Глобалниот граѓанин не толерира неодговорност
Жените се помалку застапени на раководни позиции, па овој контекст е дел од дебатата за тоа како жените може да го придвижат одржливото работење. Се работи на долг и напорен процес, па алармирам дека се потребни програми кои ќе го олеснат овој процес за компаниите со надворешна експертиза и еднократни субвенции, особено за малите и средните компании. Притоа, раководните структури во компаниите мора да се свесни дека глобалниот граѓанин нема да толерира неодговорни компании во блиска иднина и ЕСГ ќе претставува карта за учество глобалниот натпревар.
Близу 300 учесници и над 40 панелисти од Индија, Португалија, Египет, Словенија, Хрватска, Турција и земјите од нашето соседство ќе бидат дел од „Women Economic Forum – Balkans 2024“, настан што ќе се одржи утре и задутре во хотел „Скопје Мериот“. Целта е препознавање и вмрежување на жените за водење бизнис во сите делови од светот.
По тој повод, разговараве со организаторката на овој настан, Македонка Димитрова, професорка и експертка за зелени и одржливи бизниси.
Скопје за прв пат е на мапата на глобалната организација Женски економски форум, со настанот кој вие го организирате на 2-ри и 3-ти октомври. Целосното собирање средства, логистика и организација беше во ваши раце, па која беше вашата мотивација и идеја за да го организирате?
Пред две години бев номинирана да ја претставувам нашата земја на Женскиот економски форум во Тирана, Албанија. Номинацијата дојде од моето крило за комуникација, посредување и застапување, едно од 100-те во рамки на организацијата „Г100“, кое го сочинуваат повеќе од 50 лидерки од Македонија. Мојата средба со стотина жени како и блискиот контакт со основачката на „Г100“, д-р Харбин Арора Раи, беа мотив да организираме Женски економски форум во Скопје, што претставува конференциска платформа за поголема видливост, глас, препознавање и вмрежување на жените за водење бизнис надвор од границите.
Водени од мотото „жените го обликуваат светот“ во изминатите шест месеци, заедно со Ленка Угриновска, претседателката на здружението на жени менаџери „Елит“ и мини тим поддржувачи и пријатели, успеавме во намерата да го донесеме Форумот во Македонија! Се работи за енергија која ме движеше да креирам програма со 43 панелисти од Индија, Португалија, Египет, Словенија, Хрватска, Турција и земјите од нашето соседство, а која привлече близу 300 посетители!
Идејата беше заеднички, во еден глас од Македонија да испратиме пораки за јакнење на жената во општеството.
Многу се зборува на темата родова рамноправност, но, колку, според вас, е направено?
Во последните неколку години се менуваат практиките и сѐ повеќе родовата рамноправност е препознаена од страна на јавните институции. Особено ме радува што сите понови стратегии вклучуваат ваков сегмент. Понатаму, невладиниот сектор реализира бројни иницијативи поддржани од меѓународните институции и преку нив разни целни групи се стекнуваат со знаење за практична примена на алатки за поттикнување родова еднаквост. Јас лично пред две години бев дел од една практична обука за родово одговорно буџетирање, и би рекла дека тоа стекнато знаење ми покажа како во мојата секојдневна работа да бидам родово сензитивна. Постојат смерници кои сите ние треба да ги применуваме, а за тоа ни треба едукација и надополнување на знаењата. Тука треба уште многу да се делува.
Како овој настан ќе придонесе кон оваа тема?
Форумот ги третира проблемите и предизвиците, но и успесите со кои жените се соочуваат, пред сѐ на работното. Како што вели Индра Нуи, една од 100 највлијателни жени во светот, и поранешна директорка на милтимилионска компанија, и директорките се домаќинки, пријателки, мајки, партнерки, сопруги, снаи, и секојдневно се справуваат со сиве овие улоги.
Ќе се обидеме на Форумот да понудиме одговори за олеснување на споменатите улоги на жената. Но, и да овозможиме размена на искуства поврзани со признавање на улогата на жената во општеството и економијата. Исто така, делуваме во насока на поттикнување на зајакнувањето на жените, особено во техничките науки. Ја истакнуваме и улогата на жените како катализатори за одржлив развој и зелена транзиција, придобивките од моќта на глобалните мрежи како што е „Г100“ и нивната улога во споделувањето знаење, ресурси и системи за поддршка на жените преку границите.
Како една од централните теми на „Лице в лице“ е економското зајакнување на жените, а една од вашите главни говорнички на Форумот ќе зборува токму за зајакнување на жените во бизнисот, д-р Харбин Арора Раи, која е основачка на „Г100“ и на Женскиот економски форум во Индија. Што ќе слушне публиката од неа?
Мене лично, нејзината едноставност и смиреност ме пленија на прв поглед, а енергијата со која зрачи е таква, што ви дава сила да поместите планина! Таа ќе говори за филантропска мисија на петтe бесплатни платформи меѓу кои „G100“, WEF и „SHEconomy“ обезбедувајќи унапредување на жените во сите сфери на животот со интегрирана визија и инклузивни вредности. Со моќна мрежа од 500.000 жени во 150 земји и растење кон целта за вклучување на еден милион жени во 2024 година, овие екосистеми и сестрински платформи се меѓу најголемите глобални заедници на жени ширум светот. Таа ќе ги повика деловните жени од Западен Балкан да ги понудат своите производи и услуги на „SHEconomy“ бесплатна платформа и апликација за е-трговија.
