Доза вести, Зелена република

„Боренка“ го враќа животот во опожарените шуми

Обновување на опожарените површини во земјава, поттикнување на граѓаните да се вклучат поактивно во волонтерски акции, подигнување на свеста за важноста на шумите, заштитата на природата, последиците од глобалното затоплување и превенција и заштитата од пожари, се само дел од целите на „Боренка“, најголемата волонтерска иницијатива за пошумување опожарени површини, која се спроведува под капата на Сојузот на извидници на Македонија, во соработка со ЈП Национални шуми.

Акцијата „Боренка“ во рамките на својата едукативна кампања користи т.н. боренки –моливи направени од јаглен од изгорени дрвја. Со нив сите заинтересирани граѓани може да се приклучат на иницијативата на уникатен начин – цртајќи сопствено дрво, да му дадат име и да го „засадат“ во виртуелна шума на borenka.mk.

За секое дрво на страницата, волонтерите на „Борeнка“ садат вистински расад на опожарена земја. Како што расте виртуелната шума, така се зголемува и бројот на живи садници во природата.

– Симболично, од изгорено црно-бело дрво, произлегува нов живот, се раѓа нова шума во боја. „Боренка“ придонесува во обновување на опожарените подрачја и во намалување на последиците, а директно влијае и на зацврстувањето на капацитетите за превенција преку работилници и зголемување на јавната свест со активна кампања – велат волонтерите на иницијативата.
Едукативните работилници опфаќаат повеќе од 1.000 деца од Скопје, Кавадарци, Велес, Кочани…Инаку, досега е одржана акција за пошумување во Петралица, каде што се посадени 4.000 садници и во која учествуваа повеќе од 200 млади извидници и волонтери. Ова беше одличен начин да се одбележи и 70-годишнината од постоењето и дејствувањето на Сојузот на извидници на Македонија.
Следните акции за пошумување се планирани од март.

Напишете коментар