Интерактивни приказни, Лице в лице

Епидемија на хормонални нарушувања и болести на ендокриниот систем: како индустријата и стресот влијаат на нашето здравје?

Време на читање: 11 минути

Расте бројот на лица што умираат како последица на болести на ендокриниот систем и болести на метаболизмот што, според научниците, во голема мера е  поврзано со хемикалиите со кои сме во секојдневен контакт и кои ја нарушуваат функција на жлездите со внатрешно излачување. Во последните 70 години во животната средина биле пуштени повеќе од 80.000 хемикалии, а  85 проценти од нив  никогаш не биле оценувани за можните ефекти врз здравјето на луѓето. Се смета дека 1.500 хемикалии што го нарушуваат ендокриниот систем, користени во пакувањата, пестицидите и биоцидите, козметиката и играчките, придонесуваат за многу случаи на болести на ендокриниот систем како рак, дебелина, дијабетес, болести на штитната жлезда, предвремен пубертет, како и растечките стапки на неплодност

Адријана Георгиев
Фотографии: Ирина Крстевска

Во земјава, 10 проценти од жените во репродуктивниот период страдаат од полицистични јајчници, а во последните 10 години процентот рапидно се зголемува, покажуваат податоците на Светската здравствена организација. Според мислењето на лекарите,  причината, меѓу другото, е во поголемото консумирање преработена храна богата со прости шеќери. Македонија ги следи светските трендови кога е во прашање неплодноста. Причините, велат лекарите, не се знаат, но врз основа на светските студии, проблемот е во надворешните фактори, како загадувањето, исхраната, но и прекумерниот стрес, кои влијаат на хормоналната рамнотежа. Според податоците на Светската здравствена организација, во пораст се и болестите на тироидната жлезда, нарушувањата на менструалниот циклус, раната менопауза и малигните болести на репродуктивните органи од кои голем дел се поврзани со нарушената работа на хормоните.

  • Според последната статистика во Македонија, во 2021 година, 1662 лица починале како последица на болести на ендокриниот систем и на болести на метаболизмот. 

Ендокриниот систем е мрежа од жлезди, кои произведуваат и ослободуваат хормони. Овие хормони помагаат во контролирањето на многу важни телесни функции, вклучувајќи ја способноста на телото да ги претвора калориите во енергија, која ги напојува клетките и органите. Нарушувањата на овој систем се случуваат ако нивото на хормоните е премногу високо или премногу ниско или ако телото не реагира на хормоните на очекуван начин. 

Болестите на ендокрините жлезди (како што се штитната жлезда, надбубрежните жлезди, панкреасот и други), кои вклучуваат нивни нарушувања, зафаќаат милиони луѓе во светот.  Според СЗО, најдоминантен е дијабетесот, кој зафаќа од 422 милиони луѓе во светот. Синдромот на полицистични јајчници е нарушување од кое страдаат  6 до12 отсто од жените во репродуктивна возраст во светот и е една од водечките причини за неплодност, а изразено е присутна и остеопорозата, која зафаќа 200 милиони луѓе, особено жени по менопауза и постарите лица. Карциномите на ендокриниот систем, пак, вклучувајќи и рак на штитната жлезда, тумори на хипофизата и рак на надбубрежните жлезди, се релативно ретки, но, сепак, зафаќаат милиони луѓе.

Нарушувачите на хормоните присутни во козметиката, играчките, кутиите за пакување

Порастот на овие болести, според мислењето на научниците, е поврзан со стресот, но и со хемикалиите со кои сме во секојдневен контакт и кои ја нарушуваат функцијата на жлездите со внатрешно излачување. Во последните 70 години во животната средина биле пуштени повеќе од 80.000 хемикалии и 85 проценти од нив никогаш не биле оценувани за можните ефекти врз здравјето на луѓето, а значителен број од тие што биле тестирани сега се верува дека го зголемуваат ризикот од сериозни здравствени проблеми.

Нарушувачите на хормоните се една категорија на овие хемикалии за кои научниците се загрижени. Тие можат да ја променат критичната хормонална рамнотежа, која е неопходна за правилно здравје и развој во сите фази од животот на жената. 

Во јуни 2018 година, Европската агенција за хемикалии (ECHA) ги објави своите упатства за тоа како да се идентификуваат супстанции со својства што ги нарушуваат својствата на ендокриниот систем, а се наоѓаат во пестицидите и биоцидите. Беше изработена и Стратегија на заедницата за нарушувачи на ендокриниот систем, која ги постави краткорочните, среднорочните и долгорочните дејства што треба да се преземат за да се реши нивното потенцијално еколошко и здравствено влијание во рамките на ЕУ.

