Блог, Жени Херојки

Пронајди го својот центар, биди центар, биди Сузе!

Време на читање: 5 минути

Прво несвесно а потоа и свесно, почнав да размислувам и да ги препознавам обрасците коишто се повторуваа кај сите жени, обрасци коишто ги правеа да бидат во центарот – прекрасни и успешни во тоа што го работат. Каква е таа жена којашто знае како да биде во центарот? Сега ќе ја наречам Сузе, иако под овој псевдоним стојат сите споменати и неспоменати жени, коишто ја поседуваат истата или слична комбинација на особини.

- банер -

Aна Котевска

Кога разговарав со „Лице в лице“ за авторски текст за жените во руралната средина, почувствував наплив на радост затоа што е тема со којашто многу се поврзувам. Нема да пишувам како истражувачка, со бројки и референци, туку ќе пишувам како набљудувачка и НЛП практичарка, кадешто научив дека „ако некој може, секој може“.

Синовите и сопругот седат, мајката стои и нè служи

Во почетоците со мојата истражувачка работа пред 20-тина години, со мојата драга колешка Александра, имавме идеја да се запознаеме со улогата на жената во спроведувањето на менаџмент активностите на земјоделските стопанства. Таа идеја ја реализиравме со голем ентузијазам. Посетивме 20-тина земјоделски стопанства во регионот на Прилеп. Интервјуата ни дадоа увид во истражувачките прашања коишто си ги поставивме. Добиените наоди ги презентирав на стручен собир на Европската асоцијација на агроекономистите, кадешто имаше голем интерес за нашата тема и се отвори голема дискусија после презентацијата. Во тоа време, не наидовме на таква поддршка во нашата земја за да го прошириме примерокот и регионалната покриеност. После неколку години имавме идеја да ги контактираме истите земјоделски стопанства и да видиме како се развиле тие жени и нивните домаќинства низ годините. За жал, болеста на модерното време ја зема жената која ни беше локален водич и воедно, контакт со сите тие прекрасни жени. Тука застана таа наша идеја.

За мене, како дете израснато во градот и опкружување со целосна поддршка за сите мои активности во домот и надвор од него, ова искуство ми донесе и дополнителни увиди. Тогаш за прв пат се сретнав со жени кои за времето на целиот разговор молчаливо стоеја покрај сопругот и синовите и повремено дошепнуваа некои информации, коишто очигледно беа во нивниот домен на делување. За мене не беше разбирливо ни моментот дека синовите седеа со нас за време на целото интервју, а мајката стоеше и нè служеше сите нас кои седевме на масата.

- банер -

Договорна поделба на задачите

Љубов, страст, желба за учење, љубопитност, храброст…

На едно неодамнешно патување, веднаш после интензивната обука за лидерки којашто ја поминував, сè уште под импресии од обуката, добив еден интересен подарок – можност да се запознаам со една силна жена, Сузана. Додека разговаравме, ме плени нејзината енергија, храброст и отвореност за учење. Впечатокот ме држеше и после враќањето од тоа патување. Прво несвесно а потоа и свесно, почнав да размислувам и да ги препознавам обрасците коишто се повторуваа кај сите нив, обрасци коишто ги правеа да бидат во центарот – прекрасни и успешни во тоа што го работат.

Каква е таа жена којашто знае како да биде во центарот? Сега ќе ја наречам Сузе, иако под овој псевдоним стојат сите претходно споменати и неспоменати жени, коишто ја поседуваат истата или слична комбинација на особини.

Првата работа која ми го привлекува вниманието кај секоја Сузе е љубовта со која зборува за својот дом и својата работа, којашто ја чувствува како дом. Ние жените, знаеме како да го направиме дом секое место кадешто поминуваме повеќе време, нели? Љубовта, како интензивно позитивно чувство, повлекува и страст во тоа што се работи, како локомотива која влече напред и извор на енергија за сите товари што ги носи секојдневието.
Втората работа што ја има Сузе е образование. Иако не работи според тоа што го учела, желбата да учи, да го проширува знаењето, да стекнува нови искуства, да посетува различни обуки и работилници, ја прави подобра од сите други коишто не го прават тоа. Затоа драги жени и родители на ќерки, учете. Можеби не секогаш ќе имате можност да учите кадешто сакате, ама секое место ќе ви донесе искуство и дополнителна вредност.

Кога сме кај учењето, животот сам по себе е едно големо училиште. Особено ако работите во земјоделство, кадешто работата ви е тесно поврзана со услови коишто не зависат од вас. Дали ќе фати мраз или суша, дали ќе фати силен ветер и дожд на несобран род, дали другите со кои соработувате ќе ве остават сами да продолжите, дали ќе започнете со нешто што не го знаете. Сузе знае дека не постои неуспех, туку само резултат од којшто ќе научи нешто ново. Животот носи вакви и слични лекции. Тука на сцена доаѓа третата особина којашто ја има Сузе и ја придвижува да продолжи понатаму – храброст и желба да истрае. Честопати луѓето храброста ја поистоветуваат со отсуство на страв. Напротив, храброста е сила да се продолжи напред и покрај стравот од непознатото. Кај Сузе храброста е придружена со истрајност да оди до крај и да ги оствари целите кои таа си ги има поставено. Таа има свој фокус на интерес. Сузе знае што сака.

Сузе знае како да ги повлече и другите да го следат нејзиниот пат. Да одат на заеднички патувања во земјата и странство. Некои жени за прв пат ќе отидат во Охрид. Наоѓаат поволни дестинации и сместување кај свои познати во странство, се договараат која што ќе готви за да си ги намалат трошоците за храна. Ќе ја посетат Италија или некоја друга земја. Сузе е лидерка, таа знае како да ја придвижи желбата кај другите жени да сонуваат заедно со неа. Но не само да сонуваат, туку и заедно да делуваат. А тука се јавува уште една моќна општествена појава, заедницата. Сузе не делува поединечно, таа делува заедно со другите жени околу неа. Заедно се надополнуваат и прават една прекрасна сложувалка од искуства, споделувања и поддршка. Сузе е лидерка на промени. Таа не ги менува само жените околу неа, туку и нивните сопрузи. Потоа, тие се јавуваат кај Сузе со барање да се вклучат и нивните сопруги во овие дружби.

Сузе е љубов, страст, желба за учење, љубопитност, храброст, истрајност, фокус, лидер, заедница, лидер на промени…
Сузе е жена. Секоја жена којашто го чита овој текст длабоко ги поседува овие ресурси, само треба да ги разбуди и да ги вклучи во својот живот.

Работниот наслов на овој текст ми беше жената во центарот. Тоа не значи дека жената е секогаш во самиот центар. Таа некогаш стои настрана и делува со сета своја моќ. Таа е центар на своето опкружување, свесна е за тоа и таа свесност ѝ дава контрола над својот живот. Драги жени, читателки на овој текст, пронајдете го својот центар, бидете центар, бидете Сузе.

Сакам да ѝ се заблагодарам на Сузе и на сите жени коишто стојат позади ова име во овој текст, што ми дозволи да учам и јас од неа. Пишувајќи го текстот, сфатив дека и јас сум Сузе, и горда сум на тоа.

***

Авторката е професорка на Факултет за земјоделски науки и храна -Скопје, НЛП практичарка и сертифицирана учесничка на Лидерската програма за жени со влијание (Women of Impact Leadership Program, WILP)

Фотографии: Freepik.com

Напишете коментар