(IN MEMORIAM / 1945-2023): Вашата големина останува да живее, проф. д-р Мариа Доневска!
Kомеморативната седница за проф. д-р Мариа Доневска ќе се одржи на 29.06.2023 (четврток) со почеток во 11 часот, во Сала за седници, на Филозофскиот факултет.
Последен поздрав ќе се одржи во сабота, (1 јули), на Градските гробишта Бутел, во терминот од 10 до 11 часот.
Тажната вест за заминувањето на проф. д-р Мариа Доневска пристигна во месецот кога се одбележува работата на социјалните работници. Нејзината посветеност, професионалност, неуморност и постојана научна љубопитност, ќе бидат само мал дел од епитетите кои за неа ги имаат нејзините студенти, колеги и соработници, како редовен професор во пензија на Институтот за социјална работа и социјална политика при Филозофскиот факултет во Скопје.
Преку оставените дела, со нејзината големина, ќе се запознаваат и сите други следни генерации кои за професија ќе ја одберат онаа која во својата срж ја има емпатијата и безрезервното давање. Таква беше и професорката Доневска. Секогаш подготвена да сподели, поттикне, инспирира, поддржи, насочи, да отвори нови хоризонти и перспективи.
Беше член на Советодавниот одбор на „Паблик“. Тимот ја имаше привилегијата да соработува со неа и да сведочи за нејзината професионална, но, и човечка несекојдневна димензија.
Ќе ни недостасува нејзината благост во пристапот, приодот кон предизвиците, шарм, смисла за хумор, нејзините совети, бистар ум, идеи како да се направи чекор повеќе, чекор подалеку.
Проф. д-р Мариа Доневска дејствуваше незапирливо и остави силна трага кај сите што ја познаваа. Нејзиниот дух ги поврзуваше и тие што не се познаваа, ги зближуваше по мисијата што ја чувствуваше кај нив.
Почивајте во мир, драга професорке.
Ви благодариме за сѐ, ќе ја продолжиме вашата мисија и ќе живеете низ делувањето на „Паблик“.
Сочувство до семејството.
——-
Професорката Доневска беше коавтор во следните изданија на Паблик:
- Бездомништвото околу нас: јавно, скриено, потенцијално (2016)
- Апстракт – „Бездомништвото околу нас: јавно, скриено, потенцијално“ (2016)
- Граѓанскиот сектор и општествените промени – вклученост и влијание (2018)
- Реинтеграција на бездомните лица сместени во Прифатниот центар „ЧИЧИНО СЕЛО“ (2018)
- Водич за социјално менторство (менторство за работна интеграција) (2019)
- Едукативната програма за градење на капацитетите на социјалните ментори (2019-2020)
- Водич за ментори за професионална интеграција на работно место (професионалци што овозмoжуваат одржливи вработувања во организациите) (2022)
Професорката Доневска ја постави дефиницијата и категоризацијата на бездомништвото како: ЈАВНО БЕЗДОМНИШТВО, СКРИЕНО БЕЗДОМНИШТВО, ПОТЕНЦИЈАЛНО БЕЗДОМНИШТВО, како и инструментот за мерење длабочина на бездомништвото
Достапно на: https://public.org.mk/instrument-za-merene-dlabochina-na-bezdomnishtvoto/
Професорката Доневска ја постави структурата на инструментот за мерење на општественото влијание на граѓанските организации
Достапно на: https://public.org.mk/merene-na-opshtestvenoto-vlijanie-na-graganskite-organizatsii/
Професорката Доневска учествуваше во верификувањето на едукативната програма „СОЦИЈАЛНО МЕНТОРСТВО (менторство за работна интеграција)“ при Центарот за образование на возрасни и даваше поддршка во градењето на капацитетите на првите 20 социјални ментори во Северна Македонија и регионот на Западен Балкан.
Професорката Доневска безрезервно го поддржуваше социјалното менторство како мерка за поквалитетен и кон човекот-фокусиран систем на социјална заштита, како и кон неговото институционализирање.
—–
Прва детска амбасада Меѓаши ќе одржи комеморација во вторник , 27 јуни, во 12 часот, во просториите на организацијата на ул. „Коста Новаковиќ“ 22а, Скопје.
Сите кои планираат да учествуваат, треба да се најават на 075 451397.
Kомеморативната седница за проф. д-р Мариа Доневска ќе се одржи и на 29.06.2023 (четврток) со почеток во 11 часот, во Сала за седници, на Филозофскиот факултет.
—–
Проф. д-р Мариа Доневска беше доктор по хуманистички науки, како и доктор по социјална работа и социјална политика, редовен професор во пензија на Институтот за социјална работа и социјална политика при Филозофскиот факултет во Скопје. Завршила студии по социјална педагогија на Филозофско-историскиот факултет на Универзитетот во Лоѓ, Полска, каде што одбранила докторска дисертација по хуманистички науки (1977). На Филозофскиот факултет во Скопје одбранила втор докторат, по социјална работа и социјална политика, во 1994 година.
Фокус на научната работа на проф. Доневска беa: теоријата и методите на социјалната работа, сиромаштијата, социјалната исклученост и волонтерството. Проф. Доневска беше визитинг професор на Универзитетот во Ниш, Србија и на Отворениот Универзитет во Варна, Бугарија каде предавала Теорија и методи на социјалната работа. Била член на првата Комисија за лиценцирање на лица вработени во социјална заштита со пет годишен мандат.
Проф. Доневска соработувала со голем број национални и меѓународни организации, како Републички завод за социјални дејности, Прва Детска Амбасада Меѓаши, УНПРЕДЕП, УНДП, УНИЦЕФ, Институтот Отворено општество, Граѓанското Здружение ХОПС, консултант на организацијата Паблик, како и со универзитите во Стокхолм, во Лоѓ и во Краков. Била раководител или коавтор на повеќе национални проекти, како: Национална стратегија за намалување на сиромаштијата (2002); Развој на општините преку култура (раководител, 2002); Национална стратегија за одржлив развоj на Р. Македонија (2003), Милениумски развојни цели (2004).
Проф. Доневска е автор на повеќе од 100 публикации, објавени во земјата и во странство и автор на прирачници и книги, од кои се издвојуваат книгите Теоретски основи на социјалната работа (Филозофски факултет, 1999) и Социјална работа во локална заедница (Филозофски факултет, 2006).
Фото: Томислав Георгиев