Драги Михајлоски: добриот учител не мора да знае најмногу, но мора најмногу да поттикнува
Учител е звање над професорското. Со звањето учител се здобиваат само тие што изградиле свое учење и во едно не многу пријатно време (а кога биле времињата добри и пријатни во светот, а особено во Македонија?!) се издигнале над својата професија. Учителот има свој пат и, обично, по тоа и се памети. Тој не мора нужно да запишува, но важно е да има свои следбеници. Сократ ништо не запишувал, но Платон по него го запишал токму неговото учење и се прославил. Лао Це, Заратустра, Буда, Исаија, Језекиил, тие биле учители, но малку или речиси ништо не запишувале. Исус бил одличен говорник и учител, но самиот ништо не запишал. Сѐ што кажал или направил го запишале евангелистите, кои или го следеле и го чуле непосредно како негови апостоли (следбеници,ученици) во четирите преживеани биографии од повеќе од сто, колку што велат дека некогаш постоеле, кои влегле во рамки на Библијата и се на самиот почеток од Новиот завет. Или, претпоставуваме, го запишале неговиот кус живот посредно, по неговата прерана, маченичка смрт. Во оваа нова ера уште малкумина можат да се наречат учители со свое огромно влијание меѓу луѓето, но, главно, се знае што говореле и што напишале како големи харизматични личности. Таков е, на пример, Мухамед и неговата книга Ал-Куран. Друго е што денеска се злоупотребиле многу од вредностите што тој ги донел кај луѓето. Но, сигурен сум, ништо не се прави и не се случува без причина. Можеби недостигот од нов учител е тоа, или потребата на луѓето, соочени со отуѓеноста и со неизбежната смрт токму кога се на прагот од некакво сознание за суштината на светот, да бидат водени, поучувани, да бидат потчинети од други, во име на глобалната, нова цивилизација…
Учителот секогаш гради мостови од урнатините на старите „професори“ од кои го зема најдоброто и настојува да го догради и да го афирмира. Учителот не е плукни-залепи личност, туку се гради со генерации. Доволно е да видиме за кого во образовниот процес говорат учениците. Обично, во сеќавање им остануваат тие што уште во основното училиште биле нивни учители, ги научиле да пишуваат, да читаат, да бројат, ги оспособиле во некоја вештина. Тоа се памети. А штом нешто се памети, значи, сигурно, учителот бил учител и знаел како да им вреже знаења за работите на учениците. Можеби не стигнале до височините до кои се кренале споменатите учители, но, секако, добро го поставиле камен-темелникот врз кој идните професори ределе нови тули. За жал, имам впечаток дека денес добрите учители се ретчат. И од лошо платената работа (а што е потешко од градењето и воспитувањето на една личност!) и од одговорноста што ставена во рацете на лошиот воспитувач е бескрајно злоупотребена за други профитабилни цели.
Добриот учител негува љубов за својата професија, со љубов ја извршува, ненамерно здобива свои следбеници и никогаш не ја напушта својата работа. За жал, и тој најчесто има семејство што си го бара своето. Најдобро е учителот, добриот учител да е во целибат и да биде ослободен од обврските да има семејство, деца што треба да се растат, воспитуваат, образоваат. Не случајно образовниот процес има врска со религијата. Ништо не е случајно на светов. Само аматерите мислат дека случајноста одиграла важна улога во нивниот живот.
