Граѓаните можат, Инклузивно општество

Тринаесет години за 13 бројки што докажуваат дека постоиш

Многу е интересно  да имаш пред себе момче што на 19 години знае што сака да биде, што навистина сака да работи и верува дека единствен начин да си го среди животот е со работа, а не со питање. Од друга страна, гледаш и држава, многу повозрасна од него, што не му дава можност да ги реализира плановите.

Валентин Ракип е 20-годишно момче што живее во Шуто Оризари. Публиката го познава како продавач на „Лице в лице“, и по оваа приказна што ја споделуваме со вас, како гласноговорник на луѓето без документи. Валентин беше едно од менторираните лица вклучено во програмата „Социјално менторство за работна интеграција“ на „Паблик“. Паралелно со неговата подготовка за пазарот на труд преку социјално менторство, течеше и процесот што го водеа „Македонското здружение на млади правници“ за обезбедување матичен број за Валентин. Оваа значајна соработка меѓу „Паблик“ и „Млади правници“ значеше промена на животот на ова младо момче кое за државата не постоеше до септември годинава. Процесот на неговата подготовка за пазарот на труд проследена со обука за готвач, течеше паралелно со борбата со институциите да се обезбеди матичниот број. Во меѓувреме, тој ја продолжи и соработката со „Дневниот Центар за деца на улица“ во Шуто Оризари кој во континуитет го поддржува и преку кој тој стана продавач на „Лице в лице“. Со овој заеднички труд, Валентин е на чекор до своето прво формално вработување. Повеќе за оваа инспиративна приказна можете да прочитате во извадокот од Дневникот на неговата социјална менторка, Магдалена Чадиноска – Кузманоски.

Валентин го познавав како продавач на списанието за одржлив развој „Лице в лице“. Тоа беше единствен приход за него со кој успеваше да ги покрие основните трошоци. И самиот често вели дека преку продажбата на списанието ги научил и најосновните животни и работни навики. Научил како да дојде до центарот на градот и со тоа да здобие впечаток дека така припаѓа и на една друга поширока заедница, не само на таа во која се родил и пораснал. Ми кажа дека здобил пријателства во „градот“ и преку директните средби со луѓето веднаш можел да препознае кој како е расположен за да знае дали да му пријде или не. Едно животно искуство кое можеби не може да го напише во CV, но во секој случај му е од исклучителна корист во животот. Во нашата организација сите знаевме за неговиот предизвик со документите и свесно решивме дека треба да го вклучиме во програмата „Социјално менторство за работна интеграција“ затоа што многу често одбираме да работиме со навистина тешки случаи и тешки животни приказни, но чувството да промениш некоја дотогашна практика или нечиј живот е непроценливо.

Ова беше период на пилот-програмата, па така Валентин за мене беше првото менторирано лице, а за него ова беше сосема ново искуство во кое што ми се чини, многу љубопитно влезе.

19.1.2021 година – Прва средба

Денеска го поканив Валентин на средба и му ја објаснив програмата. Му кажав дека заеднички ќе направиме план за тоа што е најдобро за него.

-Магде, ќе треба нешто да платам за оваа програма?
-Не треба Вале, само треба да соработуваш! 
Одлуката падна: Ќе работиме со Вале и ќе го вработиме ☺.

20.1.2021 година  Сериозно младо момче и несериозна постара држава

По некое верување, среда е среќен ден, па си помислив дека најдобро е да почнеме во среда.
Навиките што тој ги имаше здобиено преку разните обуки што ги организира „Лице в лице“ ни беа од голема помош. Секогаш доаѓаше на време и секогаш во чиста и испеглана гардероба. Тој дел воопшто немаше потреба да го учиме, па затоа веднаш се префрливме на примена на алатките на програмата.
Програмата „Социјално менторство за работна интеграција“ има многу јасни алатки, кои треба да се следат, но посебна ја прави тоа што тие не мора да се следат слепо. Токму индивидуалниот пристап и моментот „земи го тоа што ти треба и искористи го најдобро што можеш“, ти ја дава слободата да ги приспособиш пристапот, динамиката и потребата на лицето, на себе и на тоа што го налага заедничката работа. Само биди отворен, гледај, размислувај и слушај, другото само ќе си дојде.
Супер ни одеше. Валентин расположен за работа, не се мислеше долго пред да одговори на кое било прашање, но тогаш се случи нешто интересно. На прашањето: Што ти е мерак да работиш, во каква работа уживаш? – тој застана и се замисли. Му реков дека нема потреба да одговори веднаш и дека, всушност, тоа е нашата работа, да откриеме што е најдобро, најреално за него. Ме погледна и ми рече:
– Јас не се мислам толку долго затоа што не знам што сакам да бидам, туку сега се сетив дека никој никогаш не ме прашал што сакам да работам. Можеби мислеле дека ако немам идентитет, немам ни планови ни желби, ама имам една голема желба.
– Е која е бе Вале?
– Да бидам готвач! 
– Сакаш верувај, сакаш не – ама ќе бидеш!

