Доза вести, ЗЕНици, Лице в лице

Како извидништвото влијае на развојот на младите?

По објавите за користа од движењето на извидниците, успесите на Сојузот на извидници и информациите за најголемата иницијатива за пошумување опожарени подрачја кај нас – „Боренка“, споделуваме размислувања на повеќе извидници кои сведочат за придонесот во нивниот развој.

„Станав подобра верзија на самата себе“
„Во оваа дигитална ера, ми нуди можност да сум поблизу до природата“
„Запознавам нови другарчиња и се дружам“
Овие и низа други изјави, ги споделуваат млади извидници кои се дел од повеќе извиднички одреди во нашата земја. Тимот на Сојузот на извидници ни посочи дека извидниците се поделени во повеќе категории според возраста и тоа: развигорци – извидници на возраст од  7 до 10 години, извидници – извидници на возраст од 11 до 14 години, истражувачи – од 15 до 17 години, ровери – од 18 до 29 години и сениори, над 29 години.
Овде пренесуваме изјави на припадници на различните категории.

Ена Ѓозо, извидник од категоријата развигорци:

Од кога тргнав на извидници почнав да ја сакам и негувам природата повеќе. На извидници запознав многу нови другарчиња. Тука сите се дружиме и заедно учиме многу нови работи. Сакам да истражувам повеќе, да правам добри дела и да пробам многу нови нешта. Научив за страните на светот и компасот, папрати и други растенија и прв пат спиев во шатор на камп.

Ненад Веселиноски, извидник од категорија развигорци

Јас се запишав во Извидничкиот одред „Феникс “затоа што сакам да се запознаам и да се дружам со други деца. Исто така, сакам и да посетувам нови места. Сега повеќе го сфаќам значењето на природата и тоа колку треба да се грижиме за неа. Секоја сабота ми е исполнета со корисни активности и нови вештини.

Лука Мининчиќ извидник од категоријата извидници:

Со активностите и дружбите на извидниците бев запознаен многу одамна, преку мојата другарка Нина, но од кога пристапив во одредот уживам во времето поминато со нив. На редовните закажани состаноци научив и сè уште учам многу нови и корисни работи. Eптен ги сакам дружбите и многу се поинакви активностите, за разлика од школските активности или излетите со родителите. Другарството на извидници е многу поинакво, учиме многу нови работи и за различните култури, но и како да внимаваме повеќе на нашата планета Земја, ние извидниците не сакаме да ја загрозуваме кога толку ни е убаво во природа!

Марко Бојаровски, извидник од категоријата истражувачи:


Извидништвото ми овозможува поголема преспектива на светот, ми нуди различни култури, запознавам различни луѓе од мене и сосема нов начин на живот. Со подобрена самодоверба и дисциплина сум еден чекор поблиску до најдобрата верзија од себеси, како и преку ова искуство – можноста да бидам поблиску до природата во овој дигитален свет. Пошироко знаење, поткрената самосвест и вреднување на правилните вредности се ова и уште многу повеќе благодарение на мојата одлука да бидам дел од ова прекрасно движење што никогаш не престанува да ме изненадува.

Марија Димовска, извидник од категоријата истражувачи:

Некои имаат многу пари, големи куќи, разновидни коли, имаат се што ќе посакаат… Ние можеби го немаме сето тоа, но на себе имаме марама и шириме вистинска љубов, стекнуваме вистински пријателства, имаме приказни кои ќе ги раскажуваме на идните генерации. Да бидам искрена, благодарение на извидништвото се промени мојот живот, и начинот на кој го живеам истиот. Извидништвото направи подобра верзија од она што веќе бев. Ми се зголеми самодовербата, одговорноста, како и знаењата при стекнатите вештини. Започнав оптимистички да ги гледам работите, да размислувам позитивно и од секоја ситуација да го извлекувам најдоброто. Со самото членување, секој придонесува со нешто во оваа организација, а јас моите квалитети ги истакнав преку лидерството. Огромно задоволство ми е да бидам нечија инспирација и идол, причина за вистински предизвикана насмевка и убаво поминато време. Секогаш сум исполнета и среќна, едноставно кажано, нема ништо на светов што би го сменило моето мислење, дека тука си поминувам најубаво, тука искусувам сè, се чуствувам како дома, безбедна сум, на извидници сум! 

Дарко Тошиќ, извидник од категоријата ровери:

Преку извидништвото се стремам да се изградам како подобра личност од онаа која сум бил во минатото. Извидничкото движење ми дава насока и траса по која јас секојдневно се пронаоѓам себеси. Активностите, настаните, неформалната едукација и запознавањето на најразлични луѓе ширум светот ми помагаат да ја дефинирам мојата конструктивна улога во општеството и преку мојот придонес кој го давам во заедницата јас успевам секојдневно да се надоградувам, да учам и да ги постигнувам моите потполни интелектуални, физички, општествени и духовни можности како поединец, но и како дел од едно глобално движење кое придонесува кон создавање подобар свет.

Срна Ковачева, извидник од категоријата ровери:

Извидништвото ме предизвикува секојдневно да работам на себе. Како водач и човек кој треба да претставува и пренесува одредени вредности на деца, претставуваше огромен поттик сѐ повеќе и повеќе да вложувам во себе. Вклучувајќи се во разни активности, настани, обуки и тренинзи како учесник или волонтерка, постојано се надоградувам од огромната палета на знаења која ми се нуди и со тоа се има сменето целиот мој внатрешен свет. Поблиска сум до други култури поради интернационалната средина, желна да учам и да го спознавам светот и што повеќе да разбирам за луѓето околу себе. Со самото мое вкучување во извидничкото движење, ја добив мотивацијата да ја подобрам средината во која дејствувам со заедничката цел на сите извидници, да создадеме подобар свет.

Јане Плавевски, припадник на категорија сениори, возрасни во извидништвото:

Извидништвото има сериозен удел во начинот на кој се развивав и сè уште се развивам како личност. Поаѓајќи од тоа дека научив секогаш да се трудам да ги ставам потребите на другите и заедницата на прво место, стекнав вештини за градење на добра комуникација, подобро функционирање во рамките на еден тим, па сè до  развој на желбата за пренесување на знаењето на помладите генерации. Ова се само дел од позитивните работи со кои сум се стекнал, благодарение на тоа што сум дел од извидничкото движење.

Напишете коментар