријатно. Како дома. Сакам да се движиме во оваа насока, и да се дава повеќе поддршка на лицата со попреченост кои работат вакви професии, зошто инклузивноста во туризмот не ја претставува само пристапната патека, туку комплетна хотелската услуга, ни вели за крај Стефановска.
На испраќање, менаџментот и вработените во хотел „Далјан“, го завршуваат овој разговор со апел до сите индивидуалци и компании во земјава да го изберат хотел „Далјан“ како место за свој одмор или организирање на настани, и полека да се навикнуваат да бидат дел од инклузивниот туризам кој денес сѐ повеќе се популаризира во светот.

Различноста нека ни биде привилегија! – порачаа тие.

(Содржината е подготвена во рамки на проектот „Лице в лице со различностите“ во соработка со „Порака Нова“ од Струга, со финансиска поддршка од Европската унија. Мислењата и ставовите наведени во оваа содржина не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Европската унија)

Напишете коментар