Донаторска акција „Стопли детско срце“ – во Startup Club Skopje
НВО Новинари за човекови права денеска организира донаторска акција „Стопли детско срце“ – Донаторско кафе, трета година по ред, во Startup Club Skopje.
Овој настан е можност за сите нас да направиме значајна разлика! Оваа година, вашиот топол напиток ќе има посебна вредност – платете го своето кафе или чај со новогодишно пакетче за дете во ризик. Ние ќе ве стоплиме со вкусно кафе или чај, а вие ќе стоплите детско срце со донација на новогодишно пакетче. Заедно, да ја шириме радоста и љубовта оваа празнична сезона!, стои во соопштението од организаторите.
За време на донаторското кафе, меѓу другото ќе биде претставен новиот проект „Зајакнување на иднината“, поддржан од Федералното министерство за социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачи на Австрија.
Ќе биде споделен и успехот од соработката со ЈУ Меѓуопштински центар за социјални работи на Град Скопје, кој отстапил простор да се отвори дневен центар за деца и семејства во ризик.