Според студија за тековната состојба на процената на нарушувачи на ендокриниот систем, повеќе од 1.500 хемикалии, користени во пакувањето, пестицидите и биоцидите, козметиката и играчките, придонесуваат за многу случаи на рак на ендокриниот систем, дебелина, дијабетес и за болести на штитната жлезда и растечките стапки на неплодност, а ова генерира трошок меѓу 157 и 270 милијарди евра годишно во здравствени трошоци и изгубени приходи. 

Во земјава постои законска регулатива за употреба на хемикалии, која се усогласува со европските директиви, но тоа што недостига е практична примена на законите.

Не можеме да влијаеме на сè што се случува во светот, но можеме да контролираме што користиме во нашиот дом, нашата безбедна зона, во близина на нашето семејство

Данче Серафимовска е креаторка на програмата „Дом без токсини“

Раниот пубертет и неплодноста сè почести проблеми

Хормоните играат клучна улога во репродуктивното здравје на жените. Тие ги регулираат менструалниот циклус, плодноста, менопаузата и сексуалниот нагон. Секој животен период, од феталниот развој до постменопаузата, вклучува директна врска меѓу хормоните и начинот на кој телото се развива и функционира. Кога оваа врска е во рамнотежа, помага во создавањето услови за добро здравје, а кога е нарушена, може да доведе до низа здравствени проблеми, кои можат да бидат болни и разорни.

Сè повеќе научни докази покажуваат дека некои индустриски хемикалии, познати како нарушувачи на хормоните, можат да ја нарушат оваа рамнотежа. Како резултат на тоа, жените може да бидат под поголем ризик од здравствени проблеми како што се неплодност и рак на дојка. Не постои формула што моментно може точно да го одреди ефектот што нарушувачите на функцијата на ендокрините жлезди ќе го имаат врз здравјето на жената, но истражувањата покажуваат дека ефектите зависат од моќта и дозата на хемикалијата, времето на изложеност и вкупното здравје на поединецот, кое може да биде обликувано од генетска предиспозиција, диета, навики за вежбање, расни и економски нееднаквости, сексуалнопреносливи болести, пристап до здравствена нега и многу други фактори.

Нарушувачите на работата на ендокрините жлезди влегуваат во телото кога дишеме, јадеме, пиеме или преку контакт со кожата. Тие се наоѓаат во  производи како козметика и пластични контејнери. Можат да потекнуваат од индустриско загадување и чад од цигари. Некои пестициди се нарушувачи и можат да завршат во нашата храна и во нашите води.

Едно од почестите хормонални нарушувања кај жените е ран пубертет, кој е причина за сè поголема загриженост. Тој се поврзува со синдром на полицистични јајчници, дебелина, рак на дојка, депресија, а нарушувачи што се поврзуваат со овие болести се фталати, BPA, некои пестициди како ДДТ, PCBs, PBBs, чад од цигари и DES.

Проблемот е што се фокусираме на блокирање на симптомите, место да го бараме коренот на проблемот. Не треба да се прашуваме „како да се намали овој и оној симптом“, туку „од каде е овој симптом, што го создава, што го поттикнува“. Женските болести немаат единствена причина, туку неколку фактори предизвикуваат различни симптоми. Збир од нив помага да се утврди дијагнозата. Има многу фактори на кои можеме да влијаеме. Можеме да избереме целосна и нерафинирана храна и на тој начин да го намалиме внесот на адитиви, вештачки вкусови и бои, да избереме поквалитетни производи за домаќинството, декоративна и препаративна козметика со цел да се намали изложеноста на штетните ефекти на хемикалиите, односно на хормоналните нарушувачи и да се олесни телото од овие токсини, вели Данче Серафимова, авторка на програмата „Дом со ниско ниво на токсини“ и активистка за животна средина со помалку токсини.

Еден од проблемите што особено ги засегаат жените и женското здравје, а се поврзуваат со хормоните, е неплодноста или тешкотии при забременување. Тешко е да се каже точно колку луѓе се соочуваат со проблеми со плодноста, но, според податоците на Светската здравствена организација, 17 проценти од  возрасната популација во светот има проблеми со плодноста. Овој број се чини дека се зголемува во последните две децении, најмногу кај жените помлади од 25 години, а причини се пестициди, чад од цигари, фталати и PCBs. 

Жените страдаат и од полицистични јајчници, миоми на матка, ендометриоза, спонтани абортуси, проблеми со лактација, рак на дојка и нивните врски се сè позабележливи со нарушувачи на ендокрините жлезди како што се BPA, чад од цигари, пестициди како ДДТ и други.

