Лице в лице со ...

Херои во сенка

Време на читање: 6 минути

Во изминатава декада клучен дел во продажбата на „Лице в лице“ беше работата на мрежата партнерски организации. За предизвиците, но и за позитивните промени кај продавачите, разговараме со дел од координаторите на овие организации
- банер -

Многу често за „Лице в лице“ велиме дека не е само списание. Тоа е само еден дел од мисијата, со која веќе 10 години заеднички се движиме. Продавачите ги гледате, списанието го држите в рака, но тој дел што не го гледате е многу важен за да опстанат работите што се гледаат. „Лице в лице“ од самиот почеток гради партнерства со организации со кои има заедничка цел – поддршка за работна интеграција на ранливите сограѓани. Во изминатава декада клучен дел беше работата на мрежата партнерски организации. Некои од нив се со нас од самиот почеток, некои се придружија подоцна, но најважно е што сите се трудат преку соодветна директна поддршка да ги охрабрат и мотивираат продавачите во нивната намера достојно да заработуваат. Во секоја од партнерските организации има координатор што му обезбедува на продавачот директна поддршка и определени насоки, кои се клучни за напредокот.

За предизвиците, но и за позитивните промени кај продавачите, разговараме со дел од координаторите од партнерските организации.

МКЦ Битола: работиме, учиме и се надградуваме

„Лице в лице“ се продава во Битола. На Широк сокак ќе ја најдете Мубија. Одговорни за дистрибуцијата и за продажбата во градот на конзулите се партерите Младински културен центар – Битола, организација што се фокусира на обединување и развој на креативните потенцијали на младите и на поттикнување на граѓанскиот активизам. Директна поддршка на Мубија е координаторката Ирена Стојчевска.
– Прекрасно е чувството да работиш и да помогнeш некому, а истовремено и да учиш и да се надградуваш. Токму таков е и процесот на работа што го имаме со Мубија. Секојдневна комуникација и разговори, правење планови за продажба, следење на продажбата, мотивирање и решавање на проблемите и на предизвиците што ги носи уличната продажба – се само дел од секојдневните обврски што ги носи овој процес, а се потребни за да роди плод. Евидентен е напредокот, но сѐ уште има простор и потреба за работа – вели Стојчевска.
Здобивањето работни навики, чувството за одговорност, развивањето комуникациски вештини, свесност за значењето и за потребата од работниот ангажман – се само некои од придобивките што Мубија ги здобила и развила преку овој процес.
– Целата работа со Мубија е еден вид предизвик, а мотивацијата е нешто на кое постојано работиме. Борбата за егзистенција и за остварување приход за покривање на основните месечни трошоци е нешто што најмногу влијае за таа да биде мотивирана и присутна во продажбата. Понатаму, со честите разговори и редовната комуникација и работа со неа постепено разви и свесност за одговорност и за работни навики што дополнително секојдневно ја зголемува нејзината мотивација – додава Ирена.

Координаторката Ирена од Дневен центар за деца на улица, со продавачката на „Лице в лице“ Рамајана, Хари – продавач од Црвен крст на Град Скопје и Амир

Дневен центар за деца на улица:  оптимизам, посветеност, љубов и трпеливост

- банер -

Една од партнерските организации што функционира во Скопје е и Здружение за заштита на правата на детето. Организација што работи на создавање еднакви можности за развој на децата и на младите, особено ранливи групи, но и на афирмација на демократските вредности и на засилување на младите за активно и одговорно учество во заедницата. Како организација што го води Дневниот центар за згрижување деца на улица во Шуто Оризари, уште од почетоците на работата на „Лице в лице“ регрутира продавачи што се поранешни младинци од улица. Од таму доаѓаат Рамајана, Рахман, Мемет, Сунај, Ајтен, Амир, Алмир, Сељатин и Армандо, кои се најактивни овој период.
Координаторката што многу посветено работи со овие продавачи е Ирена Велкоска.
– Работата со продавачите е ангажман што бара оптимизам, посветеност и истрајност, но со голема доза на емпатија, љубов и на трпеливост. Тоа значи поддршка во процесот на социјалната и работна интеграција, понатаму, да се научат на морални вредности и одговорност, да го вреднуваaт развојот на сопствените позитивни особини и да ги согледуваат напредокот, успесите и предизвиците.
Таа додава дека на почетокот се соочувале со чувството на „невозможна мисија и неизвесност“.
– Се прашувавме дали и како ќе биде прифатен овој модел од сите учесници во општеството. Етапно ги градевме работните навики за одговорно однесување кон работните задачи, почитување на времето на другите и навремено доаѓање на локација и тимска работа. Ги развивавме комуникациските вештини и ги учевме за културен пристап. Сега веќе сме стигнати до таму што разговараме за придобивките и за искористување на можностите за нивно вработување – објаснува Велковска.
Смета дека е многу важно да ги научиме младинците да не се откажуваат.
-Треба да се истрајни и упорни и да градиме позитивен однос кон проблемите на кои ќе наидат.  Со соодветна поддршка и верба во сопствените капацитети и со вложување труд, развиваме важни особини како истрајност и оптимизам, принципиелност, со кои го совладуваме отпорот и доаѓаме до успех – додава Ирена.