Известувањето за ЕСГ е обврска и одговорност на сите компании кои се стремат да придонесат кон одржлива планета, но и благосостојба на човештвото. Носат ли, жените во бизнисите нова вредност во оваа насока? Ве прашувам и како професорка, но и како професионалец на полето на одржливоста во бизнисите, а во контекст на панелот кој го имате на настанот.
ЕСГ, да појаснам, е вид на нефинансиско известување на компаниите, кое интегрира три главни компоненти во процесите на донесување деловни одлуки, и тоа влијанијата врз животната средина (Е), начинот на однесување кон вработените, заедниците и општеството во поширок контекст (С), и структурите на управување, кои овозможуваат етичко и транспарентно раководење (Г). ЕСГ овие принципи ги интегрира во стратешките и инвестициските одлуки на компаниите, со што се овозможува покомплетен и мерлив пристап кон одржливоста. ЕСГ известувањето се наметнува, во прво време, за компании кои котираат на берза, но опсегот брзо ќе се прошири според најавите на ЕУ, особено под водство на еврокомесарката Урсула фон дер Лајен, која се залага за реализација на Зелениот договор, донесен во нејзиниот претходен мандат.
Истражувањата укажуваат дека ЕСГ треба да се гледа низ призма на корпоративните финансии, што директно влијае на оперативната ефикасност, намалувањето на ризикот, репутацијата на брендот и иновациите. На пример, компаниите кои работат одржливо и инвестираат во мерки за енергетска ефикасност и примена на обновливи извори на енергија може да доведе до зголемена профитабилноста и поконкурентни производи и услуги.
Но, компаниите ги движат луѓе, а реалноста покажува дека жените се помалку застапени на раководни позиции. Tокму во овој контекст ќе дебатираме како жените може да го придвижат одржливото работење и да одиграат клучна улога во поттик како и развој на ЕСГ извештај. Се работи на долг и напорен процес, па алармирам дека потребни се програми кои ќе го олеснат овој процес за компаниите со надворешна експертиза и еднократни субвенции, особено за малите и средните компании. Притоа, раководните структури во компаниите мора да се свесни дека глобалниот граѓанин нема да толерира неодговорни компании во блиска иднина и ЕСГ ќе претставува карта за учество глобалниот натпревар.
Споделете ни податоци за процентот на жени на раководни позиции во бизнис секторот кај нас, наспроти мажи. Што значат овие, наспроти бројките од земјите од регионот?
Истражувањата покажуваат дека вклучувањето жени во управните одбори придонесуваат за поголема разновидност во размислувањето и во одлуките на одборите, што резултира со подобри резултати. Со различни перспективи и искуства, жените во управните одбори донесуваат нови идеи и иновации, што ги засилуваат отпорноста на промени и конкурентноста на компаниите. За жал, малку истражувања постојат во Земјите од Балканот. Истражувањете на Здружението на жени менаџерки „Елит“, во кое гордо членувам ни покажа дека кај нас се најбројни жените на раководни позиции во банкарскиот сектор, но нефинансиските компании се далеку од посакуваното.
Повеќето земји во Европската Унија почнаа да воведуваат или размислуваат да воведат квоти за зголемување на родовата застапеност во корпоративните одбори. Норвешка прва воведе законски квоти за родов баланс во 2003 година, за најмалку 40% застапеност на жени на директорски позиции. Шпанија, Белгија, Франција, Италија, Холандија и Германија ги исто така направија промени во својата регулатива.
Замислете дека ваша е одлуката за тоа во која насока ќе мораат да функционираат бизнисите во светот. Кои се трите приоритетни области на кои ќе мора да се направат најголемите промени во насока на одржливост, грижа за луѓето и за планетата?
Потребна ни е нова генерација бизниси, кои својата добивка ќе ја распределуваат правично во опкружувањето, нема да се водат само од краткорочни добивки туку од долгорочно одржливо работење.
Малку и за Македонка приватно… Професорка, мајка, сопруга, лидерка…
Во тек е кампања на „Лице в лице“ за кревање свест за менталното здравје. Ја насловивме „Отплеткај се! Земи што ти треба“. Како вие се „отплеткувате“, како ги „полните батериите“ и што ви е потребно за баланс во животот?
Уф, многу тешко прашање! По природа сум љубопитна, и сѐ сакам да научам, а и секому да му помогнам, понекогаш се прашувам од каде сета таа енергија. Веројатно од мотивацијата преку пример да покажам дека сѐ се може со љубов, посветеност, и за мене можеби најбитна особина, професионалност. Најчесто се „отплеткувам“ во домашниот мини парк во кој со сопругот и синот имаме засадено 450 дрвја во изминатите осум години за кои сами се грижиме. Ме одмора сликањето, ме прави среќна готвењето и полна куќа насмеани луѓе. Но, најмногу сила ми даваат патувањата, кои сама ги планирам. Средбата со културите, храната, и историјата не престануваат да ме восхитуваат, и токму оттаму добивам сила и инспирација за мали и големи потфати како што е впрочем и претстојниот Женски економски форум – Балкан 2024!
Фотографии: WILP и приватна архива на Димитрова
- Една трансплантација чини колку една годишна дијализа
- Менторството како мост за промена: Од несигурност и страв кон самодоверба и самостојност
- Со „Лице в лице“ честитките множиме добрина, делиме радост
- Донаторска акција „Стопли детско срце“ – во Startup Club Skopje
- Хуманитарен настан во организација на ХЕРА: Промоција на креативноста на младите девојки и поттикнување на општествена солидарност