Генерација Z, Магазин, Синапси

Потребна ни е политичка волја за стратегијата за ментално здравје на младите

Документот носи четири главни приоритетни цели, кои државата треба да ги реализира и исполни до крајот на 2026 година и кои треба да придонесат кон грижата за менталното здравје на младите. Фокусирајќи се на дигитално ментално здравје, превенција, намалување на употребата на супстанции и насилство на интернет, стратегијата е поставена да може да одговори на најжешките прашања што ги покажуваат истражувањата

Александра Филипова

Депресија, стрес, анксиозност, самоубиствени мисли се меѓу главните предизвици на менталното здравје што го притискаат алармот за благосостојбата на младите во земјава. Еден од најчестите проблеми со кои се соочуваат младите луѓе кај нас е поврзан со здравјето и немањето соодветна здравствена заштита.  Светската здравствена организација го дефинира здравјето како „состојба на целосна физичка, ментална и социјална благосостојба, а не само отсуство на болест или слабост“.
Овде даваме акцент на менталната и социјална благосостојба.

Живееме во општество што е ориентирано кон стереотипи. Самите предрасуди влијаат на менталното здравје кај младите. Ќе издвојам само неколку: жигосаност од повозрасните за важноста на менталното здравје, кое, поради незнаење, често го поврзуваат со психички болести. Тука се и високите очекувања од момчињата и девојчињата, прекор доколку не се „цврсти“ и доколку им треба поддршка. Тука доаѓаме и до честото вербално и физичко насилство на кое се сведоци и кое го искусуваат на телевизија, во училиште, на улица…
Рапидниот развој на технологијата и широката примена на интернетот, климатските промени и елементарните непогоди, терористичките напади и војни, економската криза и многу други вакви предизвици носат несигурност што длабоко ги погодува младите луѓе. Тие се дел и од турбулентните случувања на политички и општествен план, како што се: политичката криза, случувања поврзани со негативните општествени појави во последните децении, студентските протести… Ваквите настани, покрај тоа што влијаеја на демократските процеси во земјата, очигледно дека во различна мера извршија влијание и на одредени ставови на младите. Сето ова влијаеше директно и на менталната и социјална благосостојба.

Секој петти млад човек се соочува со насилство на интернет
Оваа ситуација се докажува и во анализите и истражувањата што ги спроведуваат повеќе институции, меѓународни и национални организации. Загрижува податокот дека една петтина од средношколците се соочиле со насилство на интернет (врсничко вознемирување на интернет). Повеќе страдаат девојчињата. Последниот извештај на „Меѓаши“ (за 2023 година), покажува дека на линијата „Ало Бушавко“ имале повеќе од 450 пријави од деца, а повеќе од  30 проценти од нив пријавиле вознемирување, страв, стрес, гнев. Ситуацијата не е многу поинаква ниту кај полнолетните млади луѓе.
Високи 64 проценти од младите имаат предизвик со депресија, 55 проценти пријавиле предизвик со стрес, 58 проценти се соочуваат со анксиозност, 56 проценти ги мачат самоубиствени мисли, а 67 проценти  препознале поголема потреба за нега и грижа за менталното здравје. Само 27 проценти сметаат дека општеството ги перципира позитивно. Една половина, или 50 проценти од младите избегнуваат да побараат поддршка поради срам.


Квалитетното време со родителите – сведено на минимум
Истите анализи упатуваат и на тоа дека само 4,8 проценти од младите поминале толку квалитетно време со своите родители колку што имале желба. Загрижувачки 30 проценти од младите, пак, споделиле дека воопшто не поминале квалитетно време со своите родители во текот на изминатиот месец.
Предупредувачки индикатор е дека 15 проценти од младите посакале да го напуштат местото каде што живеат сега од неколку причини како немање поддршка од родителите, изложеност на емоционално насилство, принудување на присилна работа и друго.
Најголемиот страв со кој се соочуваат 40 проценти од младите е осаменоста, стравот од отфрлање (33 проценти), изолација од пријателите (27 проценти). Загрижувачки податок е дека кога се чувствуваат тажно или вознемирено, само една половина од младите разговараат со некого за своите чувства, а 36 проценти немаат со кого да разговараат.

Менталното здравје – приоритет
Отсуството на меѓуинституционална соработка за посветеност и работа во оваа област останува незабележано до јануари 2024 година. Тогаш, на иницијатива на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), на владина седница се усвојува национална Стратегија за ментално здравје кај млади 2024-2026 година. Стратегијата носи четири главни приоритетни цели што државата треба да ги реализира и исполни до крајот на 2026 година и кои треба да придонесат кон грижата за менталното здравје на младите.

Фокусирајќи се на дигитално ментално здравје, превенција, намалување на употребата на супстанци и насилството на интернет, стратегијата е поставена да може да одговори на најжешките прашања што ги покажуваат истражувањата.
При самото усвојување на стратегијата е усвоена и одлука за формирање национално координативно тело што треба да го следи спроведувањето на стратегијата, да врши мониторинг и евалуација и да обезбеди поддршка на институциите одговорни за спроведувањето. Сепак, формирањето на ова тело останува на политичката волја, како и давање приоритет на менталното здравје од страна на владата.

Во меѓувреме, НМСМ обезбедува поддршка на сите млади лица преку различни активности како работилници, обуки, бесплатни претплати на апликации посветени на ментално здравје и благосостојба, едукативни видеа и кампањи и други техники  достапни на mladihub.mk како прирачници и интерактивни мапи на сите бесплатни места и организации што нудат услуги за ментално здравје кај млади.

(Авторката е програмска менаџерка во Национален младински совет на Македонија) 

Напишете коментар