Доза вести

Екодебата „Светла иднина“: Отпадот – од инспирација до реализација

Време на читање: 4 минути

Треба да излеземе од удобната зона, да бидеме креативни како да создаваме помалку отпад и да размислуваме што ѝ правиме на нашата животна околина со секое наше однесување. Сакаме повеќе да се обрнува внимание на екологијата во образовниот процес, преку реални проекти и практики, а не само теоретски – велат гимназијалци од „Панче Арсовски“ од Скопје, кои учествуваа на дебатата „Светла иднина“ посветена на тоа како се справуваме со отпадот, што беше организирана минатата недела во резиденцијата на Европската Унија во Скопје.

Дебатата, чиј директен повод е изложбата „Розеви тигри и златни гуштери и уште што не“, инспирирана токму од начелата на Зелениот договор, е прва од планираната пролетна серија во организација на Делегацијата на Европската Унија, во соработка со галеријата „Акантус“. Ученици, професори, уметници, експерти за животна околина, екоактивисти се обединија и разговараа на горливата тема. Прво дело од кое се инспирираа за дискусија беше „Светла иднина“ на уметникот Ајваз Озбек, дел од самата изложба. Преку делото, изработено од отпадно железо, уметникот ги претстави четирите страни на светот, сите споени во форма на светилка, навестувајќи ја нашата огромна потреба од енергија.

– Летниот период имаше многу пожари кај нас. Знаеме дека при пожар се сушат дрвјата. Дрвото поставено во централниот дел на делото е исушено. Светилката како енергија што ја имаме ни го претставува делото. Моите соседи почнаа да ми нудат шрафови, некако почна природно рециклирање во маалото. Колегите уметници сè почесто користат рециклирачки материјали за своите дела и тоа ме радува – вели Озбек.

Бојан Д. Георгиевски од галеријата „Акантус“ истакна дека изложбата укажува на моменталните грижи и проблеми во сите општества на нашата планета, а повеќето уметници се фокусирале на биодиверзитетот.

– Вана Урошевиќ и Зоран Тодовиќ изработија видео што ги разгледува проблемите на биодиверзитетот. Велимир Жерновски се фокусира на моќта на регенерацијата кај гуштерите, Маја Кировска го отвори прашањето што може секој поединец со малку труд да направи за подобрување на нашата околина. Ненад Тонкин, инспириран од детски цртежи, од рециклирани материјали создаде скулптури и зборува за губењето на живеалиштата – истакна Георгиевски.

Домаќинот на настанот, Пол Бускот, истакна дека токму преку уметноста ќе бидат водени дискусиите зашто „таа е гласот на срцето, на душата.“

– Овде сме да разговараме, да упатиме пораки за работи што можат да бидат направени за оваа земја да биде подобро место за живеење – рече Бускот.

Модератор на дискусијата беше Мила Јовановска од организацијата „Биди зелен“, која нагласи дека е многу важно отворено да се зборува за проблемите, а особено што климатските активисти најдоа начин преку уметноста да повикаат на акција.

– Отпадот многу придонесува за загадувањето на животната средина и за климатските промени. Секој од нас може да биде добар пример и да шири еколошката свест – истакна таа.

На младите им пречи што нема доволно јавна свест, сакаат повеќе да се зборува и дејствува на оваа тема во образованието.

– Јас сум од Петровец и кај нас нема такви контејнери. И нема како да се рециклира, а сакам да го правам тоа. Уште од 4. одделение учествувам во екопроекти. Морам да кажам дека првенствено наставниците ни даваат добар пример. Јас неодамна научив дека постојат машини за пластични шишиња кои потоа ти даваат пари или некоја друга награда. Тоа треба и кај нас да се примени – вели еден од средношколците.
За негов соученик, оваа тема треба да биде секогаш актуелна и со повеќе акции и кампањи по медиумите, но и на училиште. Младите се самокритични и признаваат дека не размислуваат премногу на темата како да го намалат количеството отпад и дека им е тешко да излезат од удобната зона. Тие, исто така, признаваат дека и ковид-пандемијата придонела за нивно созревање и добивање појасна слика за животната средина и нашето влијание врз неа.

Наставничка по биологија од „Панче Арсовски“ посочи дека екологијата се изучува на училиште, но дека оваа проблематика треба да се изучува преку реални примери и практики, а не теоретски како тема во едно полугодие.

– Ние како училиште преку нашиот Екоклуб имаме многу активности кои ги спроведуваме заедно со учениците, зашто учениците се преоптоварени со теоријата, потребни се реални активности. Децата можат повеќе да се изразат преку примена на различни практики, а не само да знаат дефиниции за областа. И не треба да се поврзуваат само наставниците по биологија и природни науки со оваа проблематика. Таа е проблематика на сите сфери од општеството. Ние како наставници реализираме и екосодржини како дел од наставните планови по сите предмети. Детето од мали нозе се учи за еколошката свест. „Гледај ме што правам, а не што зборувам.“ Детето го гледа родителот дома. Нас многу често нè ставаат на тапет дека не сме ги научиле. Примерот е најдобар начин – истакна таа.

Иван Дургутов, млад европски амбасадор од иницијативата на Европската Унија, забележа дека екологијата е тема што младите денес ја чувствуваат како поблиска. Тој посочи дека општеството сè уште нема создадено атмосфера за таа да се сфаќа посериозно.

Ана Каранфилова-Мазневска, одговорна на Секторот за справување со отпад во Министерството за животна средина и просторно планирање, им доближи на младите што значат законите што ги имаме и каде може да се информираат за сè што ги интересира на темата.

Низ интересни примери, Виктор Христов, експерт за цврст отпад, им објасни на младите различни аспекти од справувањето со отпадот.

– Отпадот е вид цивилизациска вредност. Затоа што кога ќе видиме како во некои земји добро се справуваат со отпадот, знаеме да кажеме: „Овие се поцивилизирани од нас.“ Доколку  влезете кај некого дома, ако не е чисто, мислите дека не е добар домаќин. Во 20 години сум работел во над 30 земји во светот. Законите секаде се релативно добри. За жал, кај нас примената законите е многу бавна – вели Христов.

Промените треба да дојдат од вас, младите, а ние, возрасните, треба да се трудиме да создадеме услови за тоа, им порача на младите Филип Ивановски од „Пакомак“.

– Инфраструктурата полека ја градиме, знаеме дека не е доволно, но мора да ја смениме перцепцијата за нашата околина. Совеста треба да нè натера да го бараме соодветниот контејнер каде да го одлагаме отпадот. Акт на најголема љубов кон државата е да се грижите за вашата околина – заклучи Ивановски.

Напишете коментар