Многу интересно е да имаш пред себе момче кое што на 19 години знае што сака да биде, што навистина сака да работи и верува дека единствен начин да си го среди животот е со работа, а не со питање. Од друга страна, гледаш и држава, многу повозрасна од него што не му дозволува да ги реализира плановите.

Со која мисла си заминав од средбата со Валентин?

Кој е, всушност, тука ранлив? Тој што е свесен и способен, или институциите што немаат решение и одговор за неговиот проблем.
Не знаев од каде да почнам затоа што на сѐ требаше да дадам приоритет. Според едукативната програма требаше да ги развијам сите прашалници за да утврдиме каков план ќе направиме и како ќе движиме во иднина. Од друга страна, пак, каков план и да направевме ние, фактичката состојба е дека Валентин нема документи. Што и да се обидеме да направиме, каква работа и да најдеме за него, нема да биде успешно, сè додека не го добие матичниот број. Оттука на прашањето: „Што е социјален ментор?“ не знам дали имаме точен одговор или имаме само технички одговор. Поточен одговор имаме на прашањето: „Што сѐ станува социјалниот ментор, во отсуство на други фактори, кога вистински сака да го интегрира менторираното лице?“.  Е, на ова би рекла дека социјалниот ментор станува профилот што му е најпотребен на менторираното лице во тој момент за да стане повработливо, повклучено и посоработливо. Валентин беше и вклучен и соработуваш, ама, за жал, без документите, не можеше да се вработи.

Се слушнав со колегите од други организации за да видам каде и зошто „заглавува“ случајот. Сите потврдија дека е многу комплексен случај. Мајката на Валентин е странска државјанка која, во меѓувреме, ги напуштила и формирала друга брачна заедница надвор од Македонија. Таткото на Валентин по кратко боледување починал без да признае татковство на децата, освен на едно од нив – сестрата на Валентин. Сите деца се родени во домашни услови и не се навре запишани во матична книга на родени. Огромна грешка на родителите која за жал ќе ја платат децата! 

Немавме време за губење, Валентин, за 13 бројки, чека 13 години! Нешто ми велеше дека и бројките и вработувањето ќе се решат за брзо.

(18.2.2021 година): Сакам да се обидам…

Организациите што му давале некаква поддршка на Валентин направиле сѐ што е во нивна моќ и знаење, но не успеале да го решат проблемот.  Здружението на млади правници“ сѐ уште му даваше бесплатна правна помош. Валентин ми сподели дека Александра  е правничка од ова здружение што го познава добро неговиот случај.

Ја побарав и ѝ објаснив што работиме со него преку социјалното менторство. Таа ми кажа:

– Разбирам и супер ќе му дојде подготовка и обука за вработување, ама јас не верувам дека скоро ќе добие матичен број. Ние одиме и на една друга варијанта – да добие документи преку мајка му, која е српски државјанин, и тука да добие право на привремен престој. Не е најидеално решение и нема да се откажеме од македонски документи, но додека да ги добие, да го покриеме вака. Со привремен престој ќе може и да работи без проблем.
– Аха, ок. А дали можеш да ми кажеш каде сè се обративте за помош и одговори, затоа што сакам и јас да се обидам да се вклучам и да се обидам да ги турнам работите.
– Во сите соодветни институции, МВР, Управа за водење матични книги, Министерство за труд и социјална политика. Комплицирано е што таткото починал без да признае татковство, освен на една од сестрите. Но, имаме и ДНК – анализи, кои потврдуваат дека сите се во роднинска врска. Паралелно поведовме две постапки. Едната за признавање на татковство до Граѓански суд- Скопје и уште една до МВР, за да добие право на привремен престој како странец.
– Oк, ти благодарам многу, ќе се слушнам и јас да видам какви информации ќе добијам.

