Доза вести

Рудниците се злосторство за природата

Тврдењата дека заедно можеле да коегзистираат рударство и земјоделие се смешни и недоветни.  Се ветува еколошки рудник, со најсовремени методи на работа. Можно ли е рудник да биде еколошки, кога јасно е дека за да се отвори рудник, треба да се уништи природа? Неповратно ќе се исечат околу 1 000 хектари шума, со сите ерозивни последици по животната околина, еко-системот, биодиверзитетот и климата. Уништувањето на белите дробови на Земјата, значи и губење на чистиот воздух.

Живееме во време, кога на глобален план, на широко се зборува за опасноста од климатските промени и нивното влијание врз целокупниот екосистем и самото живеење.
Меѓутоа, додека светот бара решение за еколошки спас, кај нас свеста за екологија е во тренд на опаѓање, како да не постои. Каде лежи проблемот ?

Првиот виновник можеби е образовниот систем, кој е поставен така што децата уште од најмала возраст се потчинуваат на системот да бидат добри и послушни “граѓани“ во функција на капиталот. Малку се работи на развивање на нивната свест во поглед на активизмот. Единствено со реформа на образовниот систем, каде наставниците и професорите нема да бидат само спроведувачи на наставната програма, туку би биле и иницијатори и водичи, за спроведување на идеи, реално остварливи и добри за општеството, а производ на свеста на учениците, би можело да се развие свест не само за екологијата, туку и за разните други аспекти од животот.

Денес, пораснати и живеејќи во ваква средина, ние како млади личности, жители на една од најплодните котлини во државата, опкружени со природната убавина на Огражден, бевме соочени со реалноста и фактот дека постоењето на здрава животна средина е пред сѐ кога се работи за опстанок. Сфативме дека природата е таа која дарува живот, а не парите. Дојде моментот кога треба да и се оддолжиме на природата, да ја зачуваме, и со тоа да се заштитиме и самите. Планот за отварање на рудник во една од најплодните котлини во државата, уште еднаш ја покажа свеста кај властите за создавање мал профит и тоа на краткорочни цели. Зошто краткорочни ? Затоа што се планира отворање рудник во јадрото на Струмичката котлина, кој треба да запосли 500-600 луѓе, кои треба да работат максимум 23 години колку што треба да трае животниот век на рудникот, се разбира доколку останат во физичка кондиција да работат толкав период. Притоа, за егзистенционалната загрозеност на илјадниците други – воопшто не се обраќа внимание. Се разбира, државата треба да добие профит, и тоа ни помалку ни повеќе – само 2 % профит од концесионерот. Струмичката економија е главно заснована на земјоделие, кое генерира далеку поголеми приходи за државата со потенцијал за уште поголеми, отколку што би давал рудникот: само 2% за државата, а 98% од профитот за странските газди.
Доколку било која влада се ангажира да обезбеди поволна клима за земјоделците, тоа ќе значи многу поголем профит, како за државата, така и за земјоделците – подобар живот и тоа на подолг рок. Тврдењата дека заедно можеле да коегзистираат рударство и земјоделие се смешни и недоветни.  Се ветува еколошки рудник, со најсовремени методи на работа. Можно ли е рудник да биде еколошки, кога јасно е дека за да се отвори рудник, треба да се уништи природа? Неповратно ќе се исечат околу 1 000 хектари шума, со сите ерозивни последици по животната околина, еко-системот, биодиверзитетот и климата. Уништувањето на белите дробови на Земјата, значи и губење на чистиот воздух. Помислата на слика од рудник и хидројаловиште највисоко во светот (шестта највисока брана во светот) од 276 метри која секојдневно треба ја гледаме како демне над нашата котлина, над нашите глави, ни всади страв  за можност од хаварија која би била од масовни размери. Дали треба да се плашиме што ќе се случи со нас, што ќе биде со околината? Дали нашиот опстанок е во прашање? Дали некој мисли дека ќе има економска развиеност кога народот ќе почне масовно да се исселува? Ситуација која со голема веројатност ќе се случи.
За каква економска развиеност ни зборуваат, кога, најголемиот двигател на економијата во нашиот регион, земјоделството, ќе биде загрозено и уништено?
Милионите тони прашина ќе ја покријат почвата, предизвикувајќи „кисели“ дождови кои ќе го загрозат квалитетот и производството на здрава храна. Дури и да се овозможи земјоделско производство, покрај овие причини, ќе дојде до недостаток на вода за наводнување со кој ќе се соочи целата котлина. Бидејќи, како што е наведоно во планот за работа на рудникот, за негово функционирање, треба да се снабдува со вода од акумулацијата Турија, акумулација од која се наводнува цела Струмичка котлина. Секако тоа не е спорно доколку акумулацијата имаше капацитет за тоа. Но, нема! И онака во летниот период водата е дефицитарна за земјоделците, додека пак за работа на рудникот е потребно количество далеку над капацитетот на акумулацијата.
Кога се работи за водата, овде е и водата за пиење, како и подземните води, за кои постои ризик од загадување, бидејќи како што знаеме, според резултатите од тестирањата, се укажува на голема пропустливост на геологијата на наоѓалиштето, што значи пропустливост на карпите под наоѓалиштето и можност за навлегување на површинските води директно од наоѓалиштето, во подземните, на тој начин стигнувајќи до домаќинствата.
Ризикот од заболувања е голем, а единствена економија која може да оди напред во тој случај е здравството, бидејќи ќе се зголеми бројот на заболени од канцерогени болести. Да не заборавиме дека Струмичката котлина се наоѓа во подножјето на две прекрасни планини Беласица и Огражден, каде се наоѓаат прекрасни водопади и извори, а со мала поддршка од државата струмичкиот регион може да прерасне во еден од најразвиените туристички места во однос на екотуризмот, дејност која оди во корист на зачувување и промовирање на природата, како и во корист на економски план.

Еклатантен пример за тоа каде е направена природна катастрофа поради рударството претставуваат Филипините, нивните четири мали острови Мариндуке, Рапу Рапу, Маникани, Хомонхон беа опустошени поради рударството. Имено, владата на Филипини во периодот 2014-2015 има издадено речиси 1000 дозволи за ископ на руда сакајќи да го промовира рударството со цел да ја зајакне локалната економија, меѓутоа како резултат од рударската активност се има уништено огромно пространство шума, водата за пиење е загадена, а поморот на рибите го загрози главниот извор на економска егзистенција на локалното население. Па така, денес, четирите рајски острови изгледаат како пеколот да ги голтнал.
Како и да е, нашата борба не е едноставна и беззначајна, последиците од овој рудник ќе бидат катастрофални, масовни, бидејќи како природата и екосистемот, под закана сме и ние од заболувања, под закана е и економијата. Последици има и по културата, постои можност и од демографски промени, бидејќи никој не сака да живее во близина на изворот на смрт.

Пред нас е голема мисија, целта ни е јасна, мораме да ја зачуваме природата во нејзиниот природен облик. Веруваме дека ќе успееме доколку и малкумината што останаа „неосвестени“ конечно се разбудат од заблудата и го кренат својот глас. Се надеваме дека и властите ќе застанат на страната на народот, чиј легитимитет го носат, се надеваме дека ќе ја сфатат грешката што ја имаат направено и ќе се поправат, се надеваме дека ќе сфатат дека прават штета на својот народ.
Рудниците се злостор за природата, нивните последици се многустрани, како еколошки така и економски и демографски. Мајката природа нѐ повикува, а наша должност е да ја спасиме!

(Текстот е став на младите на Штука-Иловица против рудникот, објавен во 36-то издание на „Лице в лице“, 2019 година)

Напишете коментар