Лице в лице интервју, Одговорна иднина

На ранчот во Ранковце – кози на базен, а мачки јаваат коњи

Време на читање: 5 минути

Разговараме со Мариа, претпремачка која развива социјален бизнис на село, спасува животни кои живеат на ранчот, на гостите им нуди хипотерапија, дружење со животни, едукација за одржлив развој и поинакво искуство на активен престој во природа.
- банер -

На базен сте, а козите се до вас, расположени да ве бакнат. Го гледате коњот, кој на грбот има маче. Магаре на шанк, кое е спремно за својот десерт.

Сето ова, и многу повеќе, го има кај Мариа Дуда Дибиаџио, активна млада жена која е основачка на ранчот на кој живеат спасени животни со кои заеднички, таа нуди терапија за лица кои имаат физички и ментални предизвици. Ранчот „Кантрисајд ритрит“ функционира како социјално претпријатие, нуди хипотерапија, но и туристичко искуство во склад со природата. Се наоѓа во кривопаланечкото село Ранковце, а отпочна со работа пред една година. На годишнината Мариа покани на гости дел од децата од СОС Детско село, заедно со згрижувачите, создавајќи спомени кои бликаат од задоволство.

Мариа е и сопственчката на спортскиот бренд „Di Biaggio New York“, хуманитарка, волонтерка и социјална претприемачка. Таа вели дека гости на ранчот се лица со попреченост, но и други луѓе кои уживаат во престој во природа и веруваат во терапевтските моќи на животните, чистиот воздгух . Нејзиниот ранч е првенствено за лица со предизвици, бидејќи на сите ни недостасува престојот во природа, кој пак е решение за многу состојби кои ги има современиот човек – анксиозност, панични напади, депресија…

Просторот кој претходно бил погон за шиење спортска облека, за кус период го претворила во ранч. Понудила соби за издавање, организирала тим билдинзи и работи со гости и од странство.
Разговараме со неа за оваа приказна, која веруваме, ќе инспирира слични практики и грижа и кај други претприемачи.

Како, од жена која менаџира бренд за спортска облека во Њујорк, отпочнавте со работа на ранч во село, кој нуди поинакво искуство?

– Сè започна кога почна пандемијата со ковид. Јас бев во Америка. Кога почнаа да затвораат граници низ Европа, решив да се вратам. Тоа беше во најголемиот хаос, месец март 2020. Бев во државен карантин, па домашен и во тоа време имав само еден коњ Пикасо. За жал или среќа, повеќе е среќа, и покрај лошата повреда од пад со коњ, во јуни истата година скршив нога. Наредните четири месеци бев со рехабилитации и терапии за ногата. Поради пандемијата и нефункционалноста на целиот свет морав да најдам начин како да ми се врати ногата во целосна функција. Просторот кој што е денес „Кантрисајд ритрит“ не работеше. Тогаш беше наменет за погон за шиење на спортската облека што неколку години наназад се произведува во Македонија, а се пласира и тука и во Америка. Така почнав да го прилагодувам просторот за себе, за да се рехабилитирам. Тогаш се случи и средбата со Фрида, мојата кобила што ја спасив да не заврши за месо. Си продадов машина за шиење на прекупецот кој ја изгубил, а таа луташе неколку дена низ селата сама. Поради повредата, ова беше првпат јас да останам толку многу време во Македонија и така спонтано сè започна. Едно животно, па друго, па трето… Сега сме цела банда – кози, магаре, коњи, кучиња и мачиња.

Која е Мариа и зошто се одлучи да развива социјален бизнис во Ранковце?
– Мариа која се посветува на животните и ранчот е едноставна личност која ужива во сè што нуди природата, се смее од срце, се предава од душа и има трпение за спасените животни да се рехабилитираат и синхронизираат со останатите. Мариа, која води бизнис во Америка е сосема друга од оваа, затоа ѝ го сакам балансот и ми е потребен.
Зошто се одлучив за социјален бизнис? Затоа што мислам дека тоа е нештото што е потребно на секое општество и дека само така можеме да изградиме здрави навики и младина која ќе тежнее кон промени, инклузивност и прифаќање на различностите.

„Кантрисајд ритрит“ функционира веќе една година. Кои се најголемите успеси?
– Најголемиот успех е што две години сама се грижев за сите животни. Почнав со нула искуство во сè – од чистење штали, тимарење, лечење на шугави кученца, помагање во кроење на копита, собирање и косење сено, до сечење на папочни врвци на ждребенцата. Како огромен успех го гледам и создавањето безброј насмевки на лицата кои нè посетуваат, затоа што можат да се предадат на животните и да уживаат со нив и малите моменти .

- банер -

Функционирате како социјално претпријатие, кое ги применува и принципите на циркуларната економија. Која е мисијата, заложбите, практиките кои ги имате и во однос на хипотерапија, инклузија, одржлив развој?
– Јас верувам дека само со синергија може да се има здрава околина. Ние, луѓето, не сме над другите живи битија и природата, а се однесуваме баш така. Практикувам да имаме нула отпад, рециклираме, реупотребуваме, а остатокот од сè што доаѓа храна и ѓубре од животните, го преработуваме за биохумус со помош на калифорниските црви кои ги одгледуваме. Уште кога го правев базенот за себе (бидејќи морав да проодам во вода), направив рампа за лица во количка да можат да дојдат и да уживаат на платформата. Така некако само по себе се создаде ранч кој е пристапен за лица со попреченос. Јас и како студентка неколку години волонтирав во сојузот на слепи лица со снимање на аудио книги со материјали за студентите со оштетен вид да учат за испитите, па така да инклузијата не ми е нешто непознато.

Сите животни кои ги има на ранчот се спасени, а вклучени се понатаму и во вашите процеси за регрутирање кадар. Кои се реакциите на вашите гости за ова?
– Да, сите се спасени и сите се со различен карактер. Толку добро се координирани меѓу себе. На ранчот може да видите куче и маче заедно да спијат или играат, маче качено на коњите на грб, кози на базен кои крадат пијачки додека гостите се во базен… Тоа е нешто што на гостите им се допаѓа, што е ретко да го понуди некој. Сите ме прашуваат како е можно сите животни да се толку питоми и дружељубливи со луѓето. Тоа е така бидејќи скоро сите се спасени како возрасни, а не додека биле бебиња. Јас им посветувам многу време и тоа се гледа по нив. Кај нас мотото е „Животните се најдобри терапевти“. Секогаш отфрлените, оние со втора шанса, се најголеми мази и благодарни.

Како го гледате „Кантри сајд“ за пет години? Како ќе се развива оваа приказна?
– Верувам дека ќе прерасне во преубав ранч со далеку поголем капацитет од сега и ќе држи работилници на голем број теми поврзани со социјалните претпријатија, руралниот туризам и жените претприемачи.

Споделете со нас некои интересни случки од ранчот
– Случки секогаш има со животните. Сега, за сите посетители, најголема атракција се козите.  Тие исклучиво седат на базенот, заедно со сите гости. Научени се да се бакнуваат со луѓе, знаат да украдат пијачка. Тука е и баба Матилда, магарицата која ја спасија активисти од Скопје, која од радост рика на цел глас. Матилда знае да дојде на шанк во барот и упорно чека јаболка или лубеница за десерт.

Фотографии: „Кантрисајд ритрит“

Напишете коментар