Многу беше тешко да се најде каков било работен ангажман за Валентин затоа што без документи, навистина, беа ограничени можностите. 

Судски разрешници, ДНК-анализи, медиумски притисок, штрајк на управата за матични книги (сите овие предизвици се напишани во пошироката верзија на овој Дневник) но…

(3.9.2022 година): Среќни вести!

– Магде, имам среќни вести. В понеделник треба да одам да го земам изводот.
– Какви убави вести, ме остави без зборови! И јас ќе дојдам со тебе.
– Ок, во 9 часот ќе треба да бидеме таму.

(5.9.2022 година): Не изведуваме, Вале има вистински извод! 

Во 9 часот се чекавме со Валентин пред Општина Шуто Оризари. Со мене дојдоа и моите колешки, затоа што Валентин сите многу добро го знаевме. Сите сакавме да бидеме сведоци на тој момент, кога, конечно Валентин ќе ги земе тие 13 бројки на својот вистински извод.

Кога пристигнавме таму, повеќето луѓе го познаваа Валентин и тој сите ги поздрави. Влеговме во канцеларијата каде што требаше да го издадат изводот, ова беше дијалогот меѓу матичарот и Валентин:

– Добро утро. Јас  прв пат вадам извод, па ми рекоа дека денес ќе ми биде готов. Дојдов да си го земам.
– Име и презиме и лична карта.
– Јас немам лична карта, немав досега матичен број, сега прв пат вадам извод.
– Чекајте да проверам во системот.
–  Во ред, ќе почекам.
– Ве нема во системот! Дали сте сигурен дека денес треба да го подигнете?
– Да, да, ми се јавија и ми кажаа да дојдам денес.

Изреагиравме и инсистиравме да го добие изводот денес, како што му е кажано. Матичарот се јавуваше на неколку места и успеа да го добие матичниот број на Валентин. Веднаш го изработи и документот.
Валентин беше многу возбуден и среќен. Не му се веруваше дека се случува тоа. Го зедовме изводот и замоливме за состанок со градоначаникот на Шуто Оризари, затоа што беше тука, во истата зграда, само горе на катот. Сакавме да му ја споделиме борбата на Валентин, но и успехот, затоа што не е само Валентин лице без документи, туку бројката е застрашувачка – околу 700 лица. Сакавме со ова да ја поттикнеме свест и за другите за што побрзо да добијат матичен број и документи.

(20.9.2022 година): Првото интервју за работа

Со Валентин отидовме на првиот заеднички разговор со работодавецот.
Дојде позитивно вознемирен и возбуден. Забележав дека има трема и се обидов да го опуштам, со сопствен пример за мојот разговор за работа. Многу се смееше и многу се зачуди дека и јас сум имала трема на првиот состанок. Му објаснив дека тоа е природно и позитивно, што значи одговорност, за која му кажав дека сум сигурна дека ја има. 
Разговорот помина како што се надевавме. Валентин се запозна со луѓето и просторот во сендвичарницата. Беше нестрплив за следниот ден да почне со пробниот период.

(5.10.2022 година): Потврда дека некој можеби може и повеќе – само му треба шанса!

„Магде, имаш ли уште деца како Вале?“
Ова беше прашањето што го видов на екранот од мојот телефон. Беше една од „шефиците“  на Вале (тој така ги викаше).
Навистина се израдував, затоа што тоа значеше пред сè значеше негов успех. Како социјален ментор, може да се обидете да направите сè за менторираното лице, но добрата процена и неговата желба и вклученост се многу важни. Што и да правите, не можете, а и не треба да сработите место нив. Исто така  шефицата“ ми сподели дека бил екстремно педантен! Дека другите ги „карал“ ако не си го средат нередот по нив, доколку не ја избришат убаво работната површина. Дури забележале дека е перфекционист – алатките во кујна ги редел по големина! Секогаш доаѓал прв на работа, средувал и кога не е негова обврска да среди и никогаш не барал да си оди порано дома.

Овој текст е поддржан од Регионалниот проект за социјални права на ранливите групи II, нарачан од Министерство за економска соработка и развој на Сојузна Република Германија (БМЗ) и имплементиран од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).
Текстот го претставува мислењето на авторот и нужно не ги одразува ставовите и мислењата на Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).

Напишете коментар