Доза вести

Елена Чемерска е добитничка на наградата „Денес“ за млади визуелн уметници

Елена Чемерска е петнаесетта по ред добитничка на наградата ДЕНЕС за млад(а) визуел(е)н/а уметни(к)/чка до 35 години.

Организатори на изборот за наградата ДЕНЕС се „Факултет за работи што не се учат – ФР~У“ во соработка со Центар за современи уметности – Скопје.

Наградата подразбира двомесечен престој во Њујорк, САД во студијата на Residency Unlimited (RU) Inc. и покривање на сите трошоци за престојот на уметницата како и техничка, кураторска и административна поддршка на кариерата и запознавање на мрежа на уметници и куратори, сето тоа со финансиска поддршка на фондацијата Trust for Mutual Understanding од Њујорк.
Чемерска беше една од четирите финалистки, меѓу кои и Ана Јовановска, Ана Лазаревска и Симона Манчева. Според интернационалната жири комисија, специјално креирана за оваа награда, во која членуваат Катја Крупеникова, кураторка и критичарка, доцент на ХКУ Универзитетот за уметности, Утрехт и дел од кураторскиот тим на Фондацијата В-А-Ц, Москва; Пол Ластер, писател, уредник, куратор, уметнички предавач, уредник во ArtAsiaPacific и Whitehot Magazine of Contemporary Art; Биљана Тануровска Ќулавковски, продуцентка, кураторка и истражувачка, претседателка на организацијата Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата; Алберт Хета, уметник, дизајнер, уметнички менаџер и уметнички директор на Стацион – Центарот за современа уметност, Приштина, Косово и Верица Ковачевска, уметничка и претходна добитничка на наградата ДЕНЕС, одлучија Чемерска да ја добие наградата бидејќи нејзината пракса која продолжува и во новото дело дека треба да се поддржи и дека дополнително може да се развива во поинаков контекст од овој.

Во рамки на онлајн изложбата, Чемерска се претстави со делото „Со овие одломки ги потпрев урнатините свои“ кое е просторна инсталација, вклучувајќи масло на платно, звук, светлина, боја, метал.
Линк од делото 

Краток опис на делото: Преговарајќи со Јанусовата глава на модерноста и модернизмот, Со овие одломки ги потпрев урнатините свои се стреми да отвори дијалог со домашното и регионалното уметничко модернистичко наследство и да ги допре критичните точки во односот помеѓу човекот и начинот на кој што тој ја гради сликата за историјата и за иднината, во сегашниот миг и специфичниот културен контекст во кој се наоѓаме.

Инсталацијата е сочинета од видео (Чекор кој ветува, 15’39, 2021) архитектонско-скулптурална конструкција и насликано платно (Значењето им бега на моите зборови, 310 cm x 180 cm, 2020). Делото е поставено во релација со некогашниот објект на Месната заедница Тафталиџе- и самиот модернистичка урнатина, архитектонски симбол на едно време од партикуларна важност за градот, лоциран во резиденцијална населба во Скопје, Северна Македонија.
Соработници: Архитект: Владо Данаилов;Актерка: Ивана Павлаковиќ; Камера: Александар Мижимаков; Звук: Еми Емилова.

Елена Чемерска (1991) е визуелнa уметничка и истражувачка од Скопје, Северна Македонија. Таа се интересира за врската помеѓу сеќавањето и начинот на кој што човекот ја создава основата на која ја темели иднината, и тоа како се обидуваме да ја разбереме и фиксираме историјата во нејзината слика.

Му приоѓа на човечкото искуство низ призмата на она што Паоло Вирно го дефинира како врската помеѓу меморијата- трага длабоко втисната во нашето искусување на сегашноста, и иднината- хоризонт на можност. Нејзината работа се материјализира првенствено низ сликарство, цртеж, видеo.

Таа е магистер по уметност на Master Institute of Visual Cultures, AKV St. Joost School of Art and Design, Сертогенбош, Холандија. Изложби и проекти во земјата и меѓународно: “Ничии прагови конкретно”, МКЦ, Скопје,Северна Македонија; “Monumental Fluxus”, Expoplu, Најмеген, Холандија; “Monument to Freedom- Conversations”, Private Print Studio, Скопје, Северна Македонија; “Transition”, Eye Museum, Амстердам, Холандија итн. Моментално живее и работи измеѓу Скопје и Берлин.

Напишете коментар