Лице в лице интервју, Одговорна иднина

Сакаме со „Камп“ да израснат свесни генерации за климатските промени и за природните убавини 

Анета Ристеска

Две области што нам ни се мили се едукација и заштита на природата. Нашиот профит ќе биде реинвестиран во организации и настани што се залагаат за овие области, а како социјален бизнис ќе им дадеме предност на дискриминираните да ни се придружат кон реализирање на целите, велат авторите на идејата „Камп“ – градинка на отворено

Скандинавските земји отсекогаш ни биле сонувана реалност за убаво поминато време на најмладите во природа додека се згрижени во градинка или детски центри. Кај нас има поделби и за ова, од типот: „Како ги оставаат децата да играат на дожд на отворено?“, „Како може да играат во вирчиња и кал?“, но и од оние: „Така се засилува имунитетот“, „И умно и забавно“, „Ова ни е потребно, а не децата да бидат затворени по цел ден во четири ѕида“.
За среќа на последниве коментари, оваа идеја најде плодна почва и кај нас, и тоа преку визијата на младите Ана-Марија Павлова и Бојан Андонов од Штип.  Градинката на отворено „Камп“ става акцент на здравиот начин на живот уште од најмладите години и цели секојдневно да ги запознава децата со придобивките што ги носи природата. Клучно за создавањето на овој концепт, градинка во природа, бил престојот на Ана-Марија во Литванија, каде што работела како волонтер на вакво место. По завршувањето на студиите таму, во летото од 2020 година, прифатила можност да го види одблизу ваквиот модел. Така дошло волонтерското работење како помошник во шумска градинка.Одблиску видела дека и секојдневниот дожд може да биде голем предизвик за децата за активности низ кои ќе учат и ќе се забавуваат. Ова искуство ѝ покажало дека нашата земја има многу подобри временски услови за постоење ваков центар за деца. Кога се вратила во Македонија нејзината идеја била широко дочекана од пријателите и најблиските, а посебно од Бојан, кој имал и најголемо искуство како извидник, водич на најмладата патрола во И.О. „Еквинокс“ – Штип.
За време на натпреварот RISE, кој го организира „Арно“, додека ја развивале идејата, решиле да направат тимска посета во две шумски градинки во Литванија. Така се погодило оттаму и да ја презентираат идејата пред главната комисија на денот кога требаше да се изберат победниците.

Како оди сега развојот на оваа победничка идеја и замисла, но и за тоа какви предизвици се наѕираат – разговараме со главните иницијатори, Ана-Марија и Бојан.

Во што сѐ се состои главната понуда на оваа градинка во Штип и која е иновацијата во неа? 
– „Камп“ ќе биде поинаква од секојдневните градинки. Најголемиот дел од денот децата ќе го поминуваат надвор, на чист воздух, со активности на отворено или шетајќи низ шумата. Ќе имаат можност од близу да ги набљудуваат и да придонесат во процесите на растење разни растенија и овошки. Ќе бидат поучувани за правилно селектирање и рециклирање отпад, како можеме да ја зачуваме природата на долг рок, а ќе се посвети и посебно внимание на разбирање на менталното здравје, социјализација со врсниците и правилно искажување на емоциите. 

Истражувањата велат дека активностите во природа го зголемуваат чувството на среќа. Кои се, пак, придобивките за младите од часовите поминати во природа? Колку е тоа изводливо во зимските месеци? Како е замислен престојот? 
– Има многу придобивки. Ваквата градинка најмногу им помага на децата во засилување на имунитетот и на физичките способности, преку секојдневните прошетки. Со тоа што го поминуваат денот во природа, на чист воздух, децата се поодморени. Покрај тоа, неструктурираниот простор на шума наоколу им овозможува да се впуштат во игра што тие ќе ја измислат, со тоа развивајќи ја својата имагинација. Потоа, се подобрува вниманието бидејќи децата можат да се смират во тишината на природата и целосно да го пренасочат вниманието кон потребните задачи. Во „Камп“ ќе има затворен простор, кој ќе биде употребен како засолниште од екстремните временски услови и место каде што децата ќе можат да ги остават своите работи. Ние веруваме дека концептот би бил успешен, а, можеби, дури и позабавен во зима бидејќи сметаме дека нема лошо време, само лоша опрема. Доколку се научиме соодветно да се подготвиме за временските услови, нема да ги нарушуваат нашето секојдневно функционирање и расположение. 

Освен Литванија, следевте ли и други успешни искуства од надвор? Ви се приклучи ли некој во осмислувањето на содржините за умно поминато време во природа? 
– Ваквите градинки што ги посетивме во Литванија не постојат многу долго таму, но имаат искусено голем успех поради безбројните шуми со кои располага земјата и поради увидувањето на Литваниците дека е време да се свртат кон поздрав начин на живот. Засега ќе се водиме според програмите осмислени од шумските градинки во Литванија, комбинирани со главната програма за предучилишна возраст од нашето Министерство за образование. Во овој процес напомош ни се понудија и искусни педагози, кои ја признаа нашата идеја како уникатна и изразија желба да придонесат во оформувањето на концептот.

