ЕЛИФ ШАФАК: ИТНО НИ Е ПОТРЕБНО ГЛОБАЛНО СЕСТРИНСТВО И СОЛИДАРНОСТ
Се соочуваме со војни, конфликти. Зборуваме за ова кога има итност, како сега во Укрaина, или во Авганистан, Сирија, во земја по земја, во регион по регион. Секаде каде што гледаме конфликт, жените и сексуалните малцинства страдаат диспропорционално. Затоа е критичен момент и не можеме да земеме ништо здраво за готово, посочи познатата писателка и активистка за правата на жените, Елиф Шафак, која беше една од говорничките на регионалната конференција „Партнерства за превенирање и одговор на сексуалното насилство“ која се одржа неодамна.
Конференцијата, преку излагања на три писателки, Шафак, Румена Бужаровска и Лана Басташиќ, преку споделување податоци од истражувања и панел дискусија на која присуствуваа стручни лица од регионов и од ЕУ, понуди преиспитување на критичните препораки за политики за спречување и одговор на сексуалното насилство во регионот на Западен Балкан и Турција.
– Сега сме во критичен момент, пред нас е критичен крстопат. Гледaме ескалација на сексуално насилство и родова дискриминација на повеќе нивоа. Од една страна, ги носиме искуствата од пандемијата, кога, во секоја земја имаме зголемување на стапките на семејно насилство. Во исто време, ни се случуваат и климатски пореметувања, а со секоја студија се посочува дека во вакви околности, особено жените и децата страдаат диспропорционално. Кога и да има раселувања, гледаме зголемување на кршењето на сексуалните права и родовата дискриминација – посочи Шафак.
Таа потенцираше и дека, она за што не се зборува многу, е порастот на популистички националистички и опортунистички движења.
– Ваквите движења суштински ги допираат правата на жените. Не можеме да им дозволиме да стојат на патот на женските права. Во име на „заштита на традиционалните семејни вредности“ тие, скоро како повратна реакција, се против правата на жените, и исто така против ЛГБТИ+ правата. Ова веќе го видовме. Ова носи дополнителен предизвик, особено во нашиот регион, но и понатака – вели таа.
И основните права може да ни бидат одземени
Авторката на „10 минути, 38 секунди“, „Четириесет правила на љубовта“, „Чест“ и други, се присети на една случка од времето коа живеела во Истанбул.
– Една млада американска ученичка ми кажа дека е разбирливо тоа што сум феминистка бидејќи живеам во Турција, но сигурно не би била ако живеев во Америка, Канада или во таканаречениот развиен свет. Особено после 2016 година, со сите промени, со растот на популистичките движења, знаеме дека не постои ваква поделба на земјите. Сите ние живееме во променливи времиња. Ова значи дека, дури и основните права, кои, претпоставуваме дека секогаш ќе постојат, можат да ни бидат одземени. Земјите не одат само кон напредок, понекогаш тие „се лизгаат“ наназад. Кога ќе се случи тоа, кога земјите паѓаат во ултранационализам, религиозен фундаментализам, или во некој вид популистички, тоталитарен авторитарен режим, првите права кои ќе бидат ускратени и зауздани ќе се правата на жените и на малцинските заедници. Поради многу причини, сега сме на ваков крстопат. Мислам дека она што навистина е итно потребно, е глобално сестринство и глобална солидарност. Никој од нас го нема луксузот да не биде доволно ангажиран, распрскан, отсечен. Нашите гласови се важни, нашите приказни се важни, но исто така тишината е важна. За жал, темите за адресирање на сексуалното насилство, системското силување доживуваат тотална тишина во средината на нашите култури.
Активистката зборуваше и за важни елементи во поглед на тоа како да ги зајакнеме оние кои се омаловажувани и како да ставиме поголем фокус на луѓето кои се чувствуваат поинаку.
– Треба да зборуваме за тоа како да ги рехуманизираме луѓето кои биле дехуманизирани. За мене како раскажувачка, приказните се важен начин да се пристапи на ова прашање. Кога ги слушаме нашите приказни, прво разбираме дека не сме сами, се справуваме со тишините. Особено литературата и уметноста се многу важни за жените, да зборуваат за својата вистина. Неверојатно е важно да зборуваме за различностите, за еднаквост, инклузија – сподели Шафак.
Писателката, професорка и активистка за правата на жените, Румена Бужаровска сподели дека во вакви критични времиња, улогата на интелектуалците, уметниците, не е само да продуцираат уметност и дела, туку и да ги коментираат ситуациите. Исто така, таа кажа и дека позитивно е што состојбите се променети на подобро денес, во однос на пред 20 години, но останува уште многу, и дека сега жените не се сами, имаат сестринство кое секогаш ќе биде тука за нив.
Писателката и преведувачка Лана Басташиќ сподели трауматска приказна од нејзиното детство, која ѝ послужи и како инспирација за расказ од нејзината збирка „Млечни заби“, посочувајќи дека заслужуваме свет во кој клучот во џеб нема да го гледаме како моќно оружје со кое би се одбраниле против насилници, туку едноставно, како клуч.
Адресирајќи го молкот на овие прашања, говорниците на конференцијата поттикнаа дискусии со кои треба да се осигураме дека ништо нема да остане некажано и дека ќе нè инспирира за акција.
Конференцијата посочи и на важноста на криминализирање на силувањето и насилството, имплементирање механизми за полесен пристап до правда за жртвите, активности за поддршка и помош, како и доведување на сторителите пред правдата.Меѓународната конференција беше во организација на мрежата WAVE во рамките на регионалната програма за спречување на насилството кон жените и девојките во Западен Балкан и Турција „Имплементирање на норми – промена на ставови“, финансирана од ЕУ.
Повеќе за темата од конференцијата на овој линк.