Хуманитарна изложба „За Кираца од пријателите“
Под мотото „Ако љубов немам – ништо не сум“ вечер во 20.30 во „НЛБ Галерија“ ќе биде отворена хуманитарна изложба во чест и спомен на хуманистката и економист Кираца Апостолова.
-На јубилејот 35 години од нејзиното раѓање, сите кои ја познаваа Кираца ќе имаат можност да ѝ оддадат почит со нивното присуство на настанот организиран од нејзиното семејство Апостолови, а приходот од продажбата на уметничките дела кои ги донираа наши еминетни сликари, ќе бидат наменети за лекување на деца од одделот за онкологија на Универзитетската клиника за детски болести, најавуваат организаторите.
Настанот ќе биде збогатен со културно-уметничка програма и гостување на еминентни уметници како Виолета Томовска, естраден уметник, Сузана Тодоровска, водител-драматург, Хорот „Св.Злата Мегленска“ под диригентската палка на Виолета Полизова. Музичко-сценската програма во чест на Кираца Апостолова ќе ја збогати и Васил Атанасов – обоист.
-Во спомен со љубов, од сѐ срце, за помош на тие на кои им е најпотребна, своите уметнички дела ќе ги донираат сликарите: Павле Кузмановски, Сергеј Андреевски, Мирослав Масин, Љупчо Саздов, Марјан Ризов, Виолета Силјан, Решат Ахмети, Дејан Иванов, Ѓорѓи Миленковски, Климе Коробар, Емил Шулајковски и дел од учесниците на Меѓународната ликовна колонија ДОЈРАНА, стои во најавата.
Организаторите на изложбата „За Кираца од пријателите“, со повик за учество во хуманитарната изложба и како што велат, да се спаси детски живот.
Изложбата ќе биде отворена секој ден од 9 до 17 часот, и ќе трае до 7-ми септември.