Децата сакаат игра и разговор, наместо критика
Во воспитно-образовниот процес во предучилишните установи, детето ги поставува темелите на идната личност, создава пријателски односи на толеранција и почитување на различностите со другите деца и возрасните, учи да биде кооперативно и да ги почитува различните мислења.
Авторка на текст: Лидија Николовска-Георгиевска
Автор на илустрации: Зоран Инадески
Детето е биосоцијално битие кое, задоволувајќи ги своите потреби уште од најрана возраст, учи за себе и за светот околу него. Во првата година од животот, има базична потреба за сигурна, социо-емоционална врска со еден од родителите / старателите
Децата се најсериозни и најтемелни истражувачи, вели познатиот детски психолог и научник Жан Пијаже. Фундаменталната потреба за движење и самостојност кај нив, ја препознаваме токму во спонтаната игра преку која детето ја истражува околината. Најпрво, децата учат за себе, за своите физички и интелектуални можности и чувства, а потоа за другите луѓе, за светот што ги опкружува – растителениот, животинскиот, материјалниот, за природата. Втор агенс на социјализација на детето се предучилишните установи каде стручниот персонал, тимски (воспитувачки, негувателки), во соработка со стручните работници и соработници (психолог, педагог, социјален работник, дефектолог), имаат задача да ја структуираат средината со разновидни дидактичко-игровни средства, да планираат и реализираат воспитно-образовни содржини и да развиваат различни стилови на учење. Со тоа, тие имаат задача да овозможат низа ситуации и средини каде детето самостојно и автентично ќе решава низа проблеми, ќе ги истражува особините на предметите, појавите, односите и процесите, ќе стекнува одреден квантум на знаења, и меѓу другото, ќе ја развива својата имагинација, а со тоа и својата психичка резилиентност.
Одговорност за создавање средина за оптимален раст и развој
Во градинките, детето ги поставува темелите на идната личност, создава пријателски односи на толеранција и почитување на различностите со другите деца и возрасните, учи да биде кооперативно и да ги почитува различните мислења. Децата постoјано по нешто трагаат – набљудуваат, истражуваат, играат, пеат, ја празнат акумулираната напнатост. Дилемите ги разрешуваат со низа прашања, создавајќи мрежа од поими за себе и за светот. Токму поради ова, одговорноста за создавање топла, позитивна и стимулативна средина за оптимален растeж и развој на детето од најрана возраст имаат повеќе чинители: родителите/стрателите, стручните лица во предучилишните установи и училиштата, и секако, политичарите.
Возрасните го водат детето низ неговиот развој – од зона на сегашниот, кон зоната на идниот развој. Ја имаат и обврската да постават јасни и разбирливи граници за однесувањето на детето, да бидат конзистентни и доследни во своето однесување, да поттикнуваат чувство на одговорност и да го насочуваат детето кон согледување на последиците од несоодветното однесување. Фокусот треба да е на разговор, наместо на наредби и критика, почесто поткрепување и наградување на позитивно однесување, повторување на активностите и нивно вежбање.
Воспитно-образовните содржини/активности кои се презентираат на детето преку игри, прошетки и набљудувања, посети, контакти и прослави во предучилишните установи, исто така, се структуирани според возраста на децата, но, пристапот е прилагоден на интересите и стиловите на учење на детето.
Соработката меѓу предучилишните и училишните установи е клучна
Критичен период во развојот на децата е периодот на поаѓање на училиште. Ова бара посебно внимание и подготовка за да може детето полесно да го прифати и да се адаптира на училишниот амбиент. Постојат добри практики на меѓусебна соработка помеѓу предучилишните установи и училиштата, како заеднички активности, креативни и едукативни работилници и еко-акции со децата, родителите и учениците, средби со училишни литературни, ликовни и музички секции, и меѓусебно презентирање на творбите. Но, и на трансфер на информации за подготвеност и зрелост на децата за училиште од согледувањата на педагошко-психолошката служба и други стручни лица од предучилишните установи до училиштата.
Придобивките од оваа конекција се повеќекратни. Детето, пред сѐ, полесно и покреативно се адаптира на нова средина, станува покомпетентно, асертивно, резилиентно, сигурно во себе, има позитивна слика за себе, отворено е за учење и менување на себе и околината, развива ненасилна комуникација и колаборација.
Придобивка имаат и родителите. Добиваат појасна слика за интересите, знаењата, способностите и можностите на детето, се формира партнерски однос со образовните институции, се развива можност за инволвирање и придонес во самиот образовен процес на детето, со што воедно и родителот за себе гради слика како позитивен родител.
Ваквата поиставеност носи предности и за наставниот и друг стручен кадар во училиштето. Стручната служба има можност да формира похомогени одделенија во однос на знаењата и способностите на учениците и со самото тоа наставниците да имаат ист старт. Им се дава можност полесно, побргу и пообјективно да формираат слика за знаењата, капацитетите, силните и слабите страни на децата -потенцијлни првачиња, а со тоа поадекватно да ја креираат средината за учење, а и пристапот на презентирање на наставните содржини да е по мерка на детето.
Овој пат на размена на информации и соработка на предучилишните установи и училиштата, поради континуитет, економичност и систематичност на образовните влијанија на два подситема во образовниот систем, треба да се продлабочува и да се равива во насока на конзистентност и задолжителност.
(Авторката е психолог и психотерапевт)