Друштвото на спиритуални електричари
Тијана Радеска
Еднаш, додека бев во Топола, српско село, и пиев кафе на плоштадот со пријателите, се почувствував како да сум во Мексико. Не како да се исклучив и да одлетав со мислите во Мексико, туку како да бев присутна на локација која не беше Србија, не беше Балкан, туку некое недефинирано, далечно, непознато место кое најмногу личеше на Мексико. Никогаш не сум била во Мексико. Тоа чувство траеше околу една до две минути и беше прекрасно. Потоа, се изгуби. Се остана исто, но, знаев точно каде се наоѓам.
Неколку години подоцна, додека патував низ Јужна Америка, многу случајно и неочекувано решив да го посетам Парагвај. Кога пристигнав во главниот град – Асунсион, повторно ја почувтсвував истата ’изгубеност’. Но, овој пат, воопшто немав идеја каде се наоѓам. Нешто од атмосферата на Асунсион ме потсеќаше на Штип, но како Штип да беше во Англија, и како Англија да беше во Јужна Америка, а како Јужна Америка да не беше Јужна Америка. Пристигнав доста доцна и поради не знам која причина, не можев да најдам ни еден слободен кревет во ниеден хостел низ центарот. Беше сабота, а градот беше сосема празен и ужасно тивок. Наоколу се ми беше истовремено непознато и познато, како да сум била таму некогаш одамна. Се ближеше полноќ па решив да се вратам на автобуската станица со надеж дека ќе најдам место да преспијам. Имаше околу дваесетина преноќувалишта наоколу и откако безуспешно пробав во седум-осум од нив, среќата ми се насмевна – видов уште едно девојче со „патувачки“ ранец како се упатува кон истиот мотел како и јас, па помислив дека ако ништо друго барем ќе имам друштво.
Си се насмевнавме пријателски и влеговме. Внатре, рецепционерката нѐ праша дали сме заедно. Кажавме дека не, на што таа жалотсиво рече дека има само една слободна соба. Се погледнавме прашално со девојката и се насмевнавме. Не знаевме што да одговориме. Прашав каква е собата. Рецепционерката рече дека е со два кревети. Без многу политички и фин договор се прашавме: Ќе ти смета? Не. Тебе? Не.
За да го прославиме ноќното цимерство, и среќата што се заштитивме од непознатиот град, си купивме пиво. Моето прво Парагвајско пиво. Го пиевме во малата соба и повремено излегувавме да испушиме цигара во Асунсионската тишина.
Мариа кажа дека е од Колумбија, дека има 22 години, и дека се враќа од некој град на истокот од Парагвај. Била на пет-месечна волонтерска работа преку факултет и живеела кај некоја жена Патрисија. Разговаравме многу и купувавме уште пива. Зборувавме за Асунсион, градот кој и на двете ни беше непознат, но сепак ни се допаѓаше. Јас ѝ кажав на Мариа за моето инстант доживување на ’интер-зона’ во новиот град, а таа ме погледна и ми рече “Па, можеби си била овде претходно“. Јас се насмеав мислејќи дека се шегува, но таа имаше нешто сосема друго на ум. Се потруди да ми објасни нешто навидум бесмислено, и ми ја раскажа приказната за синот на Патрисија, Мануел.
Мануел бил електричар. Еден ден, во 1966, заедно со неговиот другар – колега од работа, биле пронајдени мртви. Парагвај е рамна земја. Многу рамна. Највисоката точка е ридот Серо Перо, висок 842 метри, и се наоѓа во централниот дел на Јужен Парагвај. Околу ридот, природата е недопрена и дива. Има пат кој поминува во близина, но нема населени места. Телата на Мануел и другар му биле пронајдени таму, на врвот од ридот.
Двајцата другари биле облечени официјално, во костуми, покриени со престилки за дожд, а очите им биле покриени со рачно изработени железни маски. Како да чекале прием на величенствениот бал на железни маски.
На телата немало никакви траги од насилство. Причината за нивната смрт не можела да се утврди ниту на местото, ниту по извршената обдукција.
