Еве како си поминав во Ранковце на ранчот „Кантрисајд“
Продавачот на „Лице в лице“, Кристијан Марковски – Кико учествуваше на инклузивниот настан „Сите сме еднакви“ кој го организираше ранчот „Кантрисајд“ изминатава недела, по повод Светскиот ден на лицата со попреченост. Текстов е содржина на Кико, негово гледање на дружењето и целиот настан.
Фото: Europe House Крива Паланка
Пеење, дружба со жителите на ранчот „Кантрисајд ритрит“, запознавање со многу нови луѓе и со производите на социјални претрпијатија од прекуграничните области помеѓу Македонија и Србија, многу разговори и споделување идеи, сето ова го имаше на настанот „Сите сме еднакви“ кој се одржа минатиов викенд во Ранковце.
Ме воодушеви позитивната енрегија на сите луѓе таму. Уживав во музиката на Наталија и нејзиниот бенд. Имав можност и да пејам на микрофон. Не дека сакам да запловам во музичките води, но уживам во музиката и благодарност до бендот што ми отстапи простор на бината за една од песните. Од возбуда, не се ни сеќавам што точно пеев, знам дека на сите ни беше многу забавно и интересно.
Во канцеларијата на „Лице в лице“, работам со социјалната менторка Маги, а таму се запознав со магаре кое се вика Маги. Продадов многу честитки, немаше присутен кој не купи. Само Маги не купи, немаше ситно, но затоа, се сликавме заедно
Еве ја нашата заедничка фотка
Ми беше пријатен и разговорот со Ирина Тошева, модната креаторка и голема поддржувачка на „Лице в лице“, со уште една Ирина, мојата пријателка и поддржувачка од „АРНО“, со Марија од „Кантрисајд“…
Приказните кои ги споделија на панел дискусијата ми беа поучни. Тоа се луѓе кои почнале од нула, многу се трудат за да го развијат своето мало социјално претпријатие. Многу се трудат, имаат успеси, а неприликите не ги демотивираат.
Можеби и вакви настани се клучни за да видат дека не се сами во оваа работа.
Прочитајте повеќе за ранчот, во текстот објавен во актуелното издание на „Лице в лице“.