Стефан и Игор од „Порака Нова“ Струга

„Порака нова“ Струга: кога има заложби, трансформацијата е неизбежна

Повеќето од вас што имале можност да ги посетат Струга и Охрид, сигурно го забележале „Лице в лице“ и кај нашиот продавач Игор Шајноски. Тој е дел од  организацијата „Порака нова“ од Струга, која ги промовира правата на лица со попреченост и на нивните семејства, во насока на создавање соодветна поддршка и обезбедување ресурси што им се потребни. Игорче е заедничка гордост. Тој е единствениот вработен продавач на „Лице в лице“. Со Игор веќе седум години работи неговиот координатор Стефан Малевски, кој вели:
– Подолг период работам со еден продавач, со Игор. На почетокот координирав неколку продавачи. Кога работиш со повеќе, покрај тоа што се грижиш да имаш увид и контрола во целиот процес, треба да внимаваш и на нивното меѓусебно почитување за да добиеш еден компактен и усогласен тим за продажба. Ова подразбира дека голем дел од енергијата и заложбите, лични и на тимот, треба да се насочат на продавач/ите за да се изгради еден процес што би водел кон успешна продажба и задоволни продавачи – вели Стефан.
Во претходниот период, преку работата на „Порака нова“, Игор веќе бил навлезен во многубројните процеси на усвојување навики и вештини,  односно редот бил изграден благодарение на претходните координатори што работеле со него.
– Не почнав од нула, но се разбира дека со воведувањето нови работи и процеси (како што се продажба во локални фирми, проширувањето на продажбата во Охрид и продавницата на интернет) Игор се изгради како личност, како важен фактор во продажбата. Сето ова го прави Игор, со моја поддршка и со поддршка од тимот. Штом се внесуваат нови начини на работа и на соработка во продажбата, трансформацијата е неизбежна, и на продавачот и на процесот. Се здобива со нови вештини и процесот и продавачот добиваат една друга димензија – додава тој.
Особено работат и на негово мотивирање, но и дека тоа во голема мера се должи на успехот.
-Кога продажбата кај нас е подобра, особено во летниот период, и мотивацијата и желбата за работата е на повисоко ниво. Самиот продавач е задоволен кога постои заинтересираност за купување на списанието. Кога продажбата е помала, се трудиме тимски да најдеме нови начини за продажба и да ги развиеме за да нема разлика во продажбата и за продавачот да биде задоволен – споделува Стефан.

Црвен крст на град Скопје: напредокот е една голема сложувалка

Еден од ветераните на „Лице в лице“ е и Хасан Аметовски – Хари, кој доаѓа од нашата партнерска организација Црвен крст на град Скопје. Организацијата работи на подобрување на животот на ранливите категории лица и на промовирање на хуманитарните вредности и на хуманитарното право. Таму координаторка е Драгана Лазаревска, која веќе подолго време работи со Хари. Оваа улогата за неа значи личен, професионален развој и напредок, кој се базира на коректни, асертивни, емпатични и креативни релации со продавачите на уличното списание. Вели, напредокот кај продавачите во текот на годините е како една голема сложувалка.
– На почетоците недостигаше храброст да го продаваат ова списание, но сега тоа е минато. Коцките од оваа голема сложувалка се наместени секоја на своето место. Се обидувам да ги мотивирам несебично, со сето срце и душа и со крајно посветен и пожртвуван однос кон продавачите. Ова значи несебично вложување од страна на менторот, да излезе на теренска продажба заедно со продавачите или да го долови ликот на успешен продавач пред големите општествено одговорни компании.

„Порака Неготино“: успехот на продавачите е и наша мотивација

Веројатно повеќето од вас имале можност да ги запознаат нашите продавачки Горде, Перјана, Кате, Анабела и  Марица, кои ни доаѓаат од партнерската организација „Порака Неготино – Волково“, која  работи на заштита  на правата и на достоинството, како и на целосна интеграција на лицата со попреченост во менталниот развој и на нивните семејства во сите сфери на општеството. За работата со овие пет многу посветени продавачки на „Лице в лице“ е задолжен целиот тим, а во оваа пригода своето искуство ни го сподели Кристина Николова:
– Задоволството е големо во однос на постигнатото осамостојување на продавачите. Нивната искрена среќа и задоволство за сработената работа ни дава поголема мотивација за поголем ангажман и упорност, за продавачите да станат поуспешни и позадоволни. Напредок во нивното однесување, нивното промовирање на списанието додека го продаваат, бројот на продадени примероци и сѐ поголемата желба да излезат и да продаваат. Продавачите на списанието се мотивирани со тоа што редовно добиваат плата од продадените списанија, убави и пофални зборови, се дружат меѓу себе, се среќаваат со пријатели, добиваат дополнителни награди од наша страна, екскурзии, прошетки и слично – споделува Кристина Николова. 

Напишете коментар