Доза вести, Одговорно претставување

Претприемачки од руралните средини ги засилуваа своите капацитети преку академија за бизнис

Време на читање: 2 минути

„Рурална коалиција“, во партнерство со Амбасадата на САД, изминативе четири месеци спроведуваше Академија за претприемачки (AWE 2022), иницијатива на Владата на САД, која ги поддржува претприемачките
- банер -

Eкономската независност на жените од руралните средини е во фокусот на едукативната програма Академија за претприемачки (AWE 2022), која има цел да иницира економски просперитет преку промовирање бизнис-идеи на жените што се сегашни или потенцијални сопственици на претпријатија.   

Академија за претприемачки (AWE 2022) е  иницијатива на Бирото за образование и  култура на Министерството за надворешни работи на Владата на САД, која го спроведува овој проект во повеќе од 90 земји во светот поддржувајќи повеќе од 16.000 жени. 

Во нашата Академија за претприемачки учествуваа 25 учеснички од рурални средини низ земјава, кои претежно работат на производство на храна. Водени од менторите, жените ја проследија програмата, чијашто крајна цел е секоја жена да добие свој бизнис-план.

Ова е една програма што комбинира платформа на интернет „Dream Builder“, како и средби и дискусии во живо. Изминативе четири месеци жените имаа можност да проследат 13 бизнис-сесии преку интернет и да учат за основните начела за водење бизнис како планирање, маркетинг, финансиски менаџмент и друго. 

– Чест ни е што за првпат ја организираме оваа Академија во нашата земја со која придонесуваме кон поголема забележливост и градење капацитети на претприемачките од руралните средини. Укажуваме на нивната клучна улога во производството на храна и во унапредувањето на животот во локалната заедница – вели Лилјана Јоноски, директорката на „Рурална коалиција“.

- банер -

Таа додава дека секоја жена што ќе ја заврши програмата, ќе има свој сопствен бизнис-план, кој потоа ќе може да го користи за свои цели и потреби, како и за аплицирање за кредити, купување опрема итн. Најдобрите три бизнис–планови, пак, ќе добијат и парична награда.

– Сите се пронајдовме во некоја од приказните што ги слушнавме во оваа програма. Најважно е дека ова влијаеше многу мотивирачки на мене – вели Драгана Јовановски, една од учесничките на Академијата.

Напишете коментар