„Гоу Грин“: Загрижени сме за предлог-изменатa на Законот за урбанизам која се носи по брза постапка
Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу Грин“ изрази загриженост за најновата предлог-измена на Законот за урбанизам која се носи по брза постапка, без соодветна јавна дебата и учество на засегнатите граѓани и граѓанскиот сектор.
„Оваа промена не само што го исклучува гласот на јавноста, туку и претставува закана за нашето јавно добро. Со оваа измена, ќе се овозможи уништување на јавни простори и непочитување на постоечките квалитетни законски решенија. Дополнително, изградбата на гаражи за автомобили ќе го зголеми бројот на возила на улиците, наместо да се поттикне користење на алтернативни и еколошки превозни средства“, велат од „Гоу Грин“.
Од организацијата велат дека наместо промени на законите, министерот за транспорт треба да се фокусира на подобрување на велосипедската и пешачка инфраструктура.
„Овие промени треба да се спроведуваат со унифициран и универзален дизајн, што ќе го олесни користењето на алтернативни превозни средства и ќе придонесе за почист и попријатен град за сите нас“, додаваат од „Гоу Грин“.