Правите спој на едукација и на забава. На ваков начин децата би се подготвиле за многу идни активности, можеби, во улога на извидници, планинари, пред сѐ – љубители на природата.  Какви промени очекувате да предизвика вашата бизнис-идеја кај јавноста / заедницата? Какви општествени поместувања може да донесе? Кои би биле придобивките во една поголема слика?
– Една од главните причини зошто се нафативме да ја реализираме оваа идеја е бидејќи сакаме и кај нас да има нешто интересно, уникатно, како за најмалите така и за возрасните. Не веруваме дека забавата е секогаш таму некаде на друго место, туку таму каде што ќе ја создадеме. Па така, учесниците од наведените групи би можеле да ни помогнат со тоа што ќе соработуваат со нас, ќе бидат волонтери, ќе ни даваат идеи и ќе се вклучат во достигнување на целите за кои се залагаме. Тие со повеќегодишно искуство секогаш се добредојдени да нѐ поучат, да ни го покажат правилниот начин на правење на работите за заедно да оставиме подобро општество.
Најголемиот ефект што би сакале да го направиме ние, како „Камп“, е да помогнеме да израснат посовесни граѓани: за климатските промени, за загадувањето на природата и конкретно – поединечната улога што секој од нас ја има во овие процеси. Дополнително на тоа, би сакале да израснат генерации физички активни поединци, кои ќе уживаат во благодатите на природата учејќи од неа, место слепо да се потпираат на технологијата.

Во што друго се состои еколошката димензија на вашиот социјален бизнис?  Колку вашата идеја може да влијае на создавање одржлив начин на живеење и поголема заштита на природата, на биодиверзитетот, на планетата, воопшто?
– Планираме редовно да организираме екоакции за селектирање отпад, но и за пошумување одредени места. Во рамки на градинката планираме да насадиме неколку вида овошки и билки, кои децата ќе можат одблизу да ги набљудуваат и да придонесат во нивниот раст, а понатаму и да ги јадат. На нашата локација има многу верверички и различни птици, па така меѓу првите рачни изработки со децата ќе направиме хранилки за да ги намамиме да останат во наша близина. 

Социјалните претпријатија профитот го реинвестираат во одредена социјална цел. За што ќе бидат наменети средствата од социјалниот бизнис-концепт на „Камп“?
– Две области што нам ни се мили се едукација и заштита на природата. Нашиот профит ќе биде реинвестиран во организации и настани што се залагаат за овие области, а како социјален бизнис ќе им дадеме предност на дискриминираните да ни се придружат за реализирање на целите. 

Мислите ли дека новата генерација млади препознава општествени предизвици што може да ги решава со социјални иновации? 
– Имаме забележано дека новите генерации полека се будат кога се зборува за општествените предизвици. Ако до сега нормата беше да се заработат многу пари и да се живее удобно отсега станува сѐ позначајно да се остави позитивна трага, да се реши општествен проблем, да се прифатат отфрлените и да им се помогне на загрозените. Во младите секогаш лежи најголемиот потенцијал и затоа би сакале да им препорачаме да ја пронајдат својата животна професија, да бидат упорни во нејзиното исполнување и да не дозволуваат негативните влијанија од средината да ги спречат во тој процес. 

Се појавија ли сојузници во реализација на замислата? Дали сте доволно поддржани на почетокот? Дали е веќе дефинирана локацијата за градинката и дали се почнати конкретни подготовки? Кои се следните планови, како го гледате растежот на „Камп“ во иднина? 
– По објавување на победничките идеи од RISE, добивме неверојатно многу внимание од медиумите, но и од поединци. Покрај пораките за интервјуа, најмногу пораки добивавме од родители, особено од Скопје, кои нѐ прашуваа каде точно ќе се наоѓаме во Скопје и кога ќе почнеме. Навистина бевме изненадени дека оваа идеја е толку прифатена и очекувана во нашата традиционална земја. Бидејќи ние решивме прво да се фокусираме на нашиот роден град, најголем сојузник во целата реализација ни стана Општина Штип, која ни помогна во прецизирање, одобрување и заштита на локацијата. Потоа бевме контактирани од организации за можна соработка, а најмил ни беше контактот со искусни млади педагози, нутриционисти и авантуристи, кои ни се ставија на располагање за помош.  Надворешниот простор е веќе уреден. Овој период ќе почнеме со еконастани, работилници и активности за деца на неколку часа на ден. Кога ќе успееме да го уредиме и внатрешниот простор, ќе можеме да функционираме како целодневен престој. Понатаму, желба ни е да ни се прошири тимот за да може да ни се зголеми и капацитетот. Доколку ова се докаже како успешна приказна во Штип, би можеле да се обидеме и во други општини. 

Колку за вас беше инспиративен неодамна одржаниот Форум во Тирана за социјално претприемаштво? Што научивте, што донесовте од таму? Како стоиме со трендовите и во регионот поврзани за социјалната економија? 
– Како највредна поука би ги издвоиле зборовите на градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, кој нагласи колку е важна соработката меѓу земјите и поддршката што треба да си ја даваме за да можеме да напредуваме. Се обидуваме да ги следиме трендовите, но понекогаш тоа е тешко кога сме длабоко фокусирани на конкретните процеси на својот бизнис. Се надеваме дека како што ќе ни расте тимот, ќе можеме да имаме поединци со вештини од повеќе области, вклучувајќи ја и економијата, за да можеме да функционираме долго и успешно.

Напишете коментар