Нарушувачите можат да предизвикаат штета на повеќе генерации. Најјасен пример, опишан во медицинската литература и објавен во „ПАБ мед“ и „Националната медицинска библиотека“, е DES, лек што периодот од 1940 година до 1970 година бил даван на бремените жени во светот, првенствено во САД, за да се спречат спонтани абортуси (иако бил неефикасен), Многу од ќерките на жените што го користеле DES се соочуваат со неплодност и рак на репродуктивните органи и дојките. Истражувањата на животни покажуваат дека и внуките на жените што го користеле DES се изложени на ризик за рак на јајчници и на матка.

Козметичките производи на второ место како трујачи на организмот, по воздухот 

Според последните податоци на Институтот за јавно здравје, во Македонија во 2021 година (последната статистика е од тогаш), од 1.662 лица што починале како последица на ендокрини болести, 967 се жени. Лекарите велат дека земјава ги следи статистиката и трендовите во светот кога се во прашање заболувањата на ендокриниот систем. За жал, недостига точна статистика  за голем дел од заболувањата на ендокриниот систем.
Тоа што се забележува е покачен тренд, кој, велат, се должи на новиот начин на живот, покаченото ниво на стрес, лошата исхрана. Влијание, како што објаснуваат, имаат и хемиските предизвикувачи, но досега не се направени конкретни испитувања.

На терен, пак, се присутни  многу невладини организации и поединци што се занимаваат со овој проблем и кои постојано апелираат на штетноста на хемикалиите.

Ме радува податокот што луѓето во Македонија секојдневно стануваат сè посвесни за негативните последици по здравјето предизвикани од пестицидите, вештачките ѓубрива, разните конзерванси, адитиви, вештачки бои, мириси присутни во храната и се трудат колку што е можно помалку да ги внесуваат. Тоа за што речиси не се свесни е присуството на потенцијално штетни и докажано штетни супстанции во козметиката што секојдневно ја користат. Според некои истражувања, козметичките производи заземаат високо второ место кога е во прашање токсичната оптовареност на организмот, веднаш по воздухот, односно тоа што го внесуваме по пат на вдишување – вели Јана Цветковска-Лазаревска, дипломирана фармацевтка и специјалистка по фитотерапија.

Како пример таа ја наведува рутината  од седум чекори за нега на лице со која во  текот на едно деноноќие во организмот внесуваме повеќе од  100 различни хемиски соединенија. За некои од нив, објаснува Јана, постојат извештаи од страна на Федералната агенција за лекови на Соединетите Американски Држави  и на другите соодветни институции за нивна штетност не само локално на кожата, туку и за системски несакани ефекти. Такви се, на пример: триклосан, фталати, сулфати, парабени, вештачки бои и мирис.

Придобивките од замена на конвенционалната козметика со природна, вели Јана, се многубројни, од намалување на степенот на токсична оптовареност на организмот и системско дејствување на одделните компоненти, здрава, убава, негувана кожа со помалку брчки…Затоа, препорачува, клетките на кожата да се негуваат и  хранат исто како што се негува и храни која било друга клетка од организмот, затоа што кожата е дел од нашиот организам исто како што е и секое друго ткиво и орган.

Опкружени сме со штетни хемикалии и не можеме да избегаме од тој факт. Ги има во нашите омилени мирисливи свеќи, подготвителна и декоративна козметика, нашата омилена маичка и, секако, во повеќето средства за чистење, па дури и во тие што се рекламираат како еко или природни производи. Не можеме да влијаеме на сè што се случува во светот, но можеме да контролираме што користиме во нашиот дом, нашата безбедна зона, во близина на нашето семејство. Ако ја набљудуваме околината, ќе заклучиме дека има сè повеќе луѓе и деца со проблеми со кожата како дерматитис, разни егземи, тие со проблеми со респираторниот систем, како и жени со хормонални нарушувања, неможноста да се зачне. Тоа е производ на животниот стил што го негуваме во оваа модернизирана доба, без да размислуваме за последиците и штетите што се веќе направени – вели активистката Данче Серафимовска.

Тоа што загрижува е не само фактот што сè поголем број жени се соочуваат со проблеми поврзани со хормонален дисбаланс, туку и тоа што проблемите се јавуваат уште во периодот на раното детство.