Се добива впечаток, барем по влијанието и интересот, дека најважното кај една личност е да се биде политички определена. Мислам дека треба да биде обратно. Зрелиот човек треба да биде аполитичен, а во тоа ќе го научи и воведе добриот учител со тоа што уште веднаш ќе му каже дека човекот е сложена личност. Неговиот профил, покрај политичкото, наметнато како најважен дел, нужно го сочинуваат и етничкото, религиозното, духовното…
Добриот учител треба уште од мали да ги учи децата дека треба да ги знаат и почитуваат сите религии, иако времето кога доминирале религиите, па така луѓето и се делеле (на пример, во Македонија на Турци и на рисјани, иако во Турци спаѓаат и Албанци, македонски муслимани, Роми итн., па оттука и императивот дека Македонците мора да бидат православни, а ако не се, тогаш не се Македонци, што отишло на штета на Македонците муслимани!) е придобивка на деветнаесеттиот век и како таква одамна е испратена во историјата. За жал, гледаме дека не е баш така. Денес религиите повторно воскреснуваат и имаат значаен придонес, ако не пресуден, во градењето на младата личност.
Добриот учител мора нужно да биде и против религиите иако не смее да ги лиши младите од сознанијата за нивните основни постулати, кои, во основа, проповедаат секогаш исто – мир! (Всушност, сите денешни моќни религии или речиси сите потекнуваат од Стариот завет и од таму доминантниот, единствен Бог со тешко изговорливо име, Јахве!)
Добриот учител треба уште од мали да ги прави децата свесни за нивната духовна компонента што подоцна во животот (а тоа подоцна доаѓа многу брзо!) ќе им стане или треба да им стане многу важна за да можат невознемирено и без голема врева да си заминат со радост од овој свет, а не со тага и плачејќи.
Според мене, целата задача на добриот учител е во ослободување на младата личност од наносите на егоцентризам што се наталожиле во него од самото раѓање, држењето до својата традиција, обичаи, адети, народно и друго творештво, религија, нација, кои, ако мора да ги има, сам ги избира и не му се наметнати. Тоа вадење на интертекстуалните струпје од телото на една личност што ги таложел животот или лошото воспитување треба да биде со текот на годините за да може тој да се сведе на сопствената суштина, едноставноста. Тука е нужната улога на добриот учител. Да го трасира патот за ослободување од наметнатото.
Добриот учител и кога ја сеќава збунетоста на бистриот ученик пред себе, не треба да ликува во својата суетна егзалтиранот и да се сити оценувајќи го со негативна оценка, туку треба со трпение да укаже каде се збунил ученикот и каде покажал слабост.
Паметам уште, на пример, еден добар учител од студии, кој без оглед што мислење имаше за некого, кога ќе проценеше дека во ученикот има скриен потенцијал, веднаш стануваше подготвен да прости и да заборави. А овој ќе тропнеше за многумина глупост и ќе речеше дека, на пример, Џон Милтон живеел во седми место во седумнаесетти век. На ова тој ќе му речеше најсмирено што може: Полека, братко, ти знаеш, само малку си збунет, или молчењето на ученикот ќе го разбиеше со прашање од историја, на пример, кое немаше многу врска со англиската книжевност, што беше главна тема на испитот: „А дали знаете кога паднал Цариград?“ И потоа, ценејќи ја бескрајно ерудицијата, откако ученикот ќе ја кажеше точната година на падот на ова духовно светилиште, ќе се свртеше триумфално кон своите колеги и ќе речеше: Ете гледате, не може да се сети во кој век живеел Милтон, но знае кога паднала Цариград!“ Потоа ќе се свртеше кон испотениот ученик, син во вратот: „Добро е колега, шест!“
Добриот учител треба да ги учи своите ученици на широчина. Само тогаш ќе добие следбеници во кое било поле. Би сакал да имаме што повеќе такви учители во нашите училишта. Или, барем, да се стремиме да ги имаме. Таквите учители се препознаваат како бесценети камења и никакви пари не можат да ги платат. Да се грижиме за нив и да ги охрабруваме да бидат тука и по нас, кога ќе нѐ нема. Да не бидеме себични. Себичноста е најголем грев и е типична за простите луѓе. Добар учител е тој што не мора да знае најмногу, но мора најмногу да поттикнува.
(Текстот е објавен во печатеното издание на „Лице в лице“ бр. 24, февруари 2017 година)