Енис и Мираџ: Приказна за истрајност, поддршка и право на прилагодени можности

„Промената и вработувањето дојдоа неочекувано, но, сепак, точно на време.“ Со овие зборови, Енис и Мираџ Асипи го опишуваат својот пат кон првото вработување, во „Zara“ и „Pull and bear“. Нивната приказна е повеќе од секојдневен успех – таа е потврда за силата на поддршката, на менторството и на адаптираните можности за лицата со попреченост.
Анета Ристеска
Енис (20) и Мираџ (19) се двајца браќа, кои, иако се родени во свет без звуци, не дозволуваат ништо да ги сопре да создадат свој пат кон успехот. Преку програмата ‘менторство за вработување’, тие најдоа работа во продавница на моден бренд, каде сега работат исполнети со гордост и со благодарност. Нивното патешествие е слика за важноста на прилагодените можности и на поддршката што доаѓа од најблиските и од заедницата.
Иако Енис е поактивен и повклучен, а Мираџ порезервиран, и двајцата ги прифатија предизвиците кои ги носи животот како глувонеми лица. Нивното семејство, исто така глувонемо, е нивен најголем столб, а чичко им, брат на татко им, е клучен во нивната комуникација со надворешниот свет. Секојдневните предизвици, како тешкотиите со документи и несоодветните работни услови во минатото, сепак, не ги спречија да бараат подобро.
Преку социјалното менторство за работна интеграција, најдоа не само работа, туку и место каде се чувствуваат вреднувани и среќни. Нивната приказна е инспиративна, но и потсетник: колку е важно бизнисот да создава инклузивна работна средина.
„Промената и вработувањето дојдоа неочекувано, но, сепак, точно на време.“
Со овие зборови, Енис и Мираџ Асипи го опишуваат својот пат кон првото вработување – во „Zara“ и „Pull and bear“. Нивната приказна е повеќе од секојдневен успех – таа е потврда за силата на поддршката, на менторството и на адаптираните можности за лицата со попреченост.
Нивната нова работна средина е суштинска спротивност на претходните искуства што ги имале.
Посебно за Енис кога бил деловно злоупотребен во една градежна фирма.
– Таму не бев ниту доволно платен, а и работата беше несоодветна. Овде, пак, во „Zara“, сè е поинаку. Сè тече како што треба. Благодарам на менаџерите и на персоналот, вели тој.


Патот на Енис и Мираџ кон вработување започнал со чекорите на поддршка од нивниот чичко, Агим Румејса, кој повторно ги поврзал со учителката од основното училиште, Викторија. Таа, пак, ги запозна со социјалната менторка Магдалена Чадиноска Кузманоски, која стана нивен водич и поддршка во постигнување на целта – успешна интеграција и прифаќање во прилагодена работна средина.
Сега денот им има две смени.
– Наутро сум на училиште, а попладнето работам во „Pull and bear“. Работата е организирана. Менаџерот ни кажува која облека треба да се подреди, и имаме пауза за кафе или цигара, раскажува Мираџ.
Иако се задоволи, сонуваат за повеќе.
– Сакам да работам и по осум часа, но сега се фокусирам на завршување на училиштето, вели Енис.
Семејната поддршка е клучна за браќата. Иако нивните родители, се, исто така, глувонеми, тие се потпираат на чичкото Агим и неговото семејство.
– За секој план или потреба, морам да се консултирам со чичко ми, признава Енис.
Не застануваат тука. Енис има големи соништа. Сака да има свој стан, да се ожени и да создаде свое семејство.
– Секој ден размислувам како да ги реализирам овие планови, додава тој.
Признава дека патот е тежок, но, истовремено и дека е оптимист.
– Многу сум среќен во моментов, и се’ би направил да ја задржам работата. Се’ што сакам е да имам шанса да работам и да живеам достоинствено, вели Енис.
И тој, и брат му Мираџ, се жив доказ дека таквите шанси не треба да бидат привилегија, туку право за сите.
Испраќаат порака на благодарност до целото свое опкружување и поддржувачи, до чичко им Агим, до менторката Магдалена, менаџерката Јелена, до учителката Викторија… А посебно чувствуваат благодарност до нивните баба и дедо, кои сега се починати, но, безрезервно се грижеле за нивниот раст и развој, додека биле деца.
– Благодарни сме на сите. Голем поздрав до секој кој ни даде шанса, велат тие.

Кога луѓето имаат желба и елан, се рушат сите бариери
Соработката со Енис и Мираџ започна сосема случајно, но брзо стана приказна за рушење бариери, вели нивната социјална менторка, Магдалена Чадиноска Кузманоски.
Иако ѝ било прво искуство во работа со глувонеми лица, „сепак се најде начин за разбирање“, вели таа.
– Најважно беше да им се даде можност – и тие ја искористија на најдобар можен начин. Кога луѓето имаат желба и елан, се рушат сите бариери. Преку нашата програма ги доистраживме нивните капацитети и најдовме начин да ги ставиме во служба. За кратко време се поврзавме со „Индитекс груп“, каде што веднаш оставија позитивен впечаток и почнаа со работа. Ова е уште еден доказ дека секој човек носи вредност – само треба да се препознае и да се поддржи, вели Чадиноска Кузманоски.