Сè повеќе се дискутира за можниот ефект на естрогенот од храната од животинско потекло (млечни производи, месо) врз раниот почеток на пубертетот кај девојчињата и врз плодноста кај мажите и жените. Постојат набљудувачки студии, кои покажуваат дека девојчињата што биле најмногу изложени на животински протеини, во споредба со групата на тие што биле најмалку, влегуваат во пубертет седум месеци порано. Причината не е самото консумирање месо, туку употребата на хормони за раст и хранењето на добитокот со жито што е загадено со пестициди и хербициди. Познато е дека пораното појавување на првата менструација претставува ризик за некои хронични болести во зрелата возраст, како што се ракот на дојката и други видови рак зависни од хормони – вели Серафимовска.

Со сигурност, објаснува таа,  е познато дека ефектот на нарушувачите на работата на ендокрините жлезди е најголем и најдалекосежен во одредени чувствителни периоди од животот како што се пренаталниот развој, детството и адолесценцијата. Постои сомневање дека токсичноста во овие периоди е можна дури и при помали дози, а промените што се случуваат на таа возраст имаат тенденција да компензираат или се неповратни (непроменливи). Пестициди како што се ДДТ, полихлорирани бифенили, фталати (пластификатори), полифлуорирани соединенија во облогите на тави, контејнери за храна, парабени во козметиката и фармацевтските производи и многу други природни и вештачки хемиски соединенија, вели Данче, често се споменува дека ја нарушуваат работата на ендокриниот систем.

Хормоналните заболувања кај жени се сериозен здравствен проблем во целиот регион и имаат големо влијание на квалитетот на животот и на репродуктивното здравје. Истражувањата покажуваат дека фактори како генетската предиспозиција, животните навики, исхраната, изложеноста на хемикалии и нарушувачи на работата на ендокрините жлезди, како и социјалните и економските фактори може да влијаат на развојот и напредокот на овие заболувања.
Раната дијагноза и третман се од клучна важност за да се спречат потенцијални компликации и да се подобри животниот стандард на жените што се соочуваат со овие состојби. Лекарите се согласуваат дека се потребни натамошни студии и истражувања за подобро да се разбере влијанието на хормоналните нарушувања на жените, како и за развој на нови методи на третман и превенција. Ова ќе овозможи  жените да добијат поефективна медицинска поддршка и да водат здрав живот во сите фази на својот живот. Освен тоа, потребно е усогласување на националните регулативи со регулативите на ЕУ (Македонија, Албанија, Косово, Црна Гора и БиХ) во делот на користење хемикалии познати како нарушувачи на хормоните, но и нивно активно спроведување во практика.

Препораките на лекарите одат во оваа насока. Потребни се редовни контроли во делот на женското и машкото здравје. 

Како да се заштитиме?

Дел од болестите на ендокриниот систем, доколку се откријат навреме, можат успешно да се лекуваат и да овозможат релативно нормален живот. Животните навики играат голема улога овде. Правилна исхрана, физичка активност, избегнување храна со конзерванси, употреба на козметика на природна база и, секако, усогласување на националното законодавство со законодавството на ЕУ во делот на регулативата на нарушувачите на хормоните. Има многу фактори на кои можеме да влијаеме. Можеме да избереме целосна и нерафинирана храна и на тој начин да го намалиме внесот на адитиви, вештачки вкусови и бои, да избереме поквалитетни производи за домаќинството, декоративна и препаративна козметика со цел да се намали изложеноста на штетните ефекти на хемикалиите, нарушувачи на хормоните и да се олесни телото од овие токсини.

-Тоа како јас гледам на работите, е дека сите овие информации не мора да ни предизвикуваат страв. Благодарна сум што ни се достапни. Не мора да одам да завршам факултет за медицина за да знам како функционира моето тело, да можам да бидам критички настроена и да умеам да реагирам за моите потреби – вели Данче и тоа е, можеби, најдобрата порака кога станува збор за тоа како да се соочиме со предизвиците на модерното време и неговото влијание врз нашето здравје.

Споделување на лична приказна на тема „Како промената на средината може да влијае на менструалниот циклус?“

Кликнете на фотографиите за да прочитате интервјуто со гинекологот Весна Маркова <———–

Нашиот разговор со психологот Емина Петкова пак, на кој се фокусираме на менопаузата, е достапен со клик на сликата ————>

Резултати од анкетен прашалник „Контрацепцијата е важен дел од сексуалното и репродуктивното здравје

За многу млади луѓе, терминот контрацепција не е познат до подоцна во животот, кога почнуваат да бидат изложени на изборот на контрацепција. Поголема едукација и информативни кампањи ќе помогнат во борбата против несаканите бремености и сексуално преносливите болести, а истовремено ќе овозможат младите луѓе да донесат информирани и одговорни одлуки за своето здравје. Тука може да го најдете прашалникот.

Напишете коментар