Доза вести, ЗЕНици

Едукација и забава во природа на 13-тата Македонска извидничка смотра

Време на читање: 2 минути

Настанот ќе обедини повеќе од 1000 деца и млади кои доаѓаат од 15 држави од регионот, Европа и од светот, а организаторите, Сојузот на извидници на Македонија, креираше најразлични забавни и едукативни активности

Под мотото „Достигни ги височините“, извидниците од Македонија го организираат најголемиот интернационален камп, 13-та Македонска извидничка смотра која ќе се одржи од 12-ти до 21-ви јули 2023 година во ски центарот на највисокиот град на Балканот, Крушево. Смотрата ќе обедини повеќе од 1000 деца и млади кои доаѓаат од 15 држави од регионот, Европа и од светот. 

Учесниците 10 дена заедно ќе живеат во кампот и ќе имаат можност да учествуваат во најразлични забавни и едукативни активности во кампот, како и во Крушево и Прилеп. Тие ќе се запознаат со културата и традицијата, ќе учествуваат во авантуристички активности, ќе имаат можност поблиску да се запознаат со природата и живиот свет, како и да научат некои вештини кои ќе им служат понатаму во животот. Сите активности имаат за цел до крајот на Смотрата да придонесат за личниот развој на учесниците, да придонесат во достигнување на индивидуалните височини на секоја млада личност присутна на настанот – велат организаторите од Сојузот на извидници на Македонија (СИМ), кои годинава одбележуваат 70 години континуиран развој и придонес за децата, младите, локалните заедници и нашето општество.

СИМ додаваат дека, во рамките на нивните програмските активности, целат да ја претстават Македонија, досегашниот развој на неформалното образование и партнерствата со значајните чинители во државата на најдобар начин.

Искористувајќи ги претпладневните и попладневните часови ги организираме едукативните активности за учесниците во 7 програмски области: извидништво, култура и традиција, авантура и адреналин, културолошко осознавање на градот Крушево, цели за одржлив развој, здравје и личен развој и природа. Дополнително, секојдневната програма ќе биде збогатена со дебати, трибини и панел дискусии на коишто ќе се дискутираат прашања од важност за младите- велат од СИМ.

Смотрата има и своја ноќна програма на која ќе настапат „Суперхикс“, DJ Гоце САФ и „Day Off“, а ќе организираат и талент шоу и филмски вечери поддржани од „МакеДокс“.

СИМ посочува дека, како најголема младинска чадор организација во државата, 70 години работи на полето на неформална едукација преку стекнување на здрави животни навики со активности во природа, обединувајќи членство од повеќе од 3000 деца и млади на национално ниво.

– Еднаш на пет години, ја организираме извидничката смотра, која претставува најмасовен, едукативен, авантуристички, повеќедневен камп за деца и млади

Генерален покровител на настанот е Претседателот на РС Македонија, Стево Пендаровски, заедно со логистичката поддршка обезбедена од страна на Армијата на РС Македонија.

Прочитајте повеќе за Смотрата на овој линк.

Напишете коментар