Воведник

Здравство со поминат рок?!

Mакедонскиот здравствен систем, кој со години е на стаклени нозе, се клати, се препелка, затворен е за иновации, не успева или не сака да ги следи трендовите, не вложува во задржување на најдобрите лекари во јавното здравство, создаде измалтретирани, осиромашени и исфрустрирани пациенти, исплашени за својата иднина. Позитивната листа на лекови не е ревидирана повеќе од 10 години, а од 160 нови лекови одобрени од ЕУ во периодот од 2017 година до 2020 година, само 11 се достапни во Македонија. Поради ова, пациентите во Македонија најчесто можат да си дозволат застарени лекови, кои во некои земји се исфрлени од употреба, а Министерството за здравство го одолжува донесувањето нов правилник што ќе ги дефинира условите за ставање лекови на листата.

Ова е причина и за осиромашување на македонскиот граѓанин, односно 46 отсто од домаќинствата во 2018 година пријавиле дека плаќале приватно за лекување, 80 проценти од тоа за лекови, а 12 отсто за амбулантско лекување. Пациентите плаќаат приближно една третина од сите здравствени услуги, без да им бидат надоместени средствата, што ги зголемува социјалните разлики. И затоа често слушаме: Тешко е да си болен во Македонија! и Џабе плаќаме здравствено осигурување!

Место вака, влезот во овој исклучително болен сегмент од нашето живеење – јавното здравство, би можел да почне и вака:

Трансформацијата на здравствениот систем го стави во фокус враќањето на најдобрите лекари во јавното здравство. Во согласност со донесената Националната дигитална стратегија за здравство, се засилува здравствениот систем преку употреба на дигитални технологии наменети за пациенти, здравствени професионалци и давателите на услуги. Развиени се иновации што го намалуваат протокот на пациенти кај лекарите и во болниците, го доведуваат до оптимум здравствениот систем, ги подобруваат резултатите кај пациентите, ги редуцираат медицинските грешки и ги намалуваат здравствените трошоци.  

Примарното здравство е дигитализирано. Веќе нема потреба да се печатат рецепти, упати, боледувања, потврди за различна намена и други документи. Тие се издаваат само електронски, во рамките на националниот систем „Мој термин“. Дигиталното здравство му овозможува на пациентот алатки што ќе му помогнат да го управува сеопфатно сопственото здравје на брз и едноставен начин. И хроничните терапии може да се издаваат електронски и пациентите може да ги подигнат директно од која било аптека. Индикаторот WAIT покажува дека од 100 нови лекови одобрени од ЕУ, 80 проценти се достапни во Македонија.

„Мој термин“ станува дигиталниот ‘рбет на нашиот здравствен систем. Тој е интегриран здравствен информатички систем што ги создава и ги складира податоците од нашите електронски медицински досиеjа поврзани со нашето здравје. Ги собира податоците (упати, рецепти, резултати итн.) на дневно ниво, од повеќе од 70 извори како лекари од ПЗЗ, здравствени домови, институти, болници, аптеки и др. „Мој термин“ станува и база за истражувања и за собирање податоци, кои може да се користат во процесот на создавање политика што се базира на докази.

Здравствените власти активно соработуваат со организациите на пациенти со цел унапредување на здравствената политика на локално и на регионално ниво.

Дали веруваме дека е невозможно денес, на технолошкото ниво што го постигнавме да ги добиеме услугите што ни се потребни – поедноставно, поевтино и посоодветно на потребите на пациентот?  

Овој број на „Лице в лице“ носи идеи, практика и препораки што веќе нашироко се применуваат на глобално ниво, покажува и дека сигурно можеме, ако сакаме, и кани да го направиме возможното.

Напишете коментар