Истрагата покажала дека двајцата другари го напуштиле нивниот град стопирајќи превоз. Човекот кој ги возел електричарите цели 200 километри бил идентификуван и испрашуван од полицијата и, според неговата приказна, двајцата стопирале недалеку од градот каде што живееле и кога ги здогледал човекот, се понадевал на малку муабетче и друштво додека вози. Но, тие не проговориле ни збор со него, а ниту пак меѓу себе. На моменти, нервозно погледнувале во своите часовници како да се загрижени дека нема да пристигнат навреме. Целата ситуација – двајца младичи, облечени официјално, во костуми, стопираат превоз до локација каде што нема ништо – му била многу чудна на човекот но сепак без да ги распрашува ги оставил таму каде што сакале – на патот во близина на патеката која води до врвот на ридот. Натаму ништо не е познато освен тоа дека стигнале пешки до ридот. Најмистериозниот дел е листот хартија кој бил пронајден кај Мануел и на кој пишувало:
„16:30 биди на договорената локација
18:30 земи ги капсулите
После ефектот заштитни метали чекај сигнал маска“
Полицијата донела неформален заклучок дека причината за смртта на двајцата младичи биле наркотици и случајот бил затворен и заборавен од јавноста. Но, Патрисија никогаш не заборавила што се случило и има малку поинаква верзија на приказната. Всушност, доста поинаква. Според приказната на Патрисија, Мануел и другар му, биле дел од локалното друштво на електричари во градот, кои се нарекувале “Спиритуални електричари“. Неуморно изработувале најразновидни електронски направи и редовно се обидувале да стапат во контакт со друга интелигентина форма, некаде во универзумот.
Патрисија е цврсто убедена дека Мануел успеал некако да ја улови фреквенцијата на душата и да отпатува некаде. Наводно, таа фреквенција била толку јака што создавала одблесок, неподнослив за човечките очи. Поради тоа, и двајцата носеле железни маски. Се подготвувале за телесна телепортација, а всушност отпатувале само нивните души.
Друштвото на спиритуалните електричари постои и денес во Парагвај. Со многу повеќе знаење, и пософистицирани направи, и тие се трудат да заминат, или во најмала рака да искомуницраат со заминатите. Иако експериментираат на повеќе датуми низ годината, денот на успешната телепортација е традиционалниот термин за патување. Секоја година на истиот ден, се избираат по двајца спиритуални електричари кои од истиот рид, Серо Перо, се подготвуваат да ја најдат фреквенцијата која ќе ги пренесе. Но, досега, преминот од 1966-та се нема повторено.
„Кога некој пробува да замине од Серо Перо во вселенската тишина, и се обидува да ја најде на фреквенција на душата, привлекува многу јаки фреквенции од целата Земја на едно место. Тогаш се создава одблесок кој трае само момент. Не сум сигурна дека разбирам како, но знам дека доколку е неуспешна телепортацијата, тој сплет на фреквенции се распрснува во милијарда правци, назад кон самите извори на фреквенциите. Но, испратениот сигнал, речиси никогаш не се враќа кон оригиналниот извор. И затоа, во тој момент, многу луѓе низ светот можат да искусат инстант временски патувања. Кратки и нејасни. Може да му се случи на секој кој во моментот на спојување на фреквенции се наоѓа покрај електронски преносител. Најчесто им се случува на луѓе кои зборуваат на телефон, но може да им се случи и на оние кои сонуваат. Мислам, целта на спиритуалните електричари е, преку тој сплет на фреквенции да се транспортираат, но кога тоа не им успева, ненамерно, создаваат волшебен момент за многу луѓе.“
„Се што сакам да кажам е дека можеби си била тука претходно“ – објасни Мариа.
Збунето, ја започнав мојата истрага од 101 прашање зошто, дали, и како, но Мариа ми рече само: “Залудно ќе се трудиш да ја разложуваш приказнава на логични целини. Можеби сите искуства кои ги имаме се фреквенции или нешто слично кои патуваат или лебдат во воздухот и повремено се судираат со твојот дух. И можеби единствената твоја улога е да ги преработиш и трансформираш во чувства кои понатаму ќе ги емитираш кон светот како одблесок.“
Знаев дека работата ми е да трансформирам мистерија во разбирливо човечко однесување. Но Мариа и нејзината приказна ги оставив како магија на Асунсионската ноќ. Бидејќи некои луѓе му даваат премногу на светот и не заслужуваат да бидат упростени со логика.
(Авторката е антрополог. Расказот е излезен во 36. издание на списанието за одржлив развој, „